Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери на Осмата конференција на претседатели на парламенти од Западен Балкан во Будимпешта, во организација на Унгарското национално собрание, порача дека Македонија очекува ЕУ да ја продолжи политиката на отворени врати и дека Европската унија без Западен Балкан нема да биде она за што зборуваа татковците на здружена Европа.
Џафери, како што информираат од неговиот кабинет, на домаќинот на конференцијата претседателот на Унгарското национално собрание Ласло Ковер, му се заблагодарил за континуитетот и порачал дека тоа е знак на принципиелната надворешна политика на Унгарија кон државите од Западен Балкан и нивната интеграција во ЕУ.
– Тоа е политика која се темели врз определбата на отворени врати, односно проширување на европското семејство. На овој начин, Унгарија многу отворено го манифестира еден од основните принципи врз кои се темели здружена Европа, а тоа е принципот на солидарноста, изјави Џафери.
Република Македонија, продолжи Џафери, која прва го потпиша договорот за асоцијација и стабилизација, е држава кандидат за членство во ЕУ уште од 2005 година меѓутоа, сè уште ги нема започнато преговорите за членство во ЕУ, иако досега од страна на Комисијата на ЕУ имаме добиено осум препораки за започнување на преговорите.
– Република Македонија, скоро две години живееше во една полу латентна политичка криза и нашето приближување кон ЕУ беше искрено кажано во хибернација. Притоа, мислам на спроведување на внатрешните реформи и на динамиката на решавањето на споровите. Отвореното прашање со нашиот јужен сосед, колку и да е емотивно за нашите граѓани, сепак ни стои на патот кон постигнување на нашите стратешки определби и треба што е можно порано да се најде решение прифатливо за двете страни. Денес, без лажна скромност, ве известувам дека актуелната новоизбрана влада, новиот парламентарен состав, како и сите државни институции, сериозно работат во насока на враќање и здраво чекорење по патот на целосната интеграција во ЕУ и НАТО. Притоа, за нас е најважно што оваа политика има широка поддршка од граѓаните на Република Македонија, а тоа се потврди и на неодамнешните локални избори, рече Џафери.
Посочи дека на внатрешен план Владата усвоила посебен, таканаречен План 3-6 9, во кој се јасно поставени задачите кои треба да се исполнат, а утврдена е и динамиката на исполнување.
– Собранието во овој мандатен период, и јас како претседател на Собранието, поставивме неколку јасни правила и параметри кои се во функција на побрзото отпочнување на преговорите со Брисел. На надворешен план, сакам особено да истакнам две работи. Неодамна, со Бугарија потпишавме меѓудржавен договор за пријателство, добрососедство и соработка. Сето ова се темели врз принципи кои се карактеристични за односите на државите внатре во ЕУ. Исто така, работите со нашиот јужен сосед Грција се движат во позитивна насока ако се има предвид дека за само неколку месеци имаше две средби на министрите за надворешни работи на двете држави, едната во Атина, другата во Скопје. Тоа говори дека се поставени основите за градење на меѓусебна доверба. Искрено, тука очекуваме поактивна улога, како на Обединетите Нации, преку посредникот Нимиц, така и на Брисел и неговите институции. Со другите држави во регионот имаме воспоставено високо развиени односи, кои подразбираат не само добра билатерала на сите полиња, туку и придонес за мирот и стабилноста на целиот регион и неговата европска перспектива, изјави Џафери.
Сите ние, порача Џафери, многу сериозно ги следиме настаните во Европа и граѓаните на Македонија, без оглед на нивната политичка, етничка или верска определба, веруваат во идејата на Шуман, Черчил, Моне, Аденауер и другите европски политичари кои ја создадоа и ја развиваат Европската Унија.