Епилог за „Таргет-Тврдина“ – ќе биде објавена пресудата за нелегалното прислушување

Од:

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да биде изречена пресуда за предметот „Таргет-Тврдина“, што се однесува на масовното прислушување и уништување на опремата од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).

Пресудата за овој предмет во судница треба да ја чуе и поранешниот директор на УБК и еден од обвинетите Сашо Мијалков, кој ќе биде спроведен од домашен притвор што му го одреди судот како мерка на претпазливост.

Во овој предмет обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20 илјади граѓани.

Судењето за „Таргет – Тврдина“ започна на 22 декември 2017 година. Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов.

Обвинителството во завршните зборови посочи дека и покрај сите пречки со кои се соочувале во истрагата успеале да докажат дека обвинетите ги извршиле делата за кои се товарат и побара максимални затворски казни.

Обвинетите Сашо Мијалков и Горан Грујевски, во завршните зборови на Обвинителството беа споменати како главни осомничени, односно обвинителката Ленче Ристоска двајцата, заедно со поранешната началничка од МВР, Надица Николиќ, ги посочи како создавачи на групата за прислушување и поради тоа побара максимални затворски казни за нив.

– Иако се работи за кривични дела за кои е запретена максимална затворска казна до 5 години, сепак имајќи ги предвид последиците на кривично дело и импактот кои овие последици го имаат како на животите на лицата чии комуникации биле незаконски следени така и импактот на целокупните општествени процеси, сметаме дека нема пречка за обвинетите Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Надица Николиќ како создавачи на групата да бидат изречени максимални казни затвор за секоја од кривичните дела кои им се ставаат на товар, образложи обвинителката Ристоска.

Адвокатот на обвинетиот Сашо Мијалков, бранителот Миле Петровски, пак, во завршните зборови истакна дека теоријата на Обвинителството во случајот „Таргет-Тврдина”, против неговиот клиент, е само теорија заснована на недокажани претпоставки.

Сличен став имаше и обвинетиот Тони Јакимовски (поранешен шеф на кабинет на директорот на УБК, Сашо Мијалков), кој посочи дека обвинението е неосновано, конфузно и не е поврзано. Тој смета дека дека обвинението не е поткрепено со вистински докази, кои би го потврдиле кривичното дело кое му се става на товар и не може да истрпи елементарна правна критика, а не пак осудителна.

Обвинението е неприфатливо и за обвинетата поранешна министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која во своите завршни зборови пред Судот рече дека совеста ѝ е чиста, како и дека не го сторила делото за кое ја гонат. Таа посочи дека Судот може да ја задоволи правдата само ако донесе ослободителна пресуда за неа. Како што појасни Јанкулоска, теоријата дека помогнала во уништување на опремата за прислушување не е поткрепена со ниеден доказ и, според неа, значајно е да се направи разграничување што се случувало пред да биде изготвено и доставено на потпис решението за формирање на Комисија за ништење на системите за прислушување.

Заврши зборови дадоа и другите обвинети. Сите побараа ослободителна пресуда.

Од клучните факти и докази презентирани на главната расправа, обвинителката Ристовска рече, дека Обвинителството неспорно докажало дека обвинетиот Горан Грујевски ги сторил кривичните дела „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“; обвинетиот Тони Јакимовски сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“; обвинетата Гордана Јанкулоска сторила кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“; обвинетиот Никола Бошковски сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“; обвинетиот Сашо Мијалков сторил кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“; обвинетата Надица Николиќ сторила кривично дело „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“; обвинетите Владимир Варелов, Маријан Шумуликовски, Силвана Златкова и Васил Исаковски, сториле кривично дело „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување”, како и дека обвинетата Валентина Симоновска, сторила кривичнo делo „фалсификување службена исправа“.

