Заврши седницата на Апелациониот суд за одлука за притвор на Сеад Кочан. Одбраната и адвокатот Никола Додевски ги отфрли сите докази доставени од СЈО, како неосновани и кажа дека тоа е напад врз медиумите бидејќи Кочан повеќе не бил управител на „Трансмет“, бил само сопственик на ТВ Нова.
На тоа Ајро Артан од СЈО му одговори дека промената на уредништвото е извршено на 02.03.2017 година, а одобрена на 06.03.2017 и дека во моментот кога Кочан бил однесен пред судија на претходна постапка, тој се уште бил управител на „Трансмет“.
Судот има 48 часа да донесе одлука, дали ќе го потврди или отфрли притворот на Сеад Кочан за кој, иако одбраната тврди дека тој не е во бегство, никој не знае каде се наоѓа во моментов.
Според Додевски, законот не предвидувал да биде повикан Сеад Кочан.
– Заврши седницата, бевте присутни, многу обемно излагање имаше одбраната. Од сите аргументи јасно се покажува дека преку притворот исклучиво му се нанесува штета на неговиот медиум и да се нанесе штета на неговиот углед како бизнисмен и човек кој постигнал многу во животот, рече Додевски.
Тој не сакаше да одговори зошто се сменил управителот на денот кога Кочан беше изнсен пред судија на претходна постапка, ниту пак каде се наоѓа сопственикот на ТВ Нова.
Александар Тодески