Царинските службеници на граничниот премин Богородица, во текот на вчерашниот ден спречија обид за нелегално внесување на еден килограм хероин и изнесување на 15.600 американски долари. На Табановце, пак, е спречен обид за изнесување на 26.700 евра.
Како што соопти Царинската управа, вчера околу 05:30 часот, за влез во Република Македонија на граничниот премин Богородица се пријавил турски автобус кој сообраќал на редовна линија Истанбул – Гостивар. При редовна контрола на автобусот, царинските службеници селектирале еден од патниците, албански државјанин со иницијали Ф.П.
Притоа, под блузата замотани со појас околу половината, во две пакетчиња облепени со самолеплива трака, во текстилен материјал (крпа), алуминиумска фолија и најлонска кеса, царинските службеници пронашле непозната прашкаста материја со кафена боја со вкупна тежина од околу 1.071 грам.
Лицето е предадено на инспекторите од Одделението за истраги за спроведување на предистражната постапка, од каде е утврдено дека по претходен договор со лице со иницијали С.Т. од Скадар Албанија, пријавениот на 18 декември заминал за Истанбул каде се сретнал со споменатиот С.Т. кој на пријавениот му дал 200 евра за патни и други трошоци. Следниот ден на автобуската станица во Истанбул се сретнал со лице на возраст од околу 47 години од Истанбул, од кој требало да превземе три килограми хероин, но бидејќи нарачателот од Скадар му ги немал платено претходните тури, сопственикот на хероинот му дал само еден килограм. Дрогата ја наместиле во еластичен појас кој го ставиле околу половината на пријавениот во кој ставиле две пакетчиња во тежина од по 500 грама. Така подготвен, пријавениот го однеле на автобуската и се качил во автобусот за Гостивар.
Пријавениот признал и дека пред еден месец пренел три килограми хероин, но преку Грција за Албанија. Хероинот го зел од истото лице од Истанбул и го пренел и предал кај истото лице во Скадар. Овој хероин го пренел со патна торба, а за услугата добил 9.000 евра од нарачателот од Скадар, пари кои веднаш му биле исплатени.
Нарачателот и пријавенииот биле договорени за секој килограм пренесен хероин да му бидат исплаќани по 3.000 евра.
По извршеното вештачење од страна на Одделот за крим-техника при МВР, утврдено е дека пронајдената растителната материја е хероин со вкупна тежина од 980 грама.
Против пријавениот, Царинската управа поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ и на истиот истражниот судија му одреди мерка притвор во трање од 30 дена.
Царинската управа информира и за уште два откриени случаи на обиди за нелегален пренос на девизи.
Во првиот случај, царинските службеници од граничниот премин Богородица, вчера, околу 21:30 часот спречија обид за изнесување на 15.600 американски долари.
При преглед на патници во автобус кој сообраќај на редовна линија Гостивар-Истанбул, бил селектиран патник со иницијали И.Х. носител на патна исправа од Република Србија.
На прашање на царинскиот службеник дали има да нешто да пријави, лицето одговорило дека со себе носи 8.000 евра. Царинските службеници се посомневале во неговата изјава и при личен претрес во внатрешните џебови од јакната и во предниот џеб од панталоните пронашле вкупно 18.200 американски долари и 8.050 евра. За средствата, лицето не поседувало никаков документ. Согласно законот за девизно работење, вратени му се 10.000 евра (8.050 евра и 2.600 американски долари), а останатите 15.600 американски долари се привремено задржани.
Во вториот случај, кај македонски државјанин, возач на автомобил „Голф“ со македонски регистарски таблички утрово пријавен на излез од државата на граничниот премин Табановце-автопат, пронајдени се и привремено одземени 26.700 илјади евра.
Возачот пријавил дека со себе носи 20.000 евра, но поради сомневање во неговата изјава при личен преглед на патникот и возилото, пронајдени се вкупно 28.700 евра. Согласно законот за девизно работење, вратени му се 2.000 евра (резиденти смеат да изнесат само толку), а останатите 26.700 евра се привремено задржани.
И во двата случаи, против прекршителите се поднесени барања за поведување на прекршочна постапка пред Комисијата за одлучување по прекршок, стои во соопштението од Царинската управа.