Ме насмеа Ѓорге, како Јешка од Параќин

Од:

Ете, тоа е… Господ да му даде здравје и живот на претседателот Иванов. Имам заборавено кога последен пат сум се насмеал. Мислам на убаво смеење, од душа, од срце што би се рекло. Ама не зборувам за лесна насмевка, нити за куртоазна смешка, па нити за потсмевнување. Значи, станува збор за долго смеење, како да те скокоткаат две пријателки одеднаш, едната на табаните од нозете, а другата под мишките. А ти на моменти не можеш ни воздух да земеш. И пак ќе речам, господ здравје да му дава на претседателот! Добро, да прашам вака од околу што се вели, навистина ли мислевте дека ќе го даде мандатот? Не бе златни, не дава Ѓорѓе мандат туку така. Можеш да помислиш дека дури и ноќе лежи на него, на мандатот мислам, па оди да те видам извади му го.

Всушност, кога размислив и пресметав за тоа, кога друг пат вака сум се смеел, математиката покажа дека има околу 26 години. Тоа беше во далечната 1991 година, кога се женеше Ѓеро, вујко на еден пријател што го имав запознаено во тогашната популарна кафеана “Гемиџиите” во Битола. Пријателов се викаше Веле, а во друштвото го викавме Велче.

Многу беше добар, дружељубив. Мислам, уште е таков, иако не сум го видел можеби 15-на години. Веле е така со низок раст, а изгледаше некако наивно, како да е навреден, дури и како кабаетлија што би рекле Битолчани. Потеклото му беше од некое од пограничните села, тие до Република Грција. Ми се чини неговата фамилија потекнуваше од Гермиан , но не сум сигурен. Не е ни толку битно. Еден ден, вообачено, но нешто порано стасав во кафеаната, па да не седам сам отидов на масата на која веќе беше седнат еден од познаниците. Всушност, скоро сите се знаевме. Беше уште рано, па полека почнаа да се собираат гостите, воглавно сталните, па до пладне беше врвулица од луѓе.

По неколку пати дневно одевме, навраќавме тука. Таа кафеана ни беше како втора куќа на сите што бевме постојани гости. Тука се решаваа многу важни прашања. Од индивидуални, до високо-општествени, па дури се третираа и многу сложени теми, од светски размери, како на пример, судбината на Америка и Русија, итн. Додека го пиев утринското кафе и поразговаравме со човекот што бевме заедно на масата, туку еве ми ти го Веле. Влезе и тргна право на масата кај мене. Добро утро да речам. Добро утро бе Велче, му одговорив. Што така, гледам денеска и ти си поранил, го прашав. Да бе, еве дојдов порано, имам некои обврски, па арно те најдов тебе, па сакам нешто да те прашам, ако може на само… Сето ова Веле го иговори во еден здив. Нема проблем бе Велче, му велам и извинувајќи му се на човекот со кој дотогаш седев, станав и преседнав на друга маса заедно со Велета. Кажи бе Велче, му реков. Што мака имаш? А бе види пријателе, ми одговори Веле и продолжи… Сакав да те прашам дали си слободен околу 6 часот вечерва? Па би требало, му велам. А бе сакав да те замолам да појдиме со колата твоја до железничка да го пречекаме вујко Ѓеро, се ожени, носи невеста од Параќин. Па да ги префрлиме до дома, до брусничка населба. Знајш како е, да не ја носи невестата со градскио… срамота е. Ѓеро тогаш градеше нова куќа, ама не беше уште допраена. До душа ја имаше измалтарено дневната, а го оспособил купатилото и кујната. А бе Велче, му велам, немаше никаков проблем, ама колата ја зеде татко, го викна еден негов пријател, ќе носат мед во Струга… Ај мајката, шо да прајме сега, ми вели.

Не знам што да ти речам, му одговорив. А твојата кола кај ти е? – го прашав. А бе шо мојата, цела е скапана, не личи со неа да носиме невеста… а плус и не е регистрирана, продолжи… А да го земам моторо од вујка и со него да ојме двајцата… Ќе му го остајме, па нека си одат тие со моторо, а ние ќе се вратиме пешки или со градскио?! Што велиш?- ме праша Велче. Па искрено да ти речам, уште поарно. Дури и позабавно ќе и е на невестата. Нека памти нешто од мажачката, му одговорив на Велчета. Имаш право, ми вели, така ќе напрајме. Туку не е лошо ти да поминиш до кај мене, па ќе појдиме до кај вујка да го земиме моторот, и после заедно ќе одиме до железничка… Добро бе Велче, договорено, му реков. Го зедовме моторот, ја напумпавме задната гума како за двајца и заминавме. Искрено, Веле немаше некое искуство со возење мотори, оти овој од вујко му беше со брзини, како тие поштарските. До душа и јас не бев којзнае каков возач-мотоџија, ама пак колку толку се снаоѓав. А да го возиш ти моторо?!- ми предложи Велче.

