Матичните се откажуваат од 30-те денари: Парите префрлете ги за лекувања во странство на наши сограѓани

Од:

Матичната лекарка Марија Михајлова од ПЗУ „Семед Марија Михајлова“ се откажа од најавените 30 денари по вакциниран пациент и побара парите за нејзината ординација да се префрлат на сметка наменета за лекувања во странство. Михајлова смета дека на матичните лекари не им треба стимулација туку вреднување на трудот.

„Наместо поддршка, најавените 30 денари по пациент за докторите се понижување и девалвирање на трудот. Како тим, немаме намера да ги принудуваме пациентите на вакцинација, а не ни требаат пари за да посочиме дека имунизацијата е важна и неопходна за секој кој сака да се заштити од коронавирусот. Патем, тоа сме го правеле и досега, бидејќи е наша одговорност. И затоа, бараме средствата наменети за ПЗУ ‘Семед’ д-р Марија Михајлова да бидат трансферирани во Фондот за здравствено осигурување, на сметката наменета за помош при лекувања во странство на наши сограѓани. За тоа, бараме да ни се достави доказ, дека завршиле на вистинско место“, вели Михалова.

Со оваа мерка, според неа, се погази достоинството на лекарите. Таа потсетува дека  матичните лекари, кои беа први на ударот на пандемијата, пет години чекаат покачување на капитациониот бод,

„Со денови слушаме од пациенти кои велат ‘ајде докторке ние сме вакцинирани ќе земете 30 денари’. Можеби некој од нив и на шега, но е голем удар за нас како медицинари. Никој не нѐ праша дали се согласуваме со ваква мерка, а ако нѐ прашал одговорот ќе бил – не. Затоа што не ни треба стимулација за да си ја работиме работата, туку вреднување на нашиот труд. Ако веќе некој помислил на нас и кажува дека матичните доктори го носат најголемиот товар, да потсетиме дека пет години поминаа откако беше најавено дека капитациониот бод ќе биде високо вреднуван, заедно со услугите што ги даваме. Ова не се оствари, а ние уште чекаме. И во пандемијата имавме тешкотии, а не добивме ниту една маска или ракавица кога цените нагло пораснаа, а на пазарот беа речиси недостапни за купување“, вели Михајлова.

Таа ги повика колегите да размислат и да ги донираат средствата во Фондот за здравствено осигурување оти вели дека нив ништо нема да им сменат, но сите заедно може да сменат нечиј живот.

Кон иницијативата веќе се придружија десетици доктори, кои го споделија истиот став со доктор Михајлова. Меѓу нив, јавно објавија специјалистите Ненад Лазаров и Билјана Петковска Огњанова кои исто така ја продолжија акцијата и ги донираат парите кои им се даваат за да убедуваат пациенти да се вакцинираат. Поддршка за иницијативата изразија и доктори кои не работат во примарното здравство.

„Непристоен предлог кој денес се преточи во владина мерка не заслужува да се коментира туку игнорира. Депласирани и понижени се матичните доктори, доведени се до црвената линија на толеранција, а во целата пандемија се се третирани од министерот Венко Филипче како доктори ‘надвор од системот’. Но секојпат кога е во густо му текнува дека постојат матичните доктори зад кои ќе се скрие, ќе се наметне уште некој товар на нивните плеќи. Министре Венко Филипче, ироничната насмевка кога не споменувате покажува колку не почитувате не само како даватели на услуги, туку и како колеги, но зборува многу за вас како личност. Повелете само еден час посетете една матична ординација и засукајте ги ракавите, сработете нешто полезно за пациентите, па ние ќе ве наградиме со искрена насмевка, а вашите 30 денари ќе ги намениме за добробит на пациентите, наместо тоа да го сторевте вие во овие две години од пандемијата“, напиша Билјана Петковска Огњанова.

Министерот за здравство, Венко Филипче, ја соопшти оваа мерка за помош на матичните лекари откако се откажа од предложената мерка само вакцинирани да одат на работа и договори вработените кои не смеат или не сакаат да се вакцинираат да се тестираат  на сметка на работодавачите.

Би можело да ве интересира

Матичните лекари згрозени од убиството: Треба ли да се плашиме дека некој после работа може да не убие

Горан Наумовски

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Чолакова Дервишова: „Мој Термин“ пак не работи, илјадници пациенти не можат да добијат хронична терапија

Орце Костов

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска