Општина Ѓорче Петров во соработка со ЈП „Комунална хигиена“ денеска и утре ќе спроведе акција за собирање кабаст отпад.
Акцијата денес ќе се одвива во урбаните заедници Хром, Дексион и во дел од Урбаната заедница „Мирче Ацев“, во период од 7 до 9.30 часот. Акцијата утре (16 септември) ќе се спроведе на дел од урбаните заедници „Мирче Ацев“ и „Даме Груев“.
– Граѓаните кои имаат кабаст отпад може да го остават пред своите куќи или згради. Потребно е местото да биде пристапно за возилата на ЈП „Комунална хигиена“ да може непречено да го соберат отпадот, соопшти Општина Ѓорче Петров.
Во кабаст отпад спаѓаат мебел и делови од мебел, бела техника, електрични апарати за домаќинство (шпорети, ладилници, машини за перење алишта и за садови, бојлери и слични предмети), електронски апарати (компјутери, телевизори, музички системи…), но не и градежен шут.