Филипче не прифаќа поддршката од 30 денари за пациент, место на матичните, да се префрли за лекување во странство

Од:

Министерот за здравство, Венко Филипче, не ја прифаќа иницијативата на некои од матичните лекари кои побараа предвидената субвенција од 30 денари од пациент доколку над 70 отсто од пациентите им се вакцинирани против Ковид-19, место кај нив, да се префрли на посебна сметка во Фондот за здравство, која ќе се користи за лекување пациенти во странство. Некои од матичните се откажаа од владината помош оти сметаат дека најавените 30 денари од пациент се понижување за лекарите и девалвирање на нивниот труд, а собрани на едно место може да помогнат за лекувањата во странство.

„Мерката за стимулација или бонус на матичните лекари е усвоена на Владата и не е предвидена нејзина измена, односно пренамена на средствата што како бонус треба да ги добијат матичните лекари. Вакви слични мерки за стимулација на матичните лекари одамна веќе постојат во многу земји во светот, како и во регионот. Целта на оваа мерка е да се зголеми стапката на вакцинација, многумина од матичните лекари ја поддржаа и позитивно ја поздравија оваа мерка“, велат од кабинетот на министерот Филипче за „А1он“.

Матичните лекари, кои јавно се откажаа од субвенцијата заедно со иницијативата парите да се пренаменат за лекувања во странство, го потсетија министерот дека пет години чекаат на ветеното високо вреднување на капитацискиот бод за нив. Му укажаа и дека не им треба стимул за тие да им објаснат на пациентите за вакцинацијата оти и без стимулација го прават тоа веќе со месеци.

Од Министерството, пак, велат дека имало рекордни покачувања на платите во јавното здравство.

„За две години, направени се и рекордни покачувања на платите во јавното здравство. Од септември 2018 година во континуитет почнаа да им се зголемуваат платите на здравствените работници. Зголемени се и коефициентите за исплата на дежурства и ноќен труд на медицинскиот кадар, а зголемен е капитацискиот бод на матичните лекари од општа пракса, гинекологија и стоматологија“, велат од кабинетот на министерот Филипче.

Еднократната финансиска награда од 30 денари за вакциниран пациент за матичните лекари министерот Филипче ја предложи, а Владата ја изгласа по откажувањето од предложената мерка само вакцинирани да одат на работа и договори тестирањето на вработените што не смее или не сакаат да се вакцинираат да го плаќа работодавецот. Против оваа мерка се изјасни Организацијата на работодавците на Македонија и со допис ја извести Владата, која не ги прифати вака предложените мерки за стимулација на вакцинирањето против Ковид-19.

Би можело да ве интересира

Матичните лекари згрозени од убиството: Треба ли да се плашиме дека некој после работа може да не убие

Горан Наумовски

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Чолакова Дервишова: „Мој Термин“ пак не работи, илјадници пациенти не можат да добијат хронична терапија

Орце Костов

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска