Двајца гостиварци „испрале“ 2,5 милиони швајцарски франци од шверц на хероин

Од:

Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал заедно со претставници од швајцарските органи на прогонот, денеска по претходно изготвен план за преземање мерки и активности во врска со меѓународна истрага за недозволена трговија со дрога изврши претреси на три локации на подрачје на градот Гостивар, заради обезбедување докази за сторено кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Како што соопшти денеска МВР, претреси се извршени кај две физички лица од Гостивар и едно правно лице, односно туристичка агенција од Гостивар. При тоа пронајдена е документација за брз трансфер на поголеми суми на пари на име на повеќе лица, испратени од Швајцарија во Македонија.

Дел од останатите проверки се уште се во тек, а двете лица во својство на сведоци во текот на денот ќе бидат изведени пред надлежен Јавен обвинител.

Едно од лицата кај кои е вршен претресот, се појаснува во соопштението, е брат на еден од приведените во Швајцарија, кој според сознанијата од швајцарската полиција пред повеќе од 20 години бил фатен со 300 килограми хероин и за тоа бил осуден на казна затвор во времетраење од 18 години. По издржување на казната, тој бил протеран и му била изречена забрана за влез во Швајцарија.

Имено, во текот на 2014 година, МВР спроведе успешна меѓународна истрага во соработка со швајцарската полиција, насочена против македонски државјани инволвирани во организирање на транспорти и продажба на хероин на територијата на Швајцарија.

Како резултат на истрагата во текот на октомври, од слобода се лишени 44-годишниот Саити Сабедин од Куманово и 56-годишниот Алигега Кујтим од Гостивар. При операцијата беа запленети околу 25 килограми хероин и 60 илјади швајцарски франци.

За време на истрагата спроведена во Швајцарија беше утврдено дека дел од паричните средства стекнати од продажбата на дрога преку брз трансфер на пари, како и преку лица курири се испраќани во Република Македонија.

– Токму, заради пронаоѓање на докази за сторено кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, постапувајќи по барање за меѓународна правна помош, беше остварена соработка помеѓу Јавното обвинителство на Швајцарија и Основното Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и врз основа на тоа беа извршени претреси во Гостивар, се вели во соопштението од МВР.

Двајцата приведени во Цирих, подолг период наназад биле предмет на интерес на кантоналните и федералните органи на прогонот заради сомненијата дека станува збор за крупни играчи на швајцарскиот наркопазар кои, стои во соопштението, ги снабдувале со хероин поголемите дилери во Швајцарија, но и околните земји.

Сознанијата на швајцарските органи на прогонот говореле дека тие набавуваат големи пратки на хероин од Турција и по разни канали успевале илегално да го внесат во Швајцарија.

– Во една прилика швајцарските власти успеале да запленат и 100-тина килограми хероин, но заради непостоење доволно докази не успеале да покренат обвинение против Саити и Алигега. Во меѓувреме нивното богатство растело, а нелегално стекнатите средства ги покривале преку бизниси со градежништво и трговија со половни автомобили. Според некои проценки само домот во кој живее Саити во Цирих, чини неколку милиони швајцарски франци, се подвлекува во соопштението од МВР.

По вклучувањето на македонската полиција во истрагата и откривањето на 25-те килограми хероин, односно приведувањето на двете лица, од направените проверки сомненијата на швајцарските органи на прогонот, велат дека на разни начини преку вршење на кривичното дело перење пари, двајцата успеале да канализираат над 2,5 милиони швајцарски франци.

Од МВР најавија дека истрагата во соработка со швајцарските органи продолжува.

Би можело да ве интересира

Полицијата уапси дилер во Штип, пронајдена е дрога во неговиот дом

Горан Наумовски

Четворица приведени за пукањето во Чаир, двајца биле затвореници од „Идризово“

Санкции поради неправилности при вршење јавен превоз со автобус

Предраг Петровиќ

Приведен дилер во Тетово, пронајдена дрога

Преку лажни профили на МВР и Интерпол се нуди помош за измамени во “Конти“, предупредува полицијата

Катерина Ѓуровски

Отворен пункт за лични документи во Сарај