Исчезнувањето на Мијалков, меѓународна потерница, реакции и барање одговорност

Во меѓувреме, случајот со исчезнувањето на Мијалков отвори и прашања дали, кој и како му помогнал да побегне, и дали потфрлила некоја од надлежните институции. Највисоките државни претставници побараа да се утврди одговорноста за овој случај кој, како што оценија, може да ги компромитира напорите за справување со криминалот и корупцијата. Опозицијата, пак, обвини за договор меѓу власта и Мијалков и побара оставка од Владата, а за случајот се заинтересираа и САД и ЕУ.

Премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски категорично ги отфрлија шпекулациите за какви било договори за бегство на Сашо Мијалков.

Мијалков исчезна во неделата попладне. Полицијата три дена трагаше по него, беше распишана национална, потоа и меѓународна потерница, беа извршени претреси во објекти и повикани на информативни разговори членови на наговото семејство. Мијалков во вторникот попладне ненајавено се појави пред Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за да го подигне решението за домашен притвор што му го одреди Кривичниот суд. Тврдеше дека не избегал, туку се повлекол во изолација поради здравствени причини, имал висока температура и симптоми на корона.

Премиерот Заев, пак, смета дека Мијалков сакал да избега, но немал друг избор и го сторил она што му било неизбежна опција, да се пријави во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, со што е обезбеден неговиот притвор. Акцијата за обезбедување на Мијалков, како што наведе Заев, тој лично ја кооринирал и со брзата мобилизација на сите институции биле елиминирани сите можности тој да ја напушти државата. Најави доследно испитување на одговорноста и потенцира дека правдата е обезбедена и дека ќе ја има почесто и ќе следува ваков одговор на институциите.

Порача дека Обвинителството и Судот пријавувањето на Мијалков не треба да го сметаат за олеснителна околност, ниту за овој ниту за друг случај, затоа што не треба да се заборави дека тој не беше достапен за правосудните органи и полицијата.

Обвинителката Вилма Русковска, сепак, смета дека тоа што Мијалков самиот се пријавил во Обвинителството е олеснителна околност. Не кажа зошто не побарале затворски наместо домашен притвор.

По пријавувањето во Обвителството за гонење организиран криминал и корупција, на Мијалков му беше врачено решението за куќен притвор и тој беше спроведен на извршување на мерката. Според решението од Основниот кривичен суд – Скопје, на предлог на Обвинителството, на Мијалков му беше определи куќен притвор и 24-часовен видео и аудио надзор.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски обвини дека има договор меѓу власта и екс директорот на УБК. Забележува што на Мијалков не му е одреден ефективен, туку домашен притвор, а ќе нема ниту истрага за бегство. Целиот случај, според него, нема да заврши со лисици на рацете на Мијалков туку со договор, а како што наведе, завршниот чин ќе се види денеска на изрекувањето на пресудата за „Таргет – Тврдина“.

Целиот случај е под лупа и на САД и ЕУ. Американската амбасадорка Кејт Брнз изјави дека САД ја следат ситуацијата и она што се случува и имаат информации од Владата. И од ЕУ соопштија дека внимателно ја следат ситуацијата, но заега нема да даваат коментар.

Денешното рочиште во Кривичниот суд на кое треба да биде објавена пресудата за „Таргет-Тврдина“ е закажано во 10 часот.

Би можело да ве интересира

Мијалков излегува порано од затвор, Апелација го врати предметот „Империја“ на повторно судење

Орце Костов

Секој што бил прислушуван сам ќе треба да тужи: Кривичен суд ги праќа на граѓанска постапка откако предметот застаре

Александар Тодески

Ристовска: Повторно нема да има одговорност за незаконското прислушување во државата, што е директна последица на измените на КЗ

Мијалков нема да одговара за нелегалното прислушување, застаре делото за „Таргет-Тврдина“

Рочиштето за масовното прислушување одложенo поради законските измени, Мијалков се спасува од делото „злосторничко здружување“

Александар Тодески

Застаре уште едно дело на Мијалков

Ана Ололовска