„Има ли пострашна глетка за еден автор кога неговите ученици му ја спалуваат најдрагата рожба, неговото животно дело, по нарачка на власта“, прашува Ерол Ризаов, во својата колумна во „Утрински весник“.
Грешна мисла ми дојде на ум деновиве кога го обиколивме Градскиот трговски центар да го прегрнеме и браниме од самите себеси. Во еден миг на резигнација и тага за силувањето на Скопје, си реков, а можеби е добро што е покоен Живко Поповски, еден од најпознатите македонски архитекти, универзитетски професор и човекот што неизмерно се грижеше за изгледот на главниот град.
Го замислив бунтовниот професор, онака височок и виток, елегантен со задолжителна пеперутка вратоврска, со шешир а ла Шерлох Холмс на главата како вџашен го гледа своето ремек-дело на клада. Го палат неговите студенти Трговскиот центар на скопскиот плоштад. Има ли пострашна глетка за еден автор кога неговите ученици по нарачка на власта му ја спалуваат во живо најдрагата рожба, неговото животно дело, неговото завештание на својот град, на своите сограѓани. Почивај во мир, професоре, и прости им овие навистина не знаат што прават. Господ те поштедил да не го видиш одземањето на срцето и на душата на твоето и наше Скопје, пишува Ризаов.
Комисијата на инквизицијата за драматично расчистување со поблиското минато на Македонија, предводена од премиерот Никола Груевски, донесе нова шизма да се обезличи Градскиот трговски центар, да му се даде нов карактер, нов сурат, ново име и презиме, нов идентитет на најзначајниот, најубавиот и најсовремениот објект на скопскиот плоштад, иако е изграден пред 40 години.
„Ете затоа ми дојде таа мисла, нека ми простат блиските на Живко Поповски, дека единствена олеснителна околност за крадците на туѓ имот, на туѓо творештво, на инквизиторите што ги ставаат ремек-делата на клада е тоа што создателот, творецот е преселен на оној свет и нема да умира по вторпат заедно со своето дело. Се’ друго е талибанизам и монструозно бришење на идентитетот на еден град. Не им беше доволно да го нагрдуваат градот со креатури и копии од пред 300 години преземени од туѓи култури, туку го обезличија и сопственото творештво ставајќи му лажен лик. Непростливо за навек“, пишува Ризаов.
Целата колумна можете да ја прочитате на линкот.