ФЕИТ отвори Центар за трансфер на технологии и иновации

Од:

Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, денеска, ги отвори вратите на новиот Центар за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ. На свеченото отворање присуствуваа вицепремиерот во Владата на Република Македонија и министер за одбрана, Радмила Шеќеринска, министерот за образование и наука, професор д-р Рената Дескоска, ректорот на УКИМ, професор д-р Никола Јанкуловски и многу други професори, претставници на институции, студенти и вработени лица на ФЕИТ.

Основна цел на ИНОФЕИТ, според деканот на Факулетот, професор д-р Димитар Ташковски е да се надмине јазот меѓу академијата и индустријата.

„Наша идеја е компаниите, професорите и студентите во овој Центар да развиваат нови производи и услуги и да вршат трансфер на знаење од научни и истражувачки резултати во прототип кој индустријата може да ги доработи до ниво на производ со минимален технолошки ризик. На овој начин може да се создадат нови производи и услуги со значителна додадена вредност, кои ќе бидат конкурентни на меѓународниот пазар. Од друга страна, преку соработката со индустријата сакаме да влијаеме и на начинот на изведување на наставата и подготовката на студентите. Сакаме да го донесеме реалниот сектор поблиску до студентите, особено до студентите на магистерски и докторски студии. Наместо на симулации да работат на реални проблеми, кои бараат интердисциплинарност и тимска работа. На овој начин, студентите ќе ги подобрат своите знаења и вештини, што секако ќе ја подобри нивната конкурентност на пазарот на трудот“, рече деканот Ташковски.

Министерката за образование и наука, професор д-р Рената Дескоска, својот говор го почна со две приказни на задржување и враќање на успешни доктори на науки кои дипломирале на ФЕИТ.

„Минатото лето, неполн месец по моето влегување во Министерството за образование и наука, добив покана да присуствувам на доделување дипломи на студенти кои дипломирале и магистрирале на ФЕИТ. Отидов и бев импресионирана од резултатите кои ги слушнав, но поразена од фактот што дел од нив и не беа во Македонија, туку дипломите ги земаше некој од нивното семејство. Тогаш пред тие студенти ветив дека ќе направам се што е во моја моќ да придонесам во остварување на стратешката цел на Владата, а тоа е задржување на младите во Македонија и враќање на нашите млади научници дома. И тоа ветување и стратешка цел на новата Влада ја остваруваме. Денес, Даниел Денковски и Христијан Ѓорески се дел од образовниот кадар на ФЕИТ. Отворањето на овој Центар, исто така, претставува продолжение на оваа успешна приказна и ИНОФЕИТ претставува место каде што се спојуваат теоријата и праксата, место за трансфер на технологии и иновации. Уште повеќе ме радува фактот што стопанството го препозна и поддржа овој Центар и се надевам дека овој пример ќе го следат и останатите факултети, Универзитети и компании“, рече Дескоска.

Ректорот на УКИМ, професор д-р Никола Јанкуловски, рече дека Универзитетот секогаш ќе ги поддржува храбрите и иновативните.

„ИНОФЕИТ, креиран од ФЕИТ, но поддржан од стопанството и од МОН и од УКИМ, претставува практичен момент за функционална соработка меѓу теоријата и науката, од една страна и стопанството и праксата, од друга страна. Затоа, како најстара високо-образовна институција во Македонија ќе ги поддржуваме образовните програми и процеси кои се во согласност со потребите на стопанството“, објасни Јанкуловски.

Отворањето на Центарот е во согласност со напорите на ФЕИТ да ги приближи академското образование и практичната експертиза и да ги подготови студентите за подобро справување со предизвиците во индустријата. ИНОФЕИТ е место за интеракција меѓу кадарот на ФЕИТ, студентите на ФЕИТ и индустриските партнери што треба да овозможи конекции и трансфер на технологии и на нови иновативни. Негови цели се подобрување, зајакнување и стимулирање на трансферот на знаења од академската средина кон постоечки и нови иновативни мали и средни претпријатија, обезбедување извонредно знаење во обласите на информациско-комуникациските технологии и обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, валоризација на истражувачки резултати преку создавање колаборативна платформа помеѓу научните работници, студентите и претприемачите заради надминување на јазот меѓу академската средина и индустријата и зајакнување на потенцијалот за раст на регионалниот екосистем од постоечки и нови, иновативни, високо-технолошко ориентирани мали и средни претпријатија.

Би можело да ве интересира

Божиновска на средба со студенти од ФЕИТ по повод Денот на чистата енергија

А1он

Студиските програми на ФЕИТ добија акредитација од германска агенција

А1он

Манчевски го отвори меѓународниот натпревар за роботика и вештачка интелигенција „RoboMac-2020“

А1он

Меѓународен натпревар по роботика и вештачка интелегенција на ФЕИТ

Ана Ололовска

На ФЕИТ ќе се тестираат 5Г мобилни технологии и системи

Ана Ололовска

На ФЕИТ ќе биде отворена прва лабораторија за тестирање на 5Г

Ана Ололовска