Емигрирање во смрт

Од:

Замислете една ваква апокалиптична ситуација која може да биде видена само како сценарио за некој холивудски блокбастер: кон нашата планета се доближува огромен астероид, кој, според проценките, треба да удри во срцето на Јужна Америка, во амазонската прашума. Предвидувањата се дека поради големината и силината на ударот ќе се предизвикаат незамисливи катастрофални последици: целиот јужноамерикански подконтинет ќе биде уништен, што од ударот на астероидот, што од земјотресите кои ќе услоедат, што од пожарите, што од цунамито кое ќе потопи голем дел од територијата. На човечката цивилизација ќе ѝ се случи нова Атлантида. Светот моментално го зафаќа паника од она што претстои, а населението во Јужна Америка почнува масовно да бега кон север на континентот.

Светските телевизии постојано емитуваат снимки со библиски сцени како стотици милиони луѓе по копно и море се движат во правец кон јужната граница на САД. Владата на САД е во постојано заседавање, Претседателот е под силен притисок да не дозволи да влезат емигрантите бидеќи нивното пуштање би довело до целосна пропаст на САД како најмоќна држава.

Проценките се дека приливот од безмалку идентичен број на бегалци со постојниот број жители на САД, целосно би ја девастирал државата – економијата не би можела да издржи под притисок од потребите на новата популација, криминалот би го збришал правниот поредок во целата држава, а етничкиот дизбаланс помеѓу белата раса и „обоените Латиноамериканци“ целосно би го ускратил комодитетот и привилегиите на Англоамериканците да управуваат со ресурсите на земјата. Генералите во Пентагон не сакаат ни да помислат да се направи отстапка за спас на бегалциите кои бегаат од територијата која наскоро ќе биде уништена.

Долж границата со Мексико се гради висок ѕид, заштитен со елктрична ограда, а небото ноќе е осветлено од силни рефлектори кои постојано ја набљудуваат другата страна од границата, додека вооружени маринци патролираат во борбени возила. Од мексиканска страна на границата поставени се безброј шатори, бегалците секој ден доаѓаат во сè поголем број, при што се очекува популација од стотици милиони наскоро да постане неиздржлив притисок за ’браната’. Прашање на ден е кога таа ќе попушти под налетот на бегалците, а Претседателот на САД ќе мора да издаде наредба да се отвори оган.

Светската јавност е констернирана од она што му претстои на човештвото и бара хуманоста да преовлада по цена и на губење на супериорноста на САД. И американската јавност е поделена – домородните индијански племиња во САД и Канада бараат да им се дозволи влез на бегалците бидеќи тие се староседелци на континентот, а белата раса се доселеници, кои им ја освоиле територијата и затоа немаат право да им забранат да се преселуваат каде сакаат на своја земја, особено што Канада е голем животен простор со мала популација. И Латиноамериканците во САД се пожестоко протестираат и прашање на час е кога тоа ќе ескалира во граѓанска војна која ќе доведе до имплозија која не ќе може повеќе да се контролира.

Руските власти ликуваат бидеќи по само неколку децении од распадот на СССР историјата се повторува – сега нивната држава без да испука ниту еден куршум ќе стане единствена светска сила. Претседателот на САД е пред најголемата дилема која ја имал некој владетел во историјата на човештвото – како да постапи и што да реши.

Дилемата на Претседателот на САД дали да победи доброто, човечноста и хуманоста или лошото и себичното, претставени преку политичките, воените и бизнис интересите на елитата на САД е само дилема за можна драматика во филм. Во реалноста, погледот на актуелните настани го дава одговорот и на дилемата од раскажаната фикција – со сигурност може да се претпостави дека во една таква хипотетичка ситуација Претседателот на САД нема да дозволи влез на бегалците на териториите на САД и Канада, со што најголемиот дел од нив би загинале. На песимистичко завршување на приказната наведува суровата и безмилосна стварност која ја гледаме деновиве со тажната судбина на емигрантите од Сирија, Либија, Ирак и Авганистан и начинот како со нив се постапува од страна на западните политичари.

