Една година од заминувањето на првиот претседател на независна Република Македонија.
Претседателот Глигоров е роден на 3 мај 1917 година во Штип. Дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот во Белград. Учествувал во Народноослободителната борба. Во Президиумот на АСНОМ бил повереник за финансии. Бил секретар за финансии на Сојузниот извршен совет, член на Претседателството на СФРЈ и претседател на Собранието на СФРЈ.
За претседател на Република Македонија е избран на 27 јануари 1991 година, во два мандати, до 19 ноември 1999 година кога со своите 82 години, беше најстариот претседател на држава на светот, што го забележа и Гинисовата книга на рекорди.
Во текот на своите два мандати Глигоров ја промовира политиката на „еквидистанца“ кон соседите, а значајна беше неговата улога во воениот судир во бившата СФРЈ, кога се залагаше за мирно решавање на судирите и во чиј прв мандат, кога беснееја војните, Македонија избегна вооружен судир. За време на неговиот мандат на референдум Македонија прогласи независнот на 8 септември. На 17 ноември беше донесен Уставот на РМ, а на 8 април 1991 земјава стана 181 членка на ООН.
На 3 октомври 1995 година Глигоров преживеа атентат во кој се здоби со тешки повреди во главата. Нападот, кој беше извршен со автомобил-бомба на на улицата Македонија, се случи по само еден ден откако во Скопје претстојувал претседателот на Србија Слободан Милошевиќ, при што претседателите на двете земји постигнале договор за меѓусебно признавање на двете земји. Нарачателите и сторителите на атентатот се уште не се откриени.
Глигоров беше почитуван од странските лидери и дипломати и важеше за човек кој ги знае политичките и економски состојби.
По пензионирањето, во 2001 година Киро Глигоров ги објави мемоарите „Македонија е се што имаме“ и „Сите југословенски стопански реформи“ и ја основа фондацијата „Глигоров“, која поддржува проекти од културата и уметноста.