Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки денеска оствари работна средба со амбасадорот на Австрија во Република Македонија Ренате Коблер.
Како што соопшти МЖСПП, министерот Дураки искажал задоволство од соработката и поддршката што Македонија ја има од Австрија во евроинтегративните процеси и во постигнувањето на заедничките цели во заштитата на животната средина. Притоа ја истакна намерата во наредниот период соработка со членките на ЕУ максимално да се интензивира.
– Република Австрија преку Австриската амбасада и Австриската Агенција за развој повеќе години наназад беше дел од успешната реализација на многубројни проекти за заштита на животната средина, особено во делот на водоснабдување, собирање и третман на отпадни води, зајакнување на административните капацитети на јавните претријатија кои стопанисуваат со водните ресурси, климатските промени, но и во твининг проектите за квалитет на воздухот, се вели во соопштението од МЖСПП.
Дураки и Коблер изразиле подготвеност веќе воспоставната соработка во постигнувањето на европските стандарди во различни области на животната средина уште повеќе да се продлабочи и интензивира.