Едношалтерски систем за добивање документи од институциите

Од:

Граѓаните само преку еден шалтер ќе можат да добиваат документи за кои се води службена евиденција во одредена институција. Предлог-законот за прибавување и размена на докази и податоци по службена должност со што институциите се обврзуваат да ја имплементираат реформата која за граѓаните, компаниите и субјектите значи обезбедување на сите потребни документи е усвоен на вчерашната седница на Владата.

– Со донесувањето на предложениот закон ќе се создаде правна основа за задолжително прибавување и размена на докази и податоци по службена должност што, пак, ќе овозможи поефикасна и поедноставна управна постапка, а ќе ги намали административните бариери за граѓаните  во остварувањето на нивните права, рече на денешната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Под докази и податоци во смисла на овој закон, како што појасни, се подразбираат исправите (уверенијата, сертификатите, потврдите) кои се издаваат од надлежен орган кој води службена евиденција, а што служат за утврдување на фактичката состојба врз основа на која се решава за правата, обврските и правните интереси на странките.

Ѓорѓиев посочи дека со оваа реформа странката ќе има значајна заштеда во време и средства, кои вообичаено ги троши за посета на повеќе институции за да ги извади претходните документи, туку својата потреба ќе ја задоволи едноставно и ефикасно на само еден шалтер.

– Странката барањето за остварување право, односно правен интерес е должна да го достави на образец на кој таксативно се наведени доказите и податоците кои странката е должна да ги приложи кон барањето, и доказите и податоците кои органот надлежен за решавање ги прибавува по службена должност, рече Ѓорѓиев.

По поднесувањето на барањето од страна на странката на шалтерот на органот, кој е надлежен за издавање ќе треба во рок од три дена да ги обезбеди другите исправи кои се потребни доколку се доставуваат по електронски пат или во рок од седум дена доколку се доставуваат по писмен пат.

Владиниот портпарол појасни дека на самиот шалтер на органот странката ќе ги подмири сите трошоци кои се потребни за добивање на исправите, а се обезбедуваат од други органи, а не како досега да има обврска на секој шалтер кој издава исправа во секој орган да се плаќа посебно.

– Сите останати процедури за конкретната операционализација за реформата која ќе важи за сите институции ќе бидат уредени со подзаконски акти за секоја институција за чија подготовка Владата вчера формираше управувачки комитет кој го води министерот Иво Ивановски и даде рок сите овие подзаконски акти да се донесат во рок не подолг од три месеци, а да се имплементираат во рок не подолг од шест месеци, рече Ѓорѓиев.

Според него, ова е значаен исчекор на полето на реформата на јавната администрација кој ќе донесе сериозни придобивки за странките, ќе заштеди време, трошоци и енергија и ќе обезбеди ефикасно задоволување на нивните интереси.

Би можело да ве интересира

Алиу: Вработувањата не се предизборни, ќе се вработат на неопределено лица кои работеле привремено

A1on

Од јануари нема да се чека согласност од Финансии за вработување во администрација

ЕСМ: Вработуваме затоа што за три години останавме без 1190 вработени

A1on

Протест на вработените во судска администрација, поддршка добија од претседателот на Судскиот совет

Предраг Петровиќ

Државната администрација брои 129.374 вработени, во Владата и министерствата работат 14.500 лица

A1on

Не се знае каде и за што се потрошени 12 милиони евра од вкупно 30 за реформи во администрацијата, утврди ревизијата

A1on