Европската недела на тестирање за ХИВ: Секој ден тестирање во Младинскиот центар на ХЕРА со брзи ХИВ тестови

Од:

Секој ден тестирање во Младинскиот центар на ХЕРА со брзи ХИВ тестови, во рамки на одбележувањето на Европската недела на тестирање за ХИВ, од 22 до 29 ноември, обезбедува ХЕРА-Асоцијација за здравствена едукација и истражување. Ова е осма година по ред како се одбележува Европската недела на тестирање за ХИВ.

-Денес, се проценува дека во нашата држава секое трето лице кое има ХИВ, не го знае својот ХИВ-позитивен статус, односно не е свесно дека е ХИВ-позитивно. Да се знае својот ХИВ-статус, што е можно порано, е многу важно, затоа што денес благодарение на терапијата за ХИВ, која е достапна и бесплатна кај нас, луѓето со ХИВ може да живеат квалитетно и долго. Луѓето што живеат со ХИВ имаат речиси изедначен животен век со лицата кои немаат ХИВ, доколку добиле навремен третман, велат од ХЕРА.

Оттаму потенцираат дека редовното земање на терапијата за ХИВ е и еден од најефективните начини на превенција на вирусот, бидејќи терапијата го потиснува вирусот до т.н. недетектабилно ниво, при што е невозможно ХИВ да се пренесе на друго лице по сексуален пат.

-Сакајќи да го направиме тестирањето за ХИВ подостапно и да ги охрабриме граѓаните да го дознаат својот ХИВ-статус, во рамките на Европската недела на тестирање за ХИВ, ХЕРА ќе обезбедува бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ со брзи тестови. Овие услуги се достапни во Младинскиот центар на ХЕРА „Сакам да знам” на Водно секој работен ден од 16 до 20 часот и за време на викендот од 11 до 15 часот,информираат од ХЕРА.

За подетални информации и за закажување, граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 02/3176 950. Тестирањата и советувањата за ХИВ ќе се одвива согласно со протоколите за прием и нудење на услуги на клиенти за време на здравствената криза со КОВИД-19.

-За граѓаните е достапна и мобилната андроид апликација Направи ХИВ тест, преку која може да добијат информации поврзани со ризикот од пренос и заштитата од ХИВ, како и да ги дознаат сите локации низ земјата каде што може да се направи бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ. Апликацијата може бесплатно да се преземе на Google Play, известуваат од ХЕРА.

Европската недела на тестирање за ХИВ е меѓународна иницијатива кон која се приклучуваат повеќе од 600 организации низ Европа за да ја подигнат свесноста за важноста на навременото тестирање за ХИВ и на пристапот до терапија за ХИВ.

Годинава, ХЕРА ја одбележа и пролетната Европска недела на тестирање за ХИВ споделувајќи „ХИВ позитивни приказни: Животот го живеам во сите бои“, односно приказни на седум луѓе кои живеат со ХИВ во државава.

Би можело да ве интересира

Нови случаи на ХИВ и еден на СИДА во Македонија, сите се мажи на возраст 20 и 39 години

A1on

Бесплатни тестирања за ХИВ и други сексуално преносливи болести од 20 до 26 ноември

За еден месец осум нови случаи на Сида – тројца странци со престој во Македонија

А1он

Маж во Британија заразил девојка со ХИВ, сега, 14 години подоцна, тој мора да оди во затвор

Генерал Игор Кирилов: Американците спроведуваат експерименти со ХИВ инфекција на украински војници

А1он

Иницијатива на млади луѓе за промена на името ХИВ за да се отстрани стигмата

Ана Ололовска