Судскиот совет не може да го разреши судијата-поротник Митко Сандев кој суди и четири предмети од поранешното СЈО, без претседателот на Кривичен суд, Иван Џолев, тоа да го побара. Ова е еден од заклучоците на вчерашната седница на членовите на Судскиот совет, кои го известиле и Џолев, дека треба да постапи согласно неговите надлежности. Во Законот за судови, стои дека на судија-поротник му претставува функцијата со навршување на 60 години старост, колку што има и Сандев.
„Ние како Судски совет, на седница не одлучуваме по барање за мислење. Но со оглед на интересот во јавноста кој се појави за ова прашање, кое е доминантна тема веќе месец и половина, решивме под точката разно да го отвориме ова. Разговаравме и донесовме заклучок да се обратиме до претседателот на Кривичниот суд да постапи согласно неговите надлежности, бидејќи Судскиот совет постапката за избор и разрешување на судии поротници ја води само по предлог на претседателот на судот. Вакво писмо е испратено до претседателот, што ќе преземе е негово“, рече Павлина Црвенковска.
Претседателот Иван Џолев до Судскиот совет не поднесе барање за разрешување туку известување со барање за мислење. Поради ова, членовите на Судскиот совет не можеа да постапат и да одлучат за евентуално разрешување на судијата-поротник Сандев. Ваквото известување, а не барање, од Кривичен го правдаа поради недореченост во законот.
„Збунувачки е што Законот истовремено предвидел дека за судија поротник со мандат од четири години може да биде избрано секое лице до навршување на60 години, а истовремено предвидел и дека со навршувањето на 60 години поротникот треба да се разреши“, објаснија од Кривичен суд на почетокот од јуни.
Инаку, ако поротникот Сандев биде разрешен, од почеток ќе треба да се судат четири предмети, меѓу кои „Титаник“, „Топлик“, „Талир“, „Тендери“. „Талир“ се суди две години, а останатите предмети се судат и по три години од прифаќањето на обвиненијата.