Сега, за жал, сме доведени во ситуација кога новинарите, кои, во принцип, треба да бараат дерегулација во сферите што ја дефинираат слободата на говорот, мораат да признаат дека на Македонија итно ѝ се потребни нови правила за нормализација на медиумскиот простор. Но, ако се прават напори да се нормализира државата, сигурно е дека медиумите не можат да бидат издвоени од тој процес.
Пишува: Сеад Ризвановиќ
Како виц на „Коза ностра“ прозвучи веста дека Македонската асоцијација на новинари (МАН) подготвила кодекс за изборно однесување на сите учесници во изборниот процес. Во прилогот подготвен од една национална телевизија, во кадарот кој ја опишува МАН, освен претседателката Слаѓана Димишкова, беше и уредникот на истата телевизија, кој силно стои зад активностите на МАН.
Да не е смешно, би било трагично што токму тој уредник и баш таа телевизија ги бараат следниве работи од партиите и од медиумите: почитување на темелни вредности, еднаквост и правичност во јавните и во комерцијаните медиуми и на интернет, еднакви можности на изборна промоција, изборната кампања да се споведува отворено, јавно и во добро аргументиран дух, да се почитуваат темелните вредности на чесност, искреност, фер однос, заемно почитување, одговорност, толеранција.
Навистина само додека ги читам „насоките“ на МАН, се воздржувам да не пукнам од смеење, со оглед дека вакви правила бара уредник на медиум кој стана синоним за (не)почитување на никакви вредности, (не)еднаква и (не)правична застапеност на политичките актери, отворено пропагирање на говор на омраза, напади врз неистомисленици темелени на лични коментари и на предрасуди.
МЕДИУМСКИ „АПСУРДИСТАН“
Но, ова соопштение на МАН е само уште една епизода на македонскиот „апсурдистан“ и следува по кампањата која од еден центар ја водеа дел од медиумите, а која имаше цел да прикаже дека СДСМ сака да воведе медиумска цензура. Пропагандната машинерија спинот го темелеше врз наводен предлог во преговорите кој бил даден од СДСМ, но проблемот е во тоа што за цензура обвинува најголемиот цензор во историјата на самостојна Македонија.
Овие настани можат да се споредат со хипотетичка ситуација кога чуварите на концентрационите логори во нацистичка Германија би се пожалиле дека Евреите сакаат да воведат нетранспарентен начин на делење на оброците во логорската кујна.
Во првиот месечен извештај на Институтот за комуникациски студии, пак, јасно се детектира однесувањето на дел од медиумите, кои, пак, често го напаѓаат ЗНМ водено од Насер Селмани, а го фаворизираат МАН. Во периодот на надзор, меѓу 23 ноември и 18 декември, институтот заклучува дека постои голема сличност во врамувањата кои се конструирани во вестите од јавниот сервис и од комерцијалните медиуми „Сител“, „Алфа“ и „Канал 5“.
„Постои големо совпаѓање во изборот на темите, изворите и во аголот на обработка на темите. Може дури и да се забележи синхронизирано емитување на прилози на иста тема и со исти соговорници, кои унисоно ја фаворизираат владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Овој наод упатува на заклучокот дека програмата на овие телевизии е можно да е координирана од еден ист извор“, се вели во анализата на ИКС.
Во услови кога однесувањето на дел од македонските медиуми и поведението на Владата во однос на контролата врз медиумите стана и ќе биде дел од сите релевантни меѓународни извештаи, нејасно е што сака да постигне МАН и медиумите што ја подржуваат. Зар навистина мислат дека некој релевентен набљудувач може да помисли дека тоа здружение и тие медиуми можат да зборуваат за слобода на говорот или слободата на медиумите во услови кога Македонија го допре дното во овие две клучни категории?
ПРАВИЛА И ДЕРЕГУЛАЦИЈА
Истите медиуми кои според анализата на ИКС сихронизирано емитуваат теми што ја фаворизираат ВМРО-ДПМНЕ, исто така, ударно ја поддржаа тезата на владејачката партија дека опозицијата бара регулација на медиумите каква што нема никаде во светот. Веројатно, тоа е една од причините што сега се нудат „кооперативни“ решенија од центри кои сакаат да создадат привид дека се рамноправни баратели на слобода за говорот во општеството.
Сега, за жал, сме доведени во ситуација кога новинарите, кои, во принцип, треба да бараат дерегулација во сферите што ја дефинираат слободата на говорот, мораат да признаат дека на Македонија итно ѝ се потребни нови правила за нормализација на медиумскиот простор. Но, ако се прават напори да се нормализира државата, сигурно е дека медиумите не можат да бидат издвоени од тој процес.
На крајот на краиштата, доколку еден ден институциите успеат да застанат на свои нозе, тогаш ние, новинарите, повторно ќе побараме дерегулација, па да се надеваме дека свеста и совеста на новинарите и на сопствениците на медиумите ќе дојдат на повисок стадиум и нема да има потреба од посебни закони, кои би дефинирале што е професионално новинарство.
Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).