Џафери во Будимпешта се сретна со претседателите на парламентите на Црна Гора, Србија и Косово

Од:

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери во рамки на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од Западен Балкан, што се одржува во Будимпешта, денеска оствари билатерални средби со неговите колеги од Црна Гора, Србија и Косово.

На средбата со претседателот на Парламентот на Црна Гора Иван Брајовиќ, Џафери, информираат од неговиот Кабинет, изрази особено задоволство од пријателските и конструктивни билатерални односи, кои се одвиваат без отворени прашања, со исти стратешки надворешно-политички приоритети.

Џафери истакна дека Република Македонија е заинтересирана за интензивирање на политичко безбедносната соработка во НАТО и пренесување на искуствата на Црна Гора на овој план. Тој посочи дека особен импулс на евроатлантските напори даде неодамнешното успешно одржување на Самитот на Јадранската Повелба во Подгорица, каде што ко-претседавач беше Република Македонија.

– Брајовиќ изрази уверување дека Црна Гора и понатаму ќе дава силна поддршка на патот на евроатланските интеграции на Република Македонија, а воедно изрази и очекување дека европската перспектива ќе биде реалност за сите земји-аспиранти за ЕУ членство. Според него, членството на Црна Гора во НАТО придонесува во сигурноста и безбедноста на целиот регион, соопшти собраниската прес-служба.

Претседателката на Парламентот на Република Србија, Маја Гојковиќ, му го честитала изборот на Џафери на функцијата претседател на Собранието на Република Македонија.

Претседателот Џафери изразил задоволство што двете држави имаат политички дијалог на сите нивоа, а фактот што севкупната комуникација и соработка на билатерален, регионален и мултилатерален план е конструктивна, посочил, овозможува отворен и позитивен пристап во решавањето на прашањата кои се од заемен интерес.

Гојковиќ, пак, истакнала дека Парламентот на Репулика Србија е подготвен да ја продолжи и унапредува комуникацијата со Собранието на Република Македонија, особено на ниво на групите за соработка кои се формирани во двата парламента. Таа потенцирала дека предност на парламентарците е што можат секогаш да остварат поблиска соработка, за да можат во целост да ги реализираат потребите на граѓаните. Двајцата претседатели искажале подготвеност за координираност во постапката на ратификација на договорите што ќе ги потпишат владите на двете земји.

На средбата со Кадри Весели, претседателот на Парламентот на Република Косово, претседателот Џафери нагласил дека односите и билатералната соработка меѓу двете земји се пријателски и конструктивни и изразил убеденост дека ќе бидат зајакнати и многу поинтензивни во иднина, во сите области од заеднички интерес.

– Особено беше изразена верба во меѓусебната заемна поддршка на планот на европската и евроатлантската интеграција на двете држави. Весели укажа на потребата да се решаваат прашањата поврзани со размената на студенти, односно да се овозможи слободно движење и престој преку законски олеснувања. За тоа цел беше предложено надлежните комисии за образование во двата парламента и надлежните министерства за надворешни и внатрешни работи да изнајдат заедничко решение за остварување на оваа цел, се посочува во соопштението од Собранието.

На планот на меѓупарламентарната соработка, се додава, Џафери информираше дека во Собранието е формирана Пратеничка група за соработка со Парламентот на Република Косово при што беше изразено очекување дека таква група ќе се формира и во Косовскиот парламент, за да започнат со поблиски средби и размена на искуства од парламентарното работење, меѓународната политика и други актуелни прашања.

Соговорниците споделилле взаемни уверувања и очекувања дека меѓупарламентарната соработка ќе се интезивира и унапредува, се со цел заеднички да се придонесува кон севкупната меѓудржавна соработка.

Би можело да ве интересира

Приштина тврди дека Србите не ја искористиле можноста да гласаат на референдумот

Земјотрес во Србија

Во Косово приведен македонски државјанин по кого е распишана меѓународна потерница заради тешко убиство

Орце Костов

Земјотрес кај Чачак

Австриските власти го екстрадираат во Србија осомничениот за убиството на Нусрет Дестановиќ

Полициска рација во просториите на црногорската Агенција за сузбивање на корупцијата