Работодавачите не сакаат ни да чујат: Не плаќаме тестирање на невакцинираните

Од:

Организацијата на работодавачи на Македонија е категорично против предлогот работодавачите да плаќаат тестирање на работниците кои не смеат или не сакаат да се вакцинираат. Од Организацијата велат дека воопшто не биле консултирани пред синоќешната средба на министерот за здравство Венко Филипче и Синдикатите на која требаше да се најде начин вработените да се поттикнат на вакцинација, но заврши со предлог невакцинираните да се тестираат еднаш неделно, а за тоа да не плаќаат сами туку да им плаќа работодавачот.

„Небулоза е работодавачите да плаќаат за тестирање на оние кои не сакаат или не смеат да се вакцинираат. Ниту министерот Филипче ниту Синдикатите не може да одлучуваат што ќе плаќаат работодавачите. Ние овој предлог нема да го поддржиме. За тоа веќе испративме допис до Владата“, вели Владанка Трајковска, претседателка на Организацијата на работодавачи на Македонија за „А1он“ .

Во дописот до Владата, Организацијата на работодавачи нагласува дека во услови кога вакцинирањето против Ковид – 19 е бесплатно, а одредени работници сепак не ја користат таа повоност, донесувањето на евентуална одлука од страна на Владата со работодавачите би ги покривале трошоците за ПЦР тестовите на работниците кои не сакаат да се вакцинираат би била целосно нелогична, неоправдана и неприфатлива. За работодавачите дополнително неприфатлив е и предлогот за два неработни дена по вакцинирање оти би се довеле во нерамноправна состојба со веќе вакцинираните работници. Работодавачите бараат Владата да најде други начини со кои ќе го стимулира вакцинирањето место целиот товар да падне на компаниите за кои велат дека допследно ги почитувале сите мерки.

„Владата би можела, на пример, да воведе различен износ за боледување за вакцинирани и невакцинирани работници во случај да заболат од Ковид – 19“, посочуваат од Организацијата на работодавачи.

Во синоќешните преговори со министерот Филипче, од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека најбитно им било работниците да не се оптоварат дополнително по најавените мерки на работно место да се појавуваат само вакцинирани или тестирани.

„Никако не смеевме да дозволиме тестирањето да биде на товар на работникот оти изборот на голем број работници ќе биде да умрат без леб ако не умрат од Ковид – 19 откако Министерството најави воведување на мерката и во јавниот и во приватниот сектор на работа да можат да доаѓаат само вакцинирани или работници кои еднаш неделно ќе се тестираат. Со минимална плата од 15.200 денари сметаме дека работникот не може да си дозволи секоја недела да одвојува парии за тестови“, вели Дарко Димовски , претседател на Сојузот на синдикати на Македонија за „А1он“.

За мерката работодавачот да плаќа за тестирањето Владата треба да расправа на седницата закажана денес. И од Синдикатот и од Организацијата на работодавачи, немаат дилеми дека ваква мерка ќе го стимулира тестирањето, а не вакцинирањето, па од тука и полнењето на џебот на сопствениците на приватните лаборатории оти јавното здравство веќе покажа колкав капацитет има и покрај уверувањето на министерот Филипче од синоќа дека здравствениот систем има капацитет да одговори на потребите на работниците кои ќе треба да се тестираат еднаш неделно.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември

Осум починати, 196 нови случаи на Ковид-19 минатата недела

Ана Ололовска