Електронско јавно наддавање за закуп на државно земјоделско земјиште

Од:

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе почне со електронско јавно наддавање за давање под закуп земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 10 хектари. Првично ќе бидат објавени над 6.000 хектари во повеќе општини во Македонија.

Ова го истакна заменик-министерот Ванчо Костадиновски на денешната прес-конференција, посочувајќи дека објавите за земјоделско земјиште под 10 хектари ќе продолжат и понатаму да се спроведуваат во хартиена форма.

– Со измените на Законот за земјоделско земјиште кои се донесоа неделава и со кои се предвидува електронско јавно наддавање за земјоделски површини од над 10 хектари, очекуваме да се зголеми конкуренцијата и транспарентноста на постапката што ќе овозможи постигнување поголема цена на закупнината. Сите апликанти, правни или физички лица, кои ќе се решат да учествуваат на постапката ќе треба да докажат пред нејзиниот почеток дека им се намирени сите придонеси, рече Костадиновски.

Тој посочи дека на електронската аудиција ќе се понудат поголеми блокови за кои, како што кажа, најчесто се заинтересирани оние кои се подготвени да инвестираат и за тоа да платат повисока закупнина.

– Почетниот износ на електронското наддавање ќе биде 25 евра за земјиште од прва до петта катастарска класа и 15 евра за земјиште од петта до осма класа. Во зависност од намената за која ќе се користи земјиштето закупнината ќе биде за период од 15 до 30 години, истакна Костадиновски.

Тој прецизира дека сите заинтересирани за јавното наддавање ќе треба претходно да се јават во Министерството каде ќе им биде доделено корисничко име и шифра за учество на наддавањето.

– Постапката ќе се смета за успешна доколку на неа има најмалку еден учесник кој наддал над почетната цена по хектар, а јавното наддавање нема да може да трае пократко од 15 минути. Доколку предмет на јавен оглас е блок со природни граници формиран од повеќе катастарски парцели со различна катастарска класа ќе се утврдува просечна почетна цена по хектар, информира Костадиновски.

Додаде дека правните лица учесници на аукцијата, покрај документите потребни за докажување на бонитетот на фирмата, ќе треба да достават бизнис-план кој содржи податоци за целта за која ќе се користи земјиштето, применетата технологија, бројот на вработени, очекувани производни економски резултати. Ќе се бара и банкарска гаранција во висина на понудената годишна закупнина. За разлика од нив, физичките лица наместо бизнис-план ќе поднесуваат програма за користење на земјиштето. За банкарската гаранција посочи дека ќе се доставува со важност од последниот ден од почетокот на огласот и со важност од 120 дена и можност за безусловна наплата.

Одговарајќи на прашање дали се предвидени казни за неплаќачите, Костадиновски посочи дека тоа ќе се регулира во договорот што ќе се склучи по изборот за кој е предвидено да се достави и банкарска гаранција која ќе трае за целото времетраење на договорот.

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство нагласи дека постои огромен интерес кај потенцијалите закупувачи на поголеми парцели од 10 хектари дури и за култури кои не се карактеристични за македонското поднебје и додаде дека условите на јавното наддавање ќе бидат подеднакви за сите, како за домашните така и за странските лица.

Би можело да ве интересира

Лефков: Владата го зголеми Буџетот за земјоделство, фокус модернизацијата и наводнувањето

СДСМ: ДПМНЕ ги заглави субвенциите а се фали со мерките на СДСМ за јачменот, пченицата, грозјето

Земјоделците од штипските села се жалат дека немаат вода за наводнување на културите

Трипуновски: Љупчо Николовски доделил 2.5 милиони евра надвор од процедура

A1on

МЗШВ: Усвоена Интервентната програма за поддршка во земјоделството за 2024 година

Македонското земјоделство ги доби првите сертифицирани советници