Евентуални злоупотреби на службени канцеларии и возила пред изборите под лупата на Антикорупциска

Од:

Антикорупциската комисија ќе следи и санкционира евентуални злоупотреби во текот на изборната кампања за предвремените парламентарни избори во однос на користење службени простории, опрема и возила од страна на функционери и државни службеници. Ќе ги следи и сите форми на вработувања во тек на кампањата, а повторно предупредува на можноста за влијание врз гласачите во предизборието со тековните огласи за вработување во јавниот сектор, што, според претседателката на Комисијата Биљана Ивановска, не води кон фер изборен процес.

Неправилности од типот почнување проекти со фрлање лопата, возење службени автомобили на митинзи, според Ивановска, сигурно ќе има, но, како што вели, тоа ќе го следат и санкционираат заедно со широка платформа од граѓански здруженија. Повикува во тие активности да се приклучат сите граѓани.

– Власт се освојува, демократија се учи, тие кои сакаат да ја освојат власта на секој може начин ќе се обидат да ги употребат сите средства бидејќи целта ги оправдува средствата, но од друга страна демократијата и слободата на граѓаните треба се почесто и секојдневно да се пратикува, порача Ивановска на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање.

Како што потсети, доколку има злоупотреби, предвидени се прекршочни одредби.

Ивановска прецизираше дека исто како и во минатите изборни циклуси, така и за овие избори ДКСК ќе следи дали се почитува забраната за користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи.Со цел поефикасно следење на постапувањето на организаторите на изборната кампања, ДКСК заедно со Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата заради дефинирање на информации и податоци ќе преземе низа мерки и активности за зајакнување на механизмите за мониторинг над процесот.

Во однос на следењето на трошоците за време на изборната кампања, ќе воспостават мониторинг на извршениот превоз, рекламен материјал, рекламирање со плакати и рекламни паноа и билборди од страна на организаторите. И во текот на овие избори, најави Ивановска, на веб страната на ДКСК ќе биде достапна веб апликацијата со ажурирани податоци за состојбата со службените моторни возила, односно со ажурирани податоци со информации за ново набавени или отпишани возила, како и образец за пријавување на секаков вид недозволено и незаконско постапување од страна на институциите и вработените во јавниот сектор, а кој ќе може да го користат сите граѓани.

Антикорупциска, преку Агенцијата за вработување, Државниот инспекторат за труд и Државниот просветен инспекторат ќе ги следи сите форми на вработувања во изборниот процес.

Ивановска не ги поврзува последните објавени огласи за вработување со одложеното распуштање на Собранието, бидејќи и претходно имало голем број огласи. И претходно, потсети, упативме апел дека тоа не треба да се случува особено во период пред избори бидејќи некои од почнатите процеси нема да се завршат, но ги држат луѓето во зависна состојба, односно влијаат на гласачкото тело. – Тоа не е забрането со закон, но директно врши влијание на гласачкото тело што едноставно не води кон фер избори, потенцираше Ивановска.

Во пресрет на изборите од Државната комисија за спречување на корупцијата обрнуваат внимание на постапувањето на вработените од јавниот сектор во однос на почитување на забраните од членот 8а и 8б од Изборниот закјиник, како и членовите 34 и 35 од Законот за спречување корупција и судир на интереси. Од денот на донесување одлука за распишување на предвремените парламентарни избори до денот на завршување на изборот на пратеници на Собранието и изборот на Владата забрането е, односно не може да почне изградба на нови објкети во инфраструктурата, како патишта, водводи, канализација., далноводи, … како и училишта, градинки и други објекти освен ако за таа намена претходно не се обезбедени средства од Буџетот. Тоа значи дека за тие намени не смеат да се користат Буџетот и другите средства на јавни фондови или на јавни претпријатија.

Исто така, со средства од Буџетот или јавни фондови не може да се врши исплата на плати, пензии и социјална помош и други исплати кои не спаѓаат во категоријата редовни месечни исплати. Не смеат да се вршат еднократни трансфери, ниту пак може да се отуѓува државен капитал, како и да се потпишуваат колективни договори. Не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување. Исклучок, укажа Ивановска, се случаите на итни и неодложни работи.

– Во периодот од 20 дена пред почнување на изборна кампања па до завршување на изборот на пратеници на Собранието ни изборот на Владата не може да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти во инфраструктурата, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти кои се финансирани со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал, потсети Ивановска.

Би можело да ве интересира

ДКСК поднесе иницијатива за дисциплинска постапка против член на Судскиот совет

Горан Наумовски

Димитровска: ДКСК постигна значителен успех во борба против корупцијата

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче 6 години криел 5 стана, неговите анкетни листови се доказ, ги праќаме во соопштение сами нека воочат

ДКСК побарала податоци за имотната состојба на генералниот секретар на Владата и за патувањето на синот на премиерот во САД

ДКСК: Дипломатскиот пасош е право, а не привилегија, службени возила не сме побарале

ДКСК оформила предмети за заменик директорката во Агенцијата за разузнавање и за поранешниот заменик министер во МВР