(ВИДЕО) Фетаи: Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ перел пари преку партијата, осомничени 14 лица

Од:

Обвинителката од Специјалното јавно обвинителство, Фатиме Фетаи презентираше три истраги „Талир“, „Траекторија“ и „Тревник“. Во истрагата „Талир“ се осомничени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, генералните секретари на партијата и директорите на центарот за комуникации со јавноста, за кои од СЈО обвинија дека переле пари преку партијата.

– Постои основано сомнение дека и покрај тоа што на првоосомничениот како претседател на политичката партија му биле добро познати законските ограничувања, сепак тој во периодот од 2009 до крајот на 2015 година овозможил финансирање на партијата спротивно на законските одредби, при што мотивите на делување на првоосомничениот биле исклучиво од лична природа и биле поврзани со зацврстување на неговата политичка моќ и позиција во партијата и во државата и обезбедување на целосна контрола над политичката партија. Постои основано сомнение дека првоосомничениот ги прифатил незаконските средства за финансирање на политичката партија и не ги вратил на лицата од кои потекнувале, ниту пак ги уплатил во Буџетот на РМ, како што предвидува Законот за финансирање на политичките партии, за потоа ваквите средства да се искористат за хуманитарни цели, туку таквите нелегални средствата ги задржал и со тоа овозможил кумулирање на противзаконски капитал за финансирање на политичката партија. Поради тоа постои основано сомнение дека со овие дејствија првоосомничениот како одговорно лице сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, рече Фетаи.

Обвинителката истакна дека биле скучени 71 договор за недвижен имот од незаконски стекнатите средства, а била вмешана и фирмата ДГ Бетон АД Скопје, која се јавува како инвеститор во најголем број од градбите на проектот „Скопје 2014“.

– Постои основано сомнение дека ова не бил единствен начин на незаконско финансирање на политичката партија. Имено, постои основано сомнение дека првоосомничениот како одговорно лице спротивно на законските ограничувања предвидени во Законот за финансирање на политичките партии, овозможил за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ да бидат обезбедени услуги од правното лице ДГ „Бетон“ АД Скопје, кое во време на обезбедување на услугите имало склучено договори за доделување на јавни набавки. Доказите обезбедени во предистражната постапка упатуваат на основано сомнение дека второосомничениот, помогнат од останатите осомничени лица склучил – Договор за соинвеститорство, при што недвижноста која била вложена во име на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ имала вредност од 76.445.600,00 денари, додека вкупните вложувања на ДГ „Бетон“ АД Скопје биле во вкупна вредност од 556.041.640,00 денари, од кои 424.733.242,00 денари била вредноста на изградениот објект, додека 131.308.398,00 денари биле уплатени на сметката на политичката партија на име регулирање на меѓусебните права и обврски кои произлегуваат од Договорот за соинвеститорство. Постои основано сомнение дека очигледниот несразмер на правата и обврските на договорните страни, во смисла на членот 15 од Законот за финансирање на политичките партии преставува донација од ДГ „Бетон“ АД Скопје кон политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, па со оглед на фактот што тоа време ДГ „Бетон“ АД Скопје вршел и услуги по пат на договори за јавни набавки, истиот не можел да биде донатор, поради што првоосомничениот имал обврска да ја одбие донацијата или да ги уплати парите во Буџетот на Република Македонија за потоа истите, согласно законските одредби да бидат искористени за хуманитарни цели. Доказите обезбедени во предистражната постапка упатуваат на основано сомнение дека првоосомничениот не постапил согласно ваквите законски одредби и со тоа овозможил незаконско финансирање на политичката партија, рече Фетаи.

Во истрагата „Тратекторија“, обвинителката кажа дека преку изградба на автопатите Миладиновци-Шитп и Кичево-Охрид се оштетил буџетот на државата во износ од 115.117.172 евра, а осомничени се 4 лица, поранешни високи функционери.

– Од доказите кои се обезбедени во досегашниот тек на постапката произлегува основано сомнение дека четирите службени лица во постапката за избор на компанија која ќе ги гради автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, покрај тоа што ја одбегнале примената на Законот за јавни набавки постапиле спротивно и на условите поставени од Кинеската влада и кинеската „Ексим банка“ како заемодавач. Иако според претходно дефинираните услови осомничените изборот на изведувач требало да го извршат според домашното законодавство, а откако проектната документација ке ја достават на компании во Кина кои се наоѓаат на листа на кинески компании квалификувани за спроведување на вакви проекти, тоа не го сториле, а проектната документација ја доставиле само до две кинески компании. Постои основано сомнение дека во месец јануари 2013 година тројцата осомничени поттикнати од првоосомничениот, иако биле доставени две понуди, преговорите ги воделе само со една компанија и иако во текот на преговарањето со првата компанија, втората компанија која воопшто не била повикана на преговори доставила дополнителна пониска понуда, ваквата понуда не ја евидентирале никаде и ја сокриле, по што парафирале усогласен текст на договор за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид со компанијата која имала повисока понуда. Со ваквите дејствија постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик на Република Македонија, рече Фетаи.

Во истрага „Тревник“, се сомничат три лица за изградба на три викенд куќи во Зелениково, градење без одобрение за градба. Биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за градба е добиено во 2013 година, кога веќе биле завршени. Законот за градење предвидува обратен редослед, обратните дејствија се предвидени кривични дела, рече Фетаи.

– Има основано сомнение за кривично правни дејствија на три лица за изградба на три викенд ќуќи во Општина Зелениково, без да имаат право на таква градба, односно градење без одобрение за градење. Според прибавените докази, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење на истите, како и останата документација, овие три викенд куќи биле започнати да се градат во 2011 година, а одобрение за градење на истите од општината е добиено во 2013 година, кога веќе биле и завршени. Законот за градење предвидува обратен редослед, односно најпрвин правосилно одобрение за градење, па отпочнување со градење, а надвор од тој редослед таквите противзаконски дејствија се предвидени и казниви со соодветното кривично дело, Бесправно градење од член 244 а став 1 од КЗ, за кое е и отворена оваа истрага, рече Фетаи.

Во врска со случајот „Сопот“, СЈО кажа дека исказот на сведокот Рамадан Бајрами е изнуден исказ.

– МВР и службени лица извршиле кривично дело тортура, фактите ги наведува сведокот, но и дел од службените лица. Службениците му направиле последици по психичкото здравје, но бидејќи не оставиле трајни последици, таквите дејствија се застарени за да бидат гонети, па кривичното дело застарело во 2008 година, рече обвинителката Фатиме Фетаи.

Би можело да ве интересира

Набавката на електричните автобуси е задоцнета, имаше три години да се донесе ваква одлука вели Арсовска

Катерина Ѓуровски

Кузеска: За хаосот во Скопје најголема вина имаат Мицкоски и ДПМНЕ

Петрушевски: Бизнис интересот на СДС и ДУИ направи граѓаните да плаќаат поскапа струја

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Тренчевска: Кошничката е прескапа, ДПМНЕ да прифати 0% ДДВ на храна и минимална плата 450

СДСМ бара Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ да се вразумат и понуди предлози за решавање на кризата во Скопје