ДКСК одлучи дека нема нерегуларности при исплатата на субвенции на тутунарите

Од:

Државната комисија за спречување на корупцијата на денешната 18-та седница одлучи дека нема нерегуларности во предметот што се однесува за исплатата на субвенции на тутунарите од Агенцијата за поддршка на земјоделството и предметот за вработен во Министерството за финансии што во работно време е фотографиран во штаб на еден претседателски кандидат за време на изборите.

На денешната седница ДКСК постапуваше по вкупно 14 предмети од областа на спречувањето на корупцијата и по 17 предмети за можен судир на интереси. За повеќе предмети ДКСК одлучи да се затворат и архивираат со образложение дека по добиените информации не биле утврдени нерегуларности, а за еден зошто не е во нивна надлежност да одлучуваат.

ДКСК донесе одлука да се отвори предмет и да се поднесат барања до надлежните инстанци за дополнителни информации по повеќе предмети и тоа по пријава за реализација на градежни работи без договор за градба за време на избори, за градоначалник кој склучувал договор со осигурителна компанија во која е вработена неговата жена, за пријава за директор на здравствен дом кој си го вработил внукот како возач, како и за можни нерегуларности на начинот на поставување на в.д. директори на повеќе клиники.

Во однос на предметите за кои има конечни одлуки, а кои се однесуваат на изборниот период реферираше Софка Дојчиновска.

Според Дојчиновска во однос на првиот предмет исплатите се сметаат за редовни согласно годишната програма за исплата на субвенции, додека во втората претставка рече дека врз основа на добиените одговори од Министерството не се потврдиле наодите од пријавата и дека според добиениот одговор лицето било ангажирано како консултант на проект и дополнително користел денови од годишен одмор за време на наводната снимка во штаб на еден претседателски кандидат.

– Врз основа на податоците од Агенцијата за поддршка на земјоделството не се потврдува нашето сомневање за нерегуларности при исплатата на субвенции и предлагам да се затвори бидејќи нема елементи за наводното дело, изјави Дојчиновска.

ДКСК побара да се покрене прекршочна постапка против градоначалникот на Неготино поради потпишување одлуки за прекин на работен ангажман и за вработување лица за време на избори.

Заменик претседателот на ДКСК Нури Бајрами, објасни дека ДКСК констатирала дека градоначалникот иако не смеел за време на избори потпишал одлуки со кои се утврдува завршување на работниот ангажман со 13 лица, а истовремено потпишал и одлуки за вработување на 15 лица, од кои на 13 на кои им истекол и со две нови лица.

Во однос на истиот градоначалник, ДКСК заклучи дека постапката за вработување на техничка секретарка во општината е спроведена согласно закон и не се констатирани неправилности и дека во тој дел ДКСК не може да постапува.

ДКСК, исто така, донесе одлука за отворање постапка за прибирање на информации од една општина за разгледување на пријави за градежни активности во изборен период.

Катица Николова, од ДКСК, побара да се отвори постапка по добиена интересна пријава напишана на рака на 30 страници за состојбите во акционерско друштво формирано од државата за состојбите во една подрачна единица.

Заменик претседателот на ДКСК Нури Бајрами информира дека до нив има присигнато над 600 постапки и дека следната седница е во петок.

Би можело да ве интересира

ДКСК: Владата и Апелациските судови не доставиле податоци за бројот на службени возила

Орце Костов

Пријави за Арсовска и за повеќе општини на седницата на ДКСК

Антикорупциска испитувала непотизам на битолскиот универзитет: Вработен професор кој бил второрангиран

ДКСК ја проширува иницијативата до ОЈО ГОКК за сомнежи за несовесно работење и злоупотреба на службена положба од поранешни раководни лица на АД ЕСМ

ДКСК ќе ја дополни иницијативата за кривичното дело за „Трансмет“

Антикорупциска ќе ја информира Владата за непостапување на УО на ФЗО по нејзин заклучок