Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки и градоначалниците на 12 општини денеска потпишаа договори за доделување финансиски средства за изработка на техничка документација за изградба на водоводни и канализациски системи и за регулација на речните корита.
Дураки нагласи дека средствата се доделени согласно Програмата за инвестирање во животната средина за 2017 година. Предвидени се вкупно 43 милиони денари и се доделени на 12 општини, за 14 проекти.
– Со тоа Министерството за животна средина и просторно планирање настојува и финансиски да ги помогне локалните самоуправи во управување со водите со што обезбедува не само почиста животна средина, туку и директно се влијае врз здравјето на жителите, потенцира Дураки.
Тој појасни дека средствата се распределени за проекти во четири области: заштита, зачувување и подобрување на квалитетот на водите, за заштита на природата и биолошката разновидност, за подигање на јавната свест, едукација и обука во областа животна средина и за поттикнување образовни, истражувачки и развојни студии, програми, проекти и други слични активности за заштита и унапредување на животната средина и природата.
Договори се потпишаа со општина Желино за изградба на фекална канализациска мрежа во населеното место Желино, со општина Теарце за изработка на документација за одведување отпадни води, со општина Дебар за атмосферска канализација (цевковод за прифаќање на водите од Ваковска река), со општина Василево за изработка на техничка документација за канализација во село Добрашинци.
Куманово добива средства за изработка на техничка документација за канализациска мрежа за селата Табановце, Сопот и Четирце, Гостивар за продолжување со изградба на фекална канализација во населенето место Дебреше, општина Липково за регулација на речното корито на Слупчанска река, а општина Брвеница за основен проект за главен колектор за фекална канализациска мрежа за населеното место Долни Челопек.
Општина Пласница добива пари за фекална канализација за дел од населеното место Долна Пласница, меѓу реката Треска и регионалниот пат Прилеп-Кичево, Крива Паланка за доизградба на регулација на Скрљавски Дол, а општина Ранковце за изработка на инфраструктурен проект за канализациска мрежа за отпадни води во Опила.
Во Струмица ќе се реализираат неколку проекти: регулација на порој (речно корито) на Свети Илински на потегот од базна преграда до вливот во река Водочница, регулација на порој „Крушевска Република“ на потегот од улицата „Св. Климент Охридски“ до вливот во реката Тркајна, со партерно уредување околу каналот и изработка на техничка документација за главен фекален колектор за новоурбанизираните блокови во Струмица бр. 35-42.