Екстерното тестирање за учениците од основно и средно образование започнува в понеделник, а во него ќе бидат вклучени 15 000 наставници и 200 000 ученици.
Тестовите и прашањата што ќе ги добијат учениците се веќе подготвени.
Како што информира Бирото за развој на образованието, тестовите се составени од 30 прашања, а на учениците ќе им бидат дадени 60 минути за да го заокружат точниот одговор.
За реализацијата на екстерното тестирање подготвени се повеќе од 55 000 прашања по сите наставни предмети за основно, средно гимназиско и општо образовните, предмети во средно стручно образование, со исклучок на предметите што се изучуваат од прво до трето одделение каде има описно оценување и предметите каде се проверуваат вештините и каде не може да се направат тестови, односно физичко, музичко, ликовно и техничко во основното образование.
Во тестирањето се вклучени учениците од четврто одделение до трета година средно училиште.
Оценката која ќе ја добијат на екстерното ќе стои во свидетелството и ќе влегува во општиот успех на ученикот.