Докторите Јосифова и Бајрами: Вирусот постои, не игнорирајте го и заштитете се

Од:

Коронавирусот постои, тој е тука меѓу нас и во ниту еден момент не смееме да се опуштиме, треба доследно да ги почитуваме препораките за лична заштита, држење дистанца, носење маскa и редовна хигиена на рацете, порачуваат докторите инфектолози, Сунчица Јосифова и Азиз Бајрами од Инфективното одделение на кумановската Општа болница.

Двајцата лекари се заразија со вирусот, впрочем како и поголем дел од здравствениот персонал од ова одделение во кумановската болница.

Началничката на Инфективното одделение д-р Сунчица Јосифова, специјалист инфектолог, заедно со нејзиниот колега доктор Азиз Бајрами го пренесоа своето искуство како се справиле со болеста КОВИД-19.

И двајцата се заразиле на работното место на Инфективното одделение во болницата.

Доктор Бајрами, специјалист инфектолог, раскажува дека бил меѓу првите здравствени работници заразени со вирусот.

На 24 март веста дека се заразени здравствените работници ја соопштија надлежните од Министерството за здравство.

Претходно во Куманово немаше ниту еден случај на заразен со коронавирусот, а на 21 март надлежните соопштија дека на ова одделение почина првата пациентка од последици од коронавирус.

– Откако почина пациентката која беше хоспитализирана беше решено да се направи тест кај вработените. Во правата група која се тестираше јас бев заразен заедно со други колеги, двајца доктори и две сестри. По неколку дена беа заразени и останатите колеги. Инкубацијата може да трае од 48 часа до 14 дена, некогаш и повеќе – вели Бајрами.

Д-р Јосифова додава дека како специјалист инфектолог и дел од тимот на Инфективното одделение во ЈЗУ Општа болница во Куманово, во текот на февруари се подготвувале да се соочат со нешто непознато, за кое имале информации, но не и искуство.

Тие се подготвувале на стручен план, за извори и начин на пренос на вирусот, дијагностички процедури, клиничка слика, текот на болеста, можни компликации и исход на болеста, начинот како да се заштитат, како правилно да ракуваат со заштитната опрема.

Доктор Бајрами беше меѓу првозаразените. Тој не знаел дека бил инфициран. Сепак, се сеќава дека имал благи болки во градите, кивање, а потоа по тестирањето речиси и немал симптоми.

– Веднаш се изолирав од останатите членови на семејството во посебна соба во домот. Сопругата готвеше, посебено јадев. Немав никаков контакт со членовите од семејството 14 дена. Никој не се зарази од семејството. Среќа во несреќа е што брзо се тестирав, вели Бајрами.

Докторката Јосифова не била меѓу првозаразените. Во многу краток временски период, во март, на Инфективното одделение имала нагло зголемување на бројот на заболени од кои некои биле со тешка клиничка слика, во одредени случаи и витално загрозувачка.

– И јас бев директно вклучена во лекување на ваквите пациенти од самиот почеток. Единствена цел на сите ни беше да им се помогне на заболените. Во таа беспоштедна борба со коронавирусот настрадаа и првите здравствени работници во кумановската болница, кои беа вклучени во лекувањето на болните од КОВИД-19. Епидемиолошката служба при ЦЈЗ спроведе тестирање на сите вработени кои бевме во контакт со заболените и тогаш бев негативна, вели Јосифова.

Докторката Јосифова, пак, по десетина дена од контактите со заболените, по враќање од работа почувствувала малаксаност, болка во целото тело и треска. Тоа си го припишала на заморот од темпото на работа наметнато од новонастанатата состојба и сметала дека со малку одмор сè ќе биде во ред.

Почнала со антибиотска и друга симптоматска терапија, со витамини, ацерола и Д3-витамин, течности и исхрана за зајакнување на имунитетот. Но, како што одминувале деновите состојбата ѝ се влошувала.

Кај доктор Бајрами по 14 дена епидемиолозите му зеле брисеви во два наврати, кои покажале дека е негативен. Сега се чуствува добро, но сè уште се придржува кон правилата.

И докторката Јосифова вели дека по десеттиот ден од почетокот на болеста постепено почнала да закрепнува, помалку да кашла, немала покачена температура, малаксаноста почнала да исчезнува, а ѝ се вратил и апетитот.

Кумановските лекари велат дека не смее да се игнорира постоењето на вирусот, граѓаните треба да ги почитуваат препораките, да се грижат за своето и за здравјето на најблиските.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември

Осум починати, 196 нови случаи на Ковид-19 минатата недела

Ана Ололовска