На 19. април се случи најтрагичниот инцидент со овие несреќници, кога во Средоземно море се преврте брод повлекувајќи со себе во морските длабочини повеќе од 400-тини души. Ваквата трагедија воопшто не ја потресе западната јавност ниту нивните влади, како знаеле да ги потресат „хуманитарни катастрофи“ во кои загрижено ги обвинувале Садам Хусеин, Гадафи, Ахмадинеџад, Милошевиќ дека се тирани поради кои страдаат невини луѓе со кои хуманиот и слободарски Запад мора одлучно да се пресмета. Кого сега да обвинат за хуманитарната катастрофа со бегалците – самите себеси ли, бидејќи нивната политика за освојуваење на туѓи територии во потрага по нафта доведува до вакви трагедии со масовен егзодус.

На сцена е ментален модел типичен за колонијално лицемерство видено во минатото преку примерите на шпанските конквистадори во Јужна Америка, каде златото алчно го грабале, а домородците немилосрдно ги убивале, или Англичаните, Французите, Белгијанците, Холанѓанице – сите колонизаторски сили кои имаат темни дамки во својата историја со направен геноцид во своите колонии при пљачкосување на туѓото богатство.

Ако така правеле во минатото има ли основ да се верува дека сега ќе бидат почовечни? Немањето чувство и за најмала одговорност кон населението на Ирак, Сирија, Либија, Авганистан на кои му го одземаат природното богатство, а тамошните раселени лица се оставаат самите да се снаоѓаат како знаат и умеат во вителот на фингираните граѓански војни, покажува дека колонијалното лицемерство е една од константите и на тековната западната цивилизација, базирана на нејзината империјална политика од минатото.

Социолингвистот Тон Ван Дијк, преку анализа на говорите на западните политичари, заклучил дека репродукцијата на доминацијата на современите западни општества често бара нејзино оправдување или легитимирање со образложение дека едноставно „природно“ е што ние имаме привилегиран пристап до вредни општествени ресурси. Во одбрана на тој привилегиран пристап, за евробирократите спасоносно решение од бегалците е да се изгради четириметарски ѕид на границата помеѓу Унгарија и Србија, повторно лицемерно задскривајќи се дека тоа го прави неразумниот Орбан; или лажно леење крокодилски солзи за стотиците удавени бегалци во превртените чамци во Медитеранот, но за кои немаше продуцирана масовна хистерија од типот „Je suis immigrant“. Притоа, ако кон унгарскиот граничен ѕид, несреќно превртените чамци во Медитеранот и загинатите емигранти низ балканските беспаќа се додадат и гласините, за кои западните медиуми се глуви да ги истражат, дека има случаи кога италијанските обалски стражи на неколку пати отвориле оган врз бегалските чамци, потпопувајќи ги заедно со емигрантите во нив, ете ги неколкуте спасоносни решенија за одбрана на западната цивилизација од примитивните и непожелни народи и раси.

Од каде толкав анимозитет кон емигрантите? Стара е изреката дека на Запад нема ’бесплатен ручек’, односно дека сѐ си има цена и за сѐ мора да се плати и тоа е филозофијата на модерното капиталистичко општество. Одговорот за односот на Западот кон емигрантите можеби може да се пронајде во делото на Макс Вебер „Протестанска етика и духот на капитализмот“, каде тој ја објаснува супериорноста на протестантските држави и западната цивилизација во однос на останатите народи, религии и општества. Фокусирајќи се на главните карактерни особини на протестанскиот човек, кои го одделувале од другите луѓе на планетава, тој заклучил дека спознанието до кое дошол протестантскиот човек дека потребата за стекнување заработка не му претставувала повеќе само средство за да преживее и да ги задоволи основните материјални потреби за егзистенција туку желбата за заработка му постанала и цел во животот, што го правело да се разликува од припадниците на другите конфесии. Или, како што вели Вебер, „заработката постанала етос за протестантскиот човек“.

Консеквенто и односот на Западот кон беалците треба да се гледа низ веберовиот заклучок за страста за стекнување на профит, а не како емпатија и алтруизам за кутрите и сиромашни мајки кои во раце ги носат своите мали деца бегајќи од војните. Животната приказна на српскиот фудбалер Невен Суботиќ е парадигматична. Роден во Бања Лука во 1988 година, на двегодишна возраст, поради војната во Босна, тој со своите родители се доселил како бегалец во Германија; меѓутоа, кон крајот на деведесеттите години, германските власти решиле да им го прекинат бегалскиот статус и покренале постапка тој со неговото семејство да бидат депортирани назад во Босна. Секаква молба за продолжување на бегалскиот статус им била одбиена, за во последен момент да успеат да го избегнат протерувањето за Босна со преселба кај нивен роднина во САД. Адолесцентот Невен Суботиќ во САД брзо напредувал и постанал талентиран фудбалер за кого почнале да се интересираат различни клубови.

