ДКСК: Незаконски се разрешувањата на директорите на Токсикологија и Кардиохирургија

Од:

Антикорупциска комисија ги прифати пријавите дека се неосновани разрешувањата на медицинскиот директор на Токсикологија и на директорот на државната Кардиохирургија од страна на министерот за здравство Илир Демири, констатирајќи дека со двете одлуки на министерот се прекршени Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси и Законот за здравствена заштита. Повреден е и Изборниот законик со оглед на тоа што во двата случаја директорите биле разрешени со решенија донесени (од 14 мај односно 27 мај) пред усвојувањето на заклучокот за завршување на изборите за пратеници во Собранието од 30 мај 2024.

ДКСК на денешната шеста седница соопшти и дека до надлежните органи ќе покрене иницијатива за одговорност на министерот за здравство.

За двете разрешувања – и за медицинскиот директор на Токсикологија, д-р Данил Петровски, и за директорот на државната Кардиохирургија, Марјан Шокаровски, не биле почитувани процедурите за разрешување од функцијата односно требало да има предлози за разрешување од управните одбори до здравствените совети на овие установи.

Оформениот предмет по пријавата за Токсикологија го образложи Цвета Ристовска, член на ДКСК, која посочи дека причина за разрешување на медицинскиот директор била „несовесно постапување“ и заради непродолжување на договорите на дело за 18 лица на Клиниката.

Притоа посочи дека иако на 30 април била изречена забрана на оваа ЈЗУ за пристап на лица без договори за вработување, единаесет здравствени работници продолжиле да се евидентираат во електронски систем без склучени договори.

На 23 мај при вонреден инспекциски надзор било утврдено дека се склучени договори на дело со 11 лица кои биле потпишани само од организацискиот директор, иако според Законот за здравствена заштита должноста ја извршуваат и медицинскиот и организацискиот директор.

Договорите за дело со 11-темина, како што посочи Ристовска, се склучени спротивно на член 109 став 2 од Законот за здравствена заштита, каде е наведено дека актите и финансиските документи се во заедничка надлежност на двајцата директори и тие заедно ги потпишуваат.

-Од целокупната фактичка состојба, ДКСК утврди дека наводите се основани и донесе одлука која се однесува на двете состојби – дека од министерот е донесено решение за разрешување на директор кога се уште не е завршен избор за пратеници, како и дека од страна на организацискиот директор за потпишани договори со лица здравствени работници спротивно на член 109 став 2 од Законот за здравствена заштита, истакна Ристовска.

Антикорупциската комисија одлучи и дека е незаконски и неосновано разрешувањето на директорот на државната Кардиохирургија Марјан Шокаровски на 27 мај 2024, постапувајќи по пријава што до нив била поднесена ден подоцна.

Претседателката на ДКСК Татјана Димитровска соопшти дека пријавата е поднесена врз основа на повреда од Законот за спречување корупција и судир на интереси и на Изборен законик затоа што и во овој случај министерот го разрешил директорот пред 30 мај, кога е усвоен заклучокот за завршени Парламентарни избори.

-Од фактичката состојба ДКДК утврди дека наводите се основани, дека со дејствијата на министерот за разрешување не се испочитувани забраните односно решението е донесено во период кога се уште не бил завршен изборот на пратеници, рече Димитровска.

И за овој предмет Антикорупциска констатира дека постапката за разрешување не била спроведена согласно Законот за здравствена заштита бидејќи, рече таа, со здравствената установа управува Управен одбор кој доколку утврди некоја од основи за разрешување, за тоа го известува Здравствениот совет кој врз основа на тоа ја донесува иницијативата за разрешување на именуваниот пред истекот на неговиот мандат.

Би можело да ве интересира

ДКСК поднесе иницијатива за дисциплинска постапка против член на Судскиот совет

Горан Наумовски

Димитровска: ДКСК постигна значителен успех во борба против корупцијата

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче 6 години криел 5 стана, неговите анкетни листови се доказ, ги праќаме во соопштение сами нека воочат

ДКСК побарала податоци за имотната состојба на генералниот секретар на Владата и за патувањето на синот на премиерот во САД

ДКСК: Дипломатскиот пасош е право, а не привилегија, службени возила не сме побарале

ДКСК оформила предмети за заменик директорката во Агенцијата за разузнавање и за поранешниот заменик министер во МВР