Европската унија ги разгледува предложените измени во Кривичниот законик кои владата со европско знаменце ги испрати до Собранието, а кои предвидуваат поблаги казни за злоупотреба на службената положба. Од таму за А1он велат дека додека целосно не ги разгледаат предложените измени, не можат да кажат дали се работи за злоупотреба на знаменцето.
„Делегацијата на ЕУ ги разгледува предлозите објавени вчера на веб-страницата на Парламентот врз основа на стандардите и нормите на ЕУ. Сè уште не можеме да коментираме за употребата на знамето на ЕУ во овој конкретен случај, но потсетуваме на општото правило дека употребата на оваа постапка треба да биде ограничена на предлози кои го усогласуваат домашното законодавство со стандардите и нормите на ЕУ“, велат од таму за А1он.
Законските измени веќе влегоа во собраниска процедура, се разгледуваат на Комисијата за европски прашања. Но, таму дебатата е ограничена, токму поради употребата на европското знаменце.
На ист начин, владата ги достави и законските измени за „Бехтел и Енка“, меѓу кои и измените во Законот за работни односи, бидејќи истите измени поднесени од група пратеници по редовна постапка беа блокирани од опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
За тоа користење на знаменцето, Европската унија реагираше дека се работи за злоупотреба, бидејќи европското знаменце треба да се користи само доколку се работи за приближување на македонското со европското законодавство.