На негова седумнаесет годишна возраст тој морал да одлучи за која репрезентација ќе настапува. Со понуди се јавиле Босна, Хрватска, Србија и САД, секоја со свое објаснување до ФИФА зошто младиот фудбалер требал да игра токму за нив. Одеднаш, во игра се вмешал и Фудбалскиот сојуз на Германија. Државата која пред само седум години сакала да го депортира, сега му нудела да земе германско државјанство по основ ’посебни интереси и заслуги за Германија’, како би можел да настапува за нивната репрезентација. Иако Невен Суботиќ решил да игра за Србија, тоа не ги поколебало упорните Германци да се откажат од идејата тој барем да игра за нивни клубови (и носи пари), така што на почетокот, како странец, му одобриле работна виза, за денес, тој да има и германско државјанство, што му овозможува да настапува во Бундеслигата како домашен фудбалер. Животната приказна на Невен Суботиќ, сублимирано опишана како ’од дното до врвот’, е впечатлив пример за подреденоста на западната политика на интересите на профитот, во која нема место за емоции и сочувството за несреќните бегалци ако од тоа неможе да се оствари заработувачка.

Секако дека причините за ригидниот онос не можат така експлицитно да се кажат во пракса кога се одбиваат емигрантите, како Вебер објаснува теоретски, и затоа е потребен посуптилен пристап. Тоа е перфидна игра во која, од една страна, се глуми жртва – ЕУ е загрозена од милиони бегалци од Африка и Азија, а, од друга страна, се глуми загрижен хуманист кој се потресува од судбината на емигрантите, но само додека се на пристојна дистанца од сопствените граници. Оваквата стратегија доведува до врв на западната хипокризијата – малечката и бедна Македонија да се обвини за нечовечко однесување и тортура против кутрите бегалци од Сирија.

Така, Високиот комесаријат на ОН на 12. јуни предупредил дека емигрантите ризикувале ако оделе преку Балканот, а во Македонија биле изложени на насилство, злоупотреба и несреќи (за разлика од ЕУ каде уште во Медитеранот ги потопуваат), додека, три дена подоцна, во друга изјава на високиот комесар на ОН за човекови права, се вели дека ЕУ имала можност да прими околу милион бегалци (ако се сеќавате, за време на Косовската криза само од Македонија се бараше да прими половина милион бегалци). Реализацијата на ваквата валкана игра, како и секогаш, најефикасно ја одигруваат „независните“ медиуми, како што беше случајот со англиската телевизија Канал 4, која одеднаш идентификува дека на глобалната мапа најнебезбедна жешка точка за емигрантите е таму некоја вукојебина во Македонија наречена Ваксинце.

Понатамошното сценарио за сензибилизирање на западната јавност е како по шаблон менаџирано – на проблемот му се придава човека димензија. Преку ноќ, не се тоа повеќе само голи бројки од 400 удавени во водите на Медитеранот, туку тоа е и приказна со конкретен лик, со име и презиме, кој драматично во ноќта ѝ праќа смс пораки на храбрата, хумана и правдољубива новинарката на Канал 4 да дојде и да го спаси од пеколот во Македонија. Како да немало сличен, па и подраматичен и потрогателен случај во подпалубата на некој брод кој потонал во Средоземното море и од кој се праќала порака за помош и спас.

Политичката злоупотреба со раскажување на потресна судбина на обичниот мал човек и вметнување на човечка димензија во веста е позната пропагандна стратегија на западните медиуми за манипулативно мобилизирање и сензибилизирање на јавноста, која имавме можност да ја видиме и при уривањето на малезискиот авион во Украина, со цел да се обвини Русија; но таквиот пристап никогаш не бил нотиран, на пример, во случаите кога САД и неговите сојузници по грешка(?!) бомбардирале и убиле цивилно население, жени и деца во Ирак, Сирија, Авганистан, Србија. Тогаш, тамошните медиуми пренесуваа само кратка вест со бројка на загинати како колатерална штета, без впечатлива човечка сторија за тоа кои се загинатите – тие имаат име и презиме и не се само бројки. Со право може да се заклучи дека денес западните медиуми функционираат според сталинистичкиот модел лаконски објаснет дека смртта на еден човек е трагедија за целиот свет, а смртта на еден милион луѓе е само статистичка бројка.

Актуелниот проблем со бегалците го покажа во целост и нашето лицемерие т.е. хипокризијата на оние кои се доложни да го решаваат проблемот, но и на оние кои во јавноста се (само)декларирани за големи хуманисти и борци за човекови права, почнувајќи од државните институции, до невладиниот сектор и граѓанските активисти. Кога на 23. април се случи најголемата трагедија со емигрантите на нашите простори, во која беа згазени од воз 14 лица, тоа не беше вест која тогаш успеа да предизвика поголема активност и потресеност на јавноста – бројката на загинати беше регистрирана во медиумите, како и едно, повеќе од принуда напишано, соопштение до јавноста од една невладина оранизација. И толку. Тогаш повеќето беа опианети од успесите на опозициските бомби, пленумите и граѓанските организации во борбата против диктатурата на Груевски, така што ништо надвор од тој светоглед не се чинеше за важно. Само телевизија Телма го забележа младиот ентузијаст, поетот Стефан Марковски, како искрено загрижен за животите на емигрантите лепи предупредувања по должина на пругата Велес-Скопје, со информација каде и како да се движат емигрантите при транзит низ нашата земја, напишани на англиски, француски и арапски јазик. За мене тој е единствениот јунак кој чувствуваше вистинска емпатија кон овие несреќници.

Еден месец подоцна, кога Канал 4 ја направи репортажата, одеднаш се разбуди свеста за сочувство во целата држава: МВР интервенираше во Ваксинце, Парламентот по брза постапка го смени Законот за азил, во опозицискиот камп се собираше стара облека (зошто немаше крводарителна акција кога возот ги згази емигрантите?), невладините организации, следени од телевизиските камери, почнаа да го посетуваат „логорот“ во Гази Баба и да протестираат, а еден граѓански активист дури почна и да штрајкува со глад (дали до смрт ако не му се удоволат барањата?!). Смешно. Каква е тоа хуманост кај луѓето и правна држава од институциите кога не можат да ги потресат четиринаесет измасакрирани од воз лица, а ги мотивира на активност еден телевизиски прилог, па нека биде тој и на Канал 4? Ова е уште една потврда дека кај нас не може да се покрене посериозна граѓанска иницијатива или да се мотивира невладиниот сектор на активност доколку претходно нема иницијација од западните медиуми, тамошните влади или нивните амбасади во Скопје. Бидеќи хронологијата на настаните е важна – таа неспорно сведочи кога се случи пресвртната точока во свеста на поголемиот дел од нашата јавност за проблемите кои ги следат транзитните посетители на Македонија, а тоа со сигурност не беше кога возот ги згази 14-те емигранти.

Колумнава беше започнаата со идеја за сценарио за филм со елементи на катастрофа, а ќе биде завршена со синопсис за филм од трилер жанр, во кој, како и во првиот, главни ликови ќе бидат емигрантите. Замислете како група бегалци илегално се движат низ територија на една источноевропска земја. Во исто време, локални политичари, за да се додворат на западните влади, изготвуваат пеколен план: нивни луѓе ги прифаќаат емигрантите, ветувајќи им дека безбедно ќе ги спроведат до границата на соседната земја. Наивни и уплашени, емигрантите им поверуваат и договорената ноќ се движат со своите локални водачи. Во еден момент водачите им велат дека натаму патот ќе треба да го продолжат сами бидејќи границата е во близина. Емигрантите им веруваат и го продолжуваат патувањето, не можејќи да претпостават што ги чека кога ќе влезат во оближното лозје. Маскирани лица отвараат огин од двете страни на земјената патека при што ги масакрираат невините млади бегалци како да се терористи, секого убивајќи го со повеќе од десет куршуми во телото. Својата инволвираност политичарите успеваат да ја сокријат за да не одговараат, но неколку години подоцна, страдаат во монтирани судски процеси и невини завршуваат на повеќегодишна робија. Филмот завршува со испишана порака дека секогаш постои некоја космичка правда која од горе гледа сè.

Д-р Ненад Живановски

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска