ДУИ: Институционална одговорност e потребна по верскиот обред на полицијата

Од:

Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост и остро реагира на објавените фотографии од Министерството за внатрешни работи, на кои се гледа извршување на верски обред врз официјални полициски возила, се вели во соопштение од ДУИ.

„Ова не е „традиција“. Ова е отворено кршење на принципот на секуларна држава. Верскиот обред не е извршен во приватен простор или во верски објект, туку во дворот на полицијата, врз државни службени возила, во рамки на институција на јавната безбедност. Ваквото постапување е целосно неприфатливо во држава која според Уставот е секуларна и која има мултиетничка и мултиконфесионална реалност.

Полицијата на Република Северна Македонија е државна институција која треба подеднакво да им служи на сите граѓани, без разлика на етничката и верската припадност. Таа не ѝ припаѓа на ниту една религија и не смее да создава перцепција дека постои доминантна или „официјална“ вера во рамките на државните институции.

Кога државните простории и средства се користат за ритуали на само една конфесија, пораката кон другите е исклучувачка и опасна: дека јавните институции се идентификуваат со една религија, со што се потценуваат и исклучуваат другите. Ова не е безопасна симболика, туку институционализација на религијата и директно кршење на Уставот.

Особено е навредливо што овие возила се набавени со пари на сите даночни обврзници и ќе ги користат припадници на полицијата од различни вероисповеди. Никој нема право да ги „обележува“ државните институции со симболика на само една вера.

Државата се чува со закон и Устав, а не со света вода од свештеник. Токму затоа секуларната држава не функционира со „традиции“, туку со еднаквост и институционална неутралност. Демократската унија за интеграција бара:

1. Итно и јавно појаснување кој го има овластено овој чин, врз која законска основа и со каква цел;
2. Институционална одговорност за секој функционер кој дозволил или не спречил користење на државните простории и средства за верски ритуали.

Јасна порака и до ВЛЕН/ВРЕДИ: наместо бучава со статуси на социјалните мрежи и медиумски изјави, нека го докажат капацитетот таму каде што треба – во институциите, со конкретни дејствија и спречување на дискриминаторски практики. Кога етничката и конфесионалната еднаквост се крши во државните институции, а реакцијата останува само виртуелна, тоа е доказ за реална неспособност и за тивко прифаќање на ваквата состојба.

Демократската унија за интеграција ја почитува слободата на вероисповест и верско изразување на секој поединец, но слободата на верата не значи узурпација на државните институции. Полицијата мора да им припаѓа на сите, а не на една етничка заедница или една вера, со кршење на Уставот. Демократската унија за интеграција ќе го следи овој случај до крај и ќе бара целосна транспарентност и конкретни мерки, со цел вакви случаи повеќе да не се повторуваат, велат од партијата.

Би можело да ве интересира

ДУИ бара независна и непристрасна постапка за случајот со Артан Груби

ДУИ обвинува за директен атак на правосудниот систем

А1он

ДУИ позитивно ја оценува одлуката на Артан Груби да се врати во земјата

Го запали својот автомобил, побегна и пукаше во полицијата

А1он

Вреди: ДУИ да побара Албанија да го екстрадира Артан Груби

Припадничка на МВР киднапираше и претепа колешка, причината засега е непозната

Горан Наумовски