Немам многу искуство со мотори, ми вели. Добро бе Велче, нема проблем, јас ќе го возам. Се качивме двајцата и заминавме на железничка. Возот доцнеше скоро цел саат. Туку ете го, свирна од кај св. Недела. Искрено, двајцата како да не фати некаква возбуда. Стигна возот и почнаа да слегуваат патниците. Јас и Веле само следевме по сите излези на вагоните од каде ќе се појави вујко му Ѓеро со невестата. Еве го, извика Веле и покажа со прст. Ѓеро слезе од возот и се заврти да ја прифати, да ја пречека невестата како што доликува на еден битолски боем. Во тој момент, нас, возбудата уште повеќе ни порасна. Туку одеднаш еве ја и невестата. Кога ја видовме со Велета само се погледнавме, како да сакавме заеднички да прашаме, ами сега шо прајме… Тоа чувство го добивме оти невстата беше јако ухранета. Не можевме да процениме жива мера, ама моторот ни се чинеше мал за таква раскошна невеста. Се поздравивме со двајцата, им честитавме, па дојде време за одење дома. Кога му соопштивме на Ѓеро дека му го донесовме моторот за да ја однесе дома невестата, ми се чини дека во тој момент ќе пукнеше од срам или нервоза…

Му беше срам и од луѓето што го познаваа да го гледаат кај со невеста, па уште со мотор да ја вози. Сигурно не сакаше одма да се покажи како лош пред невестата, па само ќутеше и голташе на суво, а петлето на вратот му одеше горе-долу. Настана кратка тишина. Сите ќутевме и само се гледавме. Туку одеднаш ни се обрати Ѓеро, со некаква недефинирана насмевка. Наменска насмевка, за да ја одврати невестата од помислата дека начинот на дочекот не е глупост, туку шармантен штос. Видете деца, ни се обрати Ѓеро. Еден од вас земете го куферов, а другиот со моторот однесете ја Јешка дома. Изгледа Јелица се викаше. Јас ќе одам да земам нешто скара и пијачка, па ќе дојдам, ни рече Ѓеро…

Добро вујко, му одговори Веле и ми одмавна со главата, за јас да го возам моторот со невестата, а тој со куферот ќе трчал по нас. А бе кај ќе трчаш бе Велче, му велам. Оди чекај градски, ќе стигниш заедно со нас. Добро ко така, реков и го запалив моторот. Невестата беше како скаменета. Не знам што се во тој момент и поминуваше низ главата, ама што да прави, се омажила и ќе трпи… И ги спуштив помошните педали и ќутам, чекам да се качи невестата. “Ајде попни се”, и рече Ѓеро, на српски, оти уште не го имаше совладано македонскиот јазик. Го погледна и туку се качи позади мене. “Сложи овде ципеле, на ове ручке, и ухвати момка око појаса”, и рече Ѓеро. Српскиот го имаше научено во војска, во ЈНА. Ја седна, ја намести убаво невестата на моторот и ми вели: “Вози право кучи”, пак на српски, за да разбери и таа кај одиме. Ајде некако тргна моторот и заминавме. Прво некако ми беше малку непријатно, ама многу брзо сето тоа ми стана страшно забавно. Таа ќути, јас кутам и во еден момент си реков, а бе срамота е само да ќутам, туку да ја прашам нешто. Од звукот на моторот ништо не се слушаше. “Јели невесто, хочеш да погледаш град?”-ја запрашав. И јас не бев лош со српскиот… Шта?- ми рече. Да погледаш град, се обидов пак да и предложам… Туку одеднаш викна: “Ништа не чујем”… Добро и реков и толку беше муабетот. Ај си реков ќе завртам од кај безистенот, покрај Широк сокак, нека го разгледа градов невестава. Кога стигнав на мостот, незнам што ми текна, свртив кон една трафика да купам цигари, оти си реков да не се запиеме кај Ѓеро, па стално ми снемува цигари.

И како се приближив до трафиката, возев со трета, туку еве ги две Ромки се затепаа и точно се затуркаа пред моторот. Леле, реков…

Ај навака, ај натака, зашантавме со моторот и право во трафиката од митрополијата. Ја држеше Мендо Павлески. Тогаш продаваа свеќи и религиозни реквизити. Незнам зошто, ама во шантањето не ми се вдаде некако да закочам, па со полна брзина, можеби возев 30 на саат, удривме во вратата од трафиката. Се стрчаа луѓе, а јас само слушнав викање: “Јаоооо, јаоооо мајко мила, шта си учинио”…?! И цело време само тоа повторуваше невестата. До душа се потрудив некако да се оправдам, да и објаснам. “Оти, шта сам учинио, јас да не сакав да паднемо”?!

За среќа, одма од спротива е брзата помош, па така веднаш стигна медицинска екипа и не однесоа право во болница. Не прегледаа и констатираа дека на невестата и беше напукнат колкот, а јас имав само повреди на колената и на лактите. Мене ме пуштија на домашно лекување, а невестата остана две недели во болница. И не беше тука крајот. Кога доде Ѓеро во болницата, одма мене ми се очакари. И пак на српски, ми вели: “Шта си учинио мојој жени бе гојдо”? “Како си могао баш данас”… итн. Можеби долго време ја имаше убедувано додека ја зеде, па јазикот му се удомаќинил и му беше потребно подолго време да се врати на мајчиниот. Цело време ми се дереше, ме навредуваше, а јас кога ќе пробав нешто да му објаснам, уште толку ќе се воспалеше. Ќути! Ќути ко ти велам. И така јас си заминав дома и никогаш повеќе не ги видов Ѓеро и Јешка.

До душа, Веле имаше разбирање за мене… Ееееехх, времиња…! Всушност, ако не беше обраќањето на претседателот до нацијата, по повод мандатот, никогаш немаше да се вратам толку назад и да се присетам на оваа приказна.
Всушност, кога го гледав Ѓорѓета претседателот, така збунет, исплашен, со наивна строгост, ми заличи на Јешка од Параќин. Онаа, невестата од Ѓеро молерот… И пак ќе речам. На сите маки и на сета сериозност на овие немили настани, ептен ме изнасмеа господине претседателе. Господ здравје да ти даде!
Тоа е… Крај.

Гоце Димовски

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска