Ерол Ризаов: Заев нарача турско кафе

Од:

Што ли лаф-муабет ќе направат Никола Груевски и Зоран Заев на првото кафе и диван ќеиф во премиерскиот кабинет, прашува Ерол Ризаов воп својата колумна во „Утрински весник“.

Синоќа, пишува, сонив чуден сон: Никола Груевски и Зоран Заев заедно диванат и пијат кафе. Заев нарача турско, вели саде кафе, без шеќер, пелин горчливо, какво што варат на „Таксим“ во Истанбул. А премиерот Груевски, рече, за мене знаете, како и секогаш, старомакедонско засладено со сахарин. Владиниот готвач, гледам, не можам да верувам на своите очи, ги вари кафињата во исто ѓезве. Ми намигнува и вели, турско, старомакедонско, старо б’лгарско, старогрчко, се’ е тоа исто, еписи бир. Потоа ги наполни филџаните, во едниот стави повеќе „кајмак“ и едно „натренче“ и ги однесе во премиерскиот кабинет, пишува Ризаов.

„Гледаш ли ти, Заев, малку пошироко од Струмица што ти е политика. Пред четири-пет години, кога те уапсив за да те пикнам в затвор, те спаси Бранко. А, еве, сега седиме раат барабар и ги решаваме проблемите на државата. Знаеш ли зошто те спаси Бранко. Те помилува за да не докажеш дека си невин и да му бидеш вечен должник„, вели Груевски.

„Јаваш, јаваш, вели Заев, јас требаше да докажам дека сум невин или ти што ме уапси требаше да докажеш дека сум виновен“.

„Уште си наивен бе Зајко, па нели виде дека кај нас таа работа си врви мазно. Штом некого приведе Гордана, не може да куртули, се’ оди според законот. Ако не можеш да докажеш дека не си крив, отиде на работа на чифликот на Идриз-бег. Тие што се наши не ги помилуваме, нив судот ги ослободува во чесна и праведна судска постапка кога обвинителот треба да ја докаже вината. Кај и да е, мислам дека сега веќе ќе излезеше од затвор“.

„Тоа што го направивте во парламентот не го пере ни Вардар. Мора да сносите одговорност за насилното исфрлање на целата опозиција и на сите новинари од галеријата. Јас предлагам Трајко Вељаноски веднаш да си поднесе оставка и онака е бајаги компромитиран, прати го негде за амбасадор. Ќе признаете јавно, исто така, дека буџетот за годинава е донесен без пропишаната правна и деловничка процедура, дека грубо се прекршени повеќе уставни одредби. Има уште еден услов што го бара Брисел и Филе, а на кој ние инсистираме седум години. Тоа е да се ослободат медиумите во Македонија кои се под целосна контрола на власта, истресе во еден здив Заев“, пишува Ризаов.

„Значи, Црвенковски е уште тука“, рипна од фотелјата Груевски. „Само да знаеш последиците ќе ги сносите вие. Сега веднаш ќе објавиме дека Македонија нема да добие датум за преговори со ЕУ поради некоструктивноста на опозицијата и влијанието на Црвенковски врз новото партиско раководство. Заев е послушник на Бранко и затоа не може да има решение. Можеш да си одиш“.

Заев заминува без поздрав. Груевски го вика Мартин Протоѓер. Му вели, закажи состанок на врвот да ја разгледаме итно ситуацијата за вонредни парламентарни избори наесен. „Заев забегал, многу се перчи, треба да му изгласаме еден пораз, да ја наведне главата“. „Шефе“, вели Протоѓер, „тешко ќе може наесен да одиме на избори, веќе ги поделивме субвенциите за оваа година“. „Ќе поделиме уште еднаш, како од пушка“ врати Груевски.

„Да, ама Ставрески вика дека не ни даваат веќе кредити“, промрморе Протоѓер… и како што бидува во секој сон, на најинтересното место се разбудив. Гледам на интернет Груевски и Заев ќе пијат кафе. Боже си велам што ли муабет ќе направат. Само да не биде како во мојот сон. Како и да е, се’ додека разговараат има надеж.

Нека е со аир, пишува Ерол Ризаов во колумната во „Утрински весник“.

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска