Факултетот за електротехника и информациски технологии од Скопје (ФЕИТ) е домаќин на седмиот балкански натпревар по LabVIEW – графички програмски јазик за студентите од областа на техничките науки. Натпреварот почна вчера, а денеска ќе бидат познати победниците.
Како што соопштија од ФЕИТ, на натпреварот учествуваат 23 натпреварувачи од Словенија, Хрватска, Србија и Македонија. Натпреварувачите се избрани како најуспешни студенти од LabVIEW академиите на земјите учеснички. Покрај натпреварувачите, секој тим е придружен со двајца професори (ментори) кои учествуваат во координативните активности за реализација на натпреварот и дефинирање на проектната задача.
Во досегашното петгодишно учество, ФЕИТ освои две втори, трето и четврто место во поединечна конкуренција, како и две први места во екипна конкуренција.
LabVIEW (Laboratory Virtual Instrumentation Electronics Workbench) претставува графички програмски јазик, пред се наменет за инженери. Оваа програмска платформа е широко прифатена во сите универзитети во светот и се користи за научно-истражувачки и за индустриски апликативни цели.
Универзитетите кои сакаат да го имплементираат LabVIEW во своите наставни содржини мора да поминат низ фаза на сертифицирање на наставниот кадар и формирање на LabVIEW академија. Ваква академија на ФЕИТ е формирана пред пет години.
Натпреварот се одржува под покровителство на National Instruments.