Доделени 45 социјални станови во Неготино

Од:

Вкупно 45 социјални станови беа доделени денеска во Неготино, во новоизградената социјална зграда. Становите се еднособни и двособни со површина од 35 до 45 квадратни метри.

Во обраќањето премиерот Димитар Ковачевски рече дека за првпат во Неготино е направена ваква станбена зграда.

-Обезбедувањето пристап до социјални станови е камен темелник на нашата посветеност. Владата која ја предводам во изминатите години со доделување на социјални станови на ранливи категории на граѓани создаде услови секој без разлика на околностите да има сигурност и достоинствено место за живеење, да има свој дом, истакна Ковачевски.

Изминативе години изградени се или се во фаза на изградба 860 социјални станови во Струмица, Гостивар, Македонски Брод, Пробиштип, Виница, Свети Николе, Гевгелија, Демир Капија. Социјални станови, како што најави Ковачевски, ќе добијат и нашите сограѓани во Велес, Бутел, Дебар и Кочани.

-Делењето на социјални станови ја одразува нашата посветеност на поттикнување на инклузивни заедници и обезбедување на стабилност за ранливите категории на граѓани, нагласи премиерот.

Наша цел како Влада, рече Ковачевски, е секогаш да бидеме поддршка и поткрепа на немоќните лица, самохраните родители, граѓаните кои се со привремени вработувања, социјално ранливите граѓани.

-Пред неколку недели го донесовме деветтиот пакет на антикризни мерки вреден 662 милиони евра и содржи 26 мерки за поддршка на ранливите категории на граѓани, на пензионерите, на студентите, за компаниите, како и поддршка за услови на зголемени трошоци на живот и продолжени ефекти на енергетската криза, рече Ковачевски.

Со овие мерки се опфатени 120 илјади млади лица, над 74 илјади социјално ранливи категории на граѓани, над 180 илјади пензионери, 40 илјади земјоделци, речиси 540 илјади корисници на апликацијата мој ДДВ, 600 илјади домаќинства со субвенционирана електрична енергија и над 70 илјади компании исто така со субвенционирана цена на струја.

Ковачевски додаде дека пакетот содржи и системски мерки со кои во 2023 и 2024 година се опфатени над 338 илјади пензионери и 106 илјади вработени во јавниот сектор.

– Во пакетот вреден 2,7 милијарди евра се предвидени 16.741 граѓанин корисници на надоместок заради попреченост, самохраните родители корисници на загарантирана минимална помош и родители на деца со попреченост до 26 година. Оваа група граѓани во наредните пет месеци ќе добиваат по 2.000 денари месечно. И оваа година исто како и лани предвидени се мерки за поддршка и заштита на стандардот на пензионерите со најниски пензии, како и за учениците и студентите од семејства од социјално ранливите категории на граѓани, додаде премиерот.

Тој рече дека мерките наменети за домаќинствата, граѓаните и земјоделците се во вредност од 156 милиони евра.

Задоволство од настанот, изрази и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски. Тој рече дека целиот овој период се вложени огромни напори да им се помогне на општините, на граѓаните, посебно на оние ранливи семејства кои својата надеж за подобар живот ја гледаат во проектите како овој, изградба на социјални станови.

Министерот нагласи дека веројатно нема поубав новогодишен подарок.

-Особено исполнува кога ќе видиме дека граѓаните се задоволни, тогаш знаеме дека сме направиле добра работа. И драго ми е што е така, бидејќи политиките и проектите што ги работиме носат резултати. Обезбедување на подобри и подостоинствени услови за живот се прашања за кои не постојат дилеми, рече министерот.

Со проектот за изградба и одржување на социјални станови се изградени или во фаза на изградба се преку 860 социјални станови низ целата земја.

-Ранливи семејства од Гостивар, од Македонски брод, од Струмица, Виница, од Пробиштип, од Свети Николе, од Гевгелија и Демир Капија веќе се вселија во своите нови домови. Завршивме со изградба на зградата и во Велес и сакам да најавам дека таа е следна за распределба. Дополнително ги градиме зградите во скопски Бутел, во Кочани, во Дебар, и Сарај, рече Бочварски.

Директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, Зоран Ѓоргијев рече дека станува збор за прв објект од ваков тип во градот и согласно досегашната пракса на градба располага со одреден број станови наменети за инвалидизирани лица

– Сите ние заедно, во изминатиот период, многупати бевме дел од чинот на предавање на клучеви на социјално загрозени семејства, но останува фактот дека секогаш одново успевавме да добиеме своевидна потврда за значењето на оваа помош. Задоволни и среќни лица гледаме и денес, тие ќе добијат шанса за нов, многу поквалитетен живот. Во следниот период ќе се распределат и преостанатите 17 станови од овој објект чија комплетна, вкупна инвестиција изнесува речиси 86 милиони денари, појасни директорот.

Во меѓувреме, додаде тој, се интензивира динамиката на реализација на целосниот проект за изградба на станови за лица во социјален ризик и други ранливи групи Ф/П 1674 . Тоа, нагласи Ѓоргијев, доволно говори за заложбите на АД, навреме да ги слушне и да ги задоволи потребите на најранливите жители. Во завршна фаза е објектот во скопската општина Бутел, со несмалено темпо се гради во Сарај и во Дебар, а остануваат да се реализираат градбите во Штип и Прилеп.

– Заедно, во соработка со Владата и со Министерството за транспорт и врски остануваме доследни на нашата цел да обезбедиме дом на оние на кои им е неопходна помош. Целта е заедничка – поквалитетни, достоинствени услови за живеење и подобра иднина за сите, што е доволен мотив наскоро повторно заеднички да присуствуваме на ваков чин во друг град, додаде директорот.

Среќа поради добиените клучеви од новите домови, изразија и жители на општината Неготино, на кои им беа доделени специјални станови.

Би можело да ве интересира

Фрчкоски: Социјална зграда вредна 10 милиони евра, СДСМ инвестира во инфраструктура и се грижи за ранливите

Катерина Ѓуровски

Ковачевски им ги предаде клучевите од становите на 28 семејства во социјалната станбена зграда во Гевгелија

Предраг Петровиќ

Педесет и две социјални семејства од Гевгелија ќе добијат социјален стан

Ана Ололовска

Бочварски: Го распишавме јавниот повик за распределба на социјалната зграда во Свети Николе

Ана Ололовска

Бочварски: Од утре јавен оглас за распределба на 70 социјални станови во Гостивар

Ана Ололовска

Бочварски: Од почетокот на 2023 година ќе распределиме 34 социјални станови во Кочани

Ана Ололовска