Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку и претседателот на североисточниот плански регион Зоран Дамјановски денеска потпишаа Меморандум за соработка за спроведување на проекти за воспоставување на регионален, интегриран систем за справување со отпад во североисточниот плански регион.
Меморандумот ги опфаќа рамковната спогодба на Владата на Македонија, потпишана со Комисијата на европските заедници со кои се добива финансиска помош во областа на животната средина за реализирање на проекти и подготовка на планска документација. Проектите, финансирани од ИПА програмата, кои освен на североисточниот се однесуваат и на источниот регион, опфаќаат набавка на опрема, транспорт на отпад во североисточниот регион, затворање на непрописните „диви“ депонии и ѓубришта во регионот, изградба на централна депонија во источниот и североисточниот регион. Со проектите, беше посочено на денешното потпишување на Меморандумот, ќе се придонесе кон подобрување на стандардите со управување со отпадот во североисточниот регион, решавање на проблемите со несоодветното одлагање на отпадот на општинските и диви депонии, кои ќе се затворат или технички да се надградат според стандардите утврдени со закон.
– Целта на оваа заедничка средба е потпишување на Меморандум за соработка на рамковната спогодба меѓу Владата и Комисијата на европските заедници за постапките за спроведување на финансиската помош на Унијата за Република Македонија, во рамки на спроведувањето на помошта ИПА 2. Со цел да се воспостави формална договорна основа за успешно спроведување на пет проекти планирани во рамки на повеќегодишната, секторската, оперативна програма за животна средина и климатски акции за ИПА 2, 2014-2020 година, рече во обраќањето министерот Дураку.
Тој и се заблагодари на ЕК за помошта што ја дава во насока на подигнување на капацитетите на Република Македонија во однос на заштитата на животната средина, а особено во делот на управувањето со отпадот.
Проектот, објасни Дамјановски опфаќа три компоненти, набавка на механизација и опрема, санација на ѓубришта од диви депонии и изградба на претоварни станици за да се групираат во два дела од регионот, што ќе биде преодната фаза и вовед во изградба на регионален центар со цврст отпад за источен и североисточен плански регион.
– Ова е еден мегапроект кој на некој начин ја решава судбината на овој регион во однос на справување со цврст отпад и заштита на животната средина од есенцијално значење за државата. Ова е проект финансиран од Комисијата на европската заедница за поддршка на развој на Македонија ИПАРД 2 проектот, и е во габарит од над трисетина милиони евра, рече Дамјановски.
Тој истакна дека пред имплементација на третата фаза, општините ќе мора претходно да дебатираат со невладините организации, со месните заедници, со граѓаните за потпишување на договорот за понатамошна меѓуопштинска соработка. Тој додаде дека договорот и изградбата на тие системи во наредниот период можат да придонесат за зголемување на цената на сметот во наредните неколку години, за изградба на претоварни станици на некои локации, кои допрва треба да се лоцираат и одобрат. Меморандумот, рече е преодна форма до добивање согласност.
Меморандумот појасни, раководителот на сектор за управување со отпад во Министерство за животна средина и просторно планирање, Ана Каранфилова Мазневска, се однесува на набавка на возила и контејнери за двата региони, затворање на нестандардните депонии, проекти кои се однесуваат на надзор на реализирањето на овие проекти и формирањето на регионалната депонија во двата региони.
Атина Мургашанска од Центарот за развој на североисточниот плански регион, рече дека североисточниот и источниот регион ќе бидат предводници во државата на модерно современо и според европски стандарди управување со отпад, што ќе се одвива според современите европски директиви и со тоа ќе се придонесе за зачувување и заштита на животната средина. Според надлежните во текот на наредната година предвидено е да пристигнат контејнери, возила, а наредните три–четири години се очекува изградба на инсталацијата за преработка на отпад.