ДКСК: Нема судир на интереси при изборот на поротникот Митко Сандев

Од:

Антикорупциската комисија смета дека нема судир на интереси при изборот на поротникот Митко Сандев, за кој ВМРО – ДПМНЕ тврди дека е член на партијата на пензионерите која пак е коалициски партнер на СДСМ.

Во образложението, Антиокорупциска наведува дека политичката определба не може да биде критериум за разрешување на поротник од функцијата. Комисијата упати апел до сите политички партии да не ги злоупотребуваат и да не манипулираат со нив во пресрет на локалните избори.

-Во конкретниот случај за кој политичката партија укажува, ДКСК не утврди прекршување на одредбите за судир на интереси согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Исто така, ДКСК констатира дека во Законот за судовите и Етичкиот кодекс за судиите и судиите-поротници не постојат јасни и прецизни критериуми за избор и ограничувања на судиите-поротници, се вели во мислењето на Комисијата.

Државната комисија укажува на тоа дека судијата-поротник понатаму во своето постапување и извршување на своите должности, потребно е да постапува согласно начелото на интегритет и во вршењето на своите обврски е должно да внимава на евентуален судир на интереси и не смее да се раководи од лични, семејни, верски, партиски и етнички интереси.

-Во случај на сомневање за постоење судир на интереси, должен е да ги преземе сите неопходни мерки за да го спречи влијанието на неговиот приватен интерес или приватниот интерес на друго лице врз извршувањето на неговите овластувања и должности и за тоа да го извести својот претпоставен. Прикривањето на постоење приватен интерес претставува повреда на должноста и основа за покренување постапка за утврдување на одговорност и изрекување на мерки согласно со Законот за спречување корупција и судир на интереси, се вели во мислењето на ДКСК во врска со претставката поднесена од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Комисијата појаснуваат дека начинот и критериумите за избор на судии и судии-поротници, како и ограничувањата при нивниот избор се уредени во членовите од 41 до 50 од Законот за судовите.

-Притоа, вочлен 42 став 2 е наведено дека за судија-поротник може да биде избран полнолетен државјанин на Република Македонија со завршено најмалку средно образование, кој активно го владее македонскиот јазик, ужива углед за вршење на оваа функција и кој не е постар од 60 години, а во член 43 став 1 оти при изборот на судии и судии-поротници не смее да се врши дискриминација во однос на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“. Наведените одредби не укажуваат на посебни критериуми при изборот на судии-поротници и истите забрануваат дискриминација, појаснуваат од ДКСК.

Оттаму додаваат дека член 52 од истиот Закон кој се однесува на забрани и ограничувања за судиите за време на нивната судска функција, не се однесува на судиите-поротници и истиот не може да се применува при извршувањето на нивната должност.

-Решавањето на состојбите на судир на интереси, корупција и прекршување на принципите за независност, непристрасност, интегритет, пристојност, еднаквост, стручност и свесност како од страна на судиите, така и од страна на судиите-поротници, е предмет за постапување на Советодавното тело за советодавни мислења и совети во однос на едно или повеќе прашања поврзани со етичкото однесување на судијата/судијата-поротник, односно соодветното извршување на судските должности и избегнување на судирот на интереси на судиите и судиите-поротници во приватниот живот и вршењето на судиската функција. Исто така, во самите процесни закони, во конкретниот случај Закон за кривичната постапка, во членот 33 предвидени се причините и изземање на судија или судија-поротник, додека во член 35 е предвидено дека изземање може да побараат и странките во постапката. По поднесено барање за изземање на судија или судија-поротник одлучува претседателот на судот, се појаснува во мислењето од ДКСК.

ВМРО-ДПМНЕ побара да се утврди и дали истиот судија поротник како член на политичка партија, Партија на пензионери, односно партија која е коалиционен партнер на владејачката партија СДСМ, има судир на интереси при неговата работа.

ВМРО-ДПМНЕ претходно информираше дека поднеле претставка и барање за утврдување судир на интереси до Антикорупциската комисија за судијата поротник Митко Сандев, како и претставка до Народниот правобранител.

-Во прилог доставивме и преглед од статутарна комисија каде што членува господинот Митко Сандев во политичка партија. Доставивме и докази, практично дека има навршени 60 години и треба да му биде прекинат мандатот како судија поротник и за тоа денеска сме тука и побаравме и итно постапување од страна на господинот Насер Зибери. И повеќе од јасно е дека се води политичка хајка против ВМРО-ДПМНЕ со непостапувањето од страна на господинот Иван Џолев како претседател на судот. И повеќе од јасно е дека ова се се прави свесно за терор врз ВМРО-ДПМНЕ со ова непочитување на Законите, посочија од партијата.

Митко Сандев е судија поротник во случајот на поранешното СЈО поврзан со оваа политичка партија.

Би можело да ве интересира

ДКСК: Владата и Апелациските судови не доставиле податоци за бројот на службени возила

Орце Костов

Пријави за Арсовска и за повеќе општини на седницата на ДКСК

Антикорупциска испитувала непотизам на битолскиот универзитет: Вработен професор кој бил второрангиран

ДКСК ја проширува иницијативата до ОЈО ГОКК за сомнежи за несовесно работење и злоупотреба на службена положба од поранешни раководни лица на АД ЕСМ

ДКСК ќе ја дополни иницијативата за кривичното дело за „Трансмет“

Антикорупциска ќе ја информира Владата за непостапување на УО на ФЗО по нејзин заклучок