Досие „Сокак“

Од:

Сите вие кои тргнавте да го прочитате текстот со желба да станете поупатени која е разврската некој нов случај на СЈО или нечија улога како дел од четврточните настани во Собранието, веројатно ќе останете разочарани.

Овде станува збор за еден Фејс-френд и неговата кафана (иако во кафана едвам одам, а и кога одам не се поздравуваме), инаку позната Скопска смртоносна институција, која ја викам по мој тертип Сокак бидејќи не љубам деминутив, а на пошироката јавност која го празнува животот позната како Сокаче. Зошто „смртоносна“ ќе прашате? Па сигурно прочитавте деновиве дека веќе пет години граѓаните од околината се што отруени од гриловани издувни гасови, што зашеметени од акустична траума и конечно доведени до преплет на нерви заради хроничен недостиг на паркинг место.

А зошто институција? Кој не минал низ сокакот можеби тешко ќе ја разбере енергијата на ова трошно здание скриено во дворот, а со моќ слична на септемврискиот земјотрес, па и некој Рихтер згора на тоа. Изминативе пет години оваа мала Казабланка ги чуваше вратите отворени за сите земски машки и женски маштаби, владини и опозициски, црни и бели, пушачи и и оние кои помалку пушат. Место во кое многу ишарети биле дадени, информации разменети, колена допрени и чуда направени. Некоја изменета градска фаца беше само декор на бескрајните викенди минати под ишараните ѕидови кои живо сведочат чија сé нога го поминала прагот на Сокаче.

Не би се кладел,а би можел да прифатам дека римејкот на изреката „Која мајка дете изгубила…“ е излезен токму однашава мириснабонвиванска градина.

Но, што всушност се случуваше изминативе пет години во овој сокаки каде лежи проблемот. Па драги мои проблемот на самиот проблем е помалку неговата суштина, а многу повеќе неговото времетраење односно нерешавање. Главниот повикан за решавање на локалните проблеми според организациска уреденост и надлежност е општината (Карпош, во случајов) и таа некако вешто и намерно успеа да се трансформира во главниот виновник за сегашната ескалација и главоболките на граѓаните.

Замислете ја ефикасноста на ГРОМовско-револуционерната администрацијата, неамнестирајќи го со ова граѓанинот „Коце сељакот“, која после бројни поднесоци реагира со привремено затворање на објектот на крајот на Ноември минатата година или по само десет месеци откако се констатирани звучни пречекорувања и нарушување на амбиенталниот воздух. И додека знаеме која е единица мерка за забрзување, од искуството на нашите сограѓани произлегува дека за единица мерка за инерција ќе треба да се усвои 1 К(арпош).

Дека општинската власт потфрлила и тоа машки и здраво и покрај целиот репертоар на инструменти и закони ќе речете просто е невозможно?!? Вие сигурно разбирате дека се работи за некој пристар сенилен артритичен општински инспектор кому никаде не му се брза и кој ја има вечноста до неговото пензионирање. Некој можеби ќе помисли дека ова чекање наменето на граѓаните или пак обратно пломбирањето непосредно пред декемвриските избори се суптилни инструменти на принуда за некаква цел, не дај боже политичка од типот поклонување на гласачка доверба или дисциплинирање, но знаејќи ја коректноста на админот на видео-игрицата наречена Карпош секој разумен граѓанин би ја отфрлил оваа груба инсинуација.

Шегата настрана овој или ваквите проблеми се градска реалност и бараат решение без одложување. Впрочем и јас самиот сум жртва на акустичниот терор од платото пред Сити Мол и редовните про-летни до есенски фолк-рок матинеа кои ни ги приредува спомнатиот општински админ. За вкусовите нема да разговараме, но децибелите и исчезнатиот мир ве уверувам дека нестрпливо ги чекаат следните локални избори. Граѓаните се разбира во континуитет бараат спас од урабното лудило, иако една од дефинициите на лудилото е да повторувате една иста постапка, а да очекувате различен исход од неа. Тогаш зошто, се наметнува прашањето, соседите од сокачето повторно и повторно собираат потписи и пуштаат поднесоци до архивите на Стевчо и Коце – двајцата браќа од различна мајка.

Кое е решението?

Поднесоците рековме не се решение. Флоскуларно храбрење, декларативни алузии во идно време и благо потпрднување на Фејсбук и Твитер исто така не носат решение. Но, има ли смисла во 21-от век да се случува протест пред кафана и заради кафана (наместо матурки и целиот андерграунд репертоар)? Не знам, веројатно има, но знам дека постојат побезболни и помалку жолчни начини. Сепак ако веќе сте се одлучиле за протест ве советувам изберете ја правата адреса. Во случајов тоа е општинскиот старател (го нарекувам така бидејќи титулата Татко треба да се заслужи). Значи местото на протестирање е пред општинската зграда во неограничено време и без горни граници на бројност и така има веројатност дека работите барем ќе се поместат од мртва точка.

Побезболните начини кои ги спомнавме подразбираат нешто помалку антагонизам и напластен анимозитет. Тоа се начини кои на животот му даваат една друга димензија – смисла на кеиф, на разбирање, лезет и рамнотежа, смисла на човек со човек. Тоа се нешта за кои се бориме и на кои ги учиме нашите деца, а ќе се сложите некогаш баш кафаната е вистинско место за тоа учење. Вистинското решение кое го препознавам во оваа смисла значи обезбедување на критичната комуникација и воља за надминување на проблемот.

Во некои понапредни модели на живеење и управување со животот, погодувате во Нордиските земји функционираат полуформални форуми на ниво на локални заедници, еден вид „Собир на мудрите глави„ ко ги вклучуваат сите инволвирани страни и се наменети на брзо и ефикасно решавање на комуналните проблеми. Во нашиов случај тие би подразбирале претставници на граѓаните, општината, полицијата и кој ако не самото Сокаче.Овие форуми се навистина брзи во своето дејствување, мобилни, адаптибилни, со променлив состав според потребите и што е најважно работат во духот на добрата воља. Тие се супституција во случаи кога администрацијата доцни, а често кога имаат што да понудат или посоветуваат се активираат и пред воопшто таа да се појави во својот формален облик.

Единствениот императив на сите вакви форуми – без оглед на составот е обврската за наоѓање решение за проблемот – повторувамприфатливо,брзо и ефикасно. На овој начин каков би бил епилогот со Сокаче не можам да претпоставам, но сигурен сум дека би бил прифатлив за сите. Сетете се на пример на трансферот на локацијата на една позната скопска култна кафеана од близината на Соборниот храм во Комплексот Хипериум. Можеби нешто слично или некоја сосема трета солуција која има врска со нови технологии и материјали.

Каков и да е конечниот избор едно треба секогаш да го имаме пред вид: со самото тоа што сме се родиле и сјатиле овде – во центарот на на некаква урбанизација сме ја прифатиле идејата да имаме организиран и заеднички живот. Со тоа следи и потребата за константно подобрување на условите за тој живот, за нас самите и за сите околу нас. Но тоа исто така не значи затворање на очите и замижување пред отстапки од правдата и правото без оглед на кое ниво се случуваат. Ние сме должни да го градиме нашиот пат заеднички како што заеднички зборуваме, се трудиме, се едуцираме, издигнуваме, “војуваме” секојдневно и се бориме да продолжиме. А градоначалниците? Градоначалниците, советите, администрацијата, тие се едноставно менливи и на тоа треба да ги потсетуваме но и да ги менуваме сега, секогаш па дури и почесто од тоа.

Анте Попоски

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска