„Човек којшто не разбира от демократија и човекови права и да почне да ти проповедва за нив, това е много смешно!“
1.
Уживам да читам интервјуа на бивши министри за култура. Подобро забавно четиво од тоа – здравје. Особено ако тое е тип од минорноста на Димитар Димитров, а врши работа и оној паунон Грозданов, па г-ѓа Цветанова … Се’ кој од кој! И сите се сега паметни „до зла бога“, што би рекле Србите. Само, го нема оној „стручњакон“ Пауновски, оној што ќе му подаруваше на светот скулптури и што уште не, за да на крај си подари себеси неколку милиони марки. Германски, конвертибилни. И око не му трепна.
Како впрочем и на овој марксист – „дисидент“ Димитров, кој без срам, а богами и перде, дели лекции и лево и десно, за се’ и сешто, па дури и за човекови права и слободи, за историја, за ВМРО … Чувај боже! Луѓе без образ!!!
Инаку, воведниот цитат се зборови на фамозниот Васил Чекаларов – оној ист што го качија на лудион коњ и му тутнаа пиштоли како каубоец, а сето тоа го нарекоа спомен обележје – а го кажува токму „многупочитуваниот“ Димитров. Јас само го заменив зборот „историја“ со „демократија и човекови права“, зашто целосно одговара на суштината на кажаното. Навистина е смешно!
2.
Елем, од мноштвото бисери на „многупочитуваниот“ Димитров, а за коишто навистина би бил потребен цел есеј, треба да се издвојат неколку. На пример: неговот „славно“ и самопрогласено „дисидентско“ минато, неговите плуканