Државата пред колапс

Од:

Уште во почетокот од владеењето на ова власт се насетуваше тежнение кон сериозна антидемократичност. Власта премногу зборуваше а интелектуалците премногу молчеа. Лесно го конвертираа правото на јавно говорење во пари.

Со невиден популизам беше лансиран лажниот преродбенички дух во сечиј двор, во сечиј дом, во сечија глава, во сечија надеж. Го имаше дури и во брачните кревети. Се наментнуваше уверувањето дека тоа што им се случува на лугето не е секојдневие, туку ретка благословена среќа што може да се случи само еднаш на илјада години.

Иако во суштина се работеше за бледа имитација на злопамтената маоцетунгова културна револуција – „нека цветaат стотина цвеќиња“, „нека се градат стотина училишта“, „нека се подигнат стотина хидроцентрали и брани“, „нека се засадат милиони фиданчиња“, „нека се инсталираат стотина илјада компјутери“ и ред други слогани, слатки за увото ама горки за животот. Горки оти цвеќињата брзо овенаа, школите се претворија во шупи, хидроцентралите ги однесе водата, фиданчињата не успеаа да станат трупци, компјутерите завршија во депонија.

Сe падна во вода и сега сфаќаме дека цело време сме биле хранети со празна лажичка. Нe зафати рекордна сиромаштија поради која овие шест години над 50 илјади грагани трајно ги напуштија нивните огништа.

За шест години го дуплиравме надворешниот долг, а четири пати го зголемивме внатрешниот долг. А ниеден продуктивен проект на виделина. „Скопје 2014“ ќе остане историска срамота за државата. Овој проект има за цел лугето да ги држи на небо за да не го видат подземјето. Што сe ќе добијат граѓаните со триста милиони евра колку што чини овој перален проект?

Економистите велат дека кога тие пари би биле рационално вложени во економијата во вид на поволни кредити ќе добиeвме најмалку триесет илјади нови директни работни места, а уште толку индиректни. Ќе се спасеа многу луѓе од бедата, а парите пак ќе се вратеа за повторно вложување. За само сто милиони евра ќе се изградеше најмодерната поликлиника во регионот со целата комплетна опрема за сите болести, со што државата ќе заштедеше неколку десетина милиони евра годишно и многу човечки животи.

Но, власта и за ваква хаварија си има силна медиумска логистика до ниво што и пеколот ќе ни го прикаже како да е рај. Сервирајќи ни радосни лаги а сокривајќи ги тажните вистини упорно настојуваше да не убеди дека подобар од белиот ангел е токму црниот ѓавол. А што можеме друго да очекуваме од владеење талентирано да суспендира право, да урива системи, да уништи институции, да гази по човечко достоинство, да затвори медиуми… Од водачи кои цело време настојувале да се прикажуваат како стебла полни со плодови, а всушност биле само соголени и напуштени суви стебла каде што се гнезделе само мршојадци.

Газиме во седмата година од вакво владеење, а власта продолжува и понатаму да се движи со помош на лаги и манипулации. Најголемата лага и беше името кое шест години ги покрива големите дубиози на власта. Со тоа лесно се заведувале масите, но и успешно ја маскираа неодговорноста, неспособноста и криминалот. Иако ЕУ и НАТО беа свесни за штетите што може да ги создаде ваквиот популизам, тиа ни прогледаа низ прсти.

Дури нe охрабруваа дека сме ги динамизирале реформите, дека сме направиле добар прогрес, дека се движиме кон вистинската насока, верувајќи дека ако го решиме името кое и за нив е морален товар, лесно ќе нe сместеле на колосек. Но, власта си продолжи со сеидбата на евтин популизам кој сега многу скапо го жнееме. Во име на лажното минато ни се уништи вистинската иднина. Проблемот со името беше на пат да изгасне ама силните антички ветришта пак го разгорија. Но, историјата е полна со водачи што имале мал морал а големи амбиции, а тоа е смртоносна смеса за судбината на милиона души. Беше потребно да помине многу време за да сфатиме дека од возвишеното до трагичното дели само едно влакно Сега и мегународната заедница го менува ставот.

Позициите во однос на евроатлантската агенда видно се влошени. Тие сега ја свртуваат плочата и дефинитивно имаме шанса да навлеземе во фаза на тотална неизвесност каде што и Путин не ќе може да ни помогне. Уште пред година дена Филе изјави дека дури и името да го решиме, со такво назадување нема да добиеме преговори, а можеби и препораката ќе ни била земена.

Сега на власта и гори под нозете. Економијата пропага, стандардот тоне, демократијата е задушена. Очекувано дека таа како спасоносна сламка ќе ја користи лустрацијата за да нe прочисти морално.

А моралот на власта не може ни Вардар да го исчисти. Новиот закон е направен така да од ваквата лустрација бега и самиот Луцифер. Ќе лустираат тие кои во себе немаат ни микрон-фотон светлина. Ама лугето сега многу добро знаат дека гревовите на кодишите се капка вода во океанот од гревови што ги направела власта. Неповратно загубивме многу време и мнгоу драгоцени проекти. Кога требаше да се говори јавно, многумина мислеа дека е рано за говорење, а впрочем беше доцна за молчење. Сега ни е јасно колку скапо нe чинел говорот на неправдата и молчењето на правдата. Власта станува сe по нервозна оти не може да се пофали со ниту еден резултат.

Евроатлантаската агенда е загубена, инвестициите ги нема, економијата во криза, платите стана проблематични, мегуетничките односи закрварија. Но, и за овие работи сите друге мора да бидат виновни за да власта биде невина. Тестот се наближува. Ако постојано се сопнуваме од ист камен заслужуваме да ја скршиме ногата или главата. Тој што на злото не му се спротиставува соработува со злото. Но, за жал шансите многу подобро се гледаат кога заминуваат отколку кога се појавуваат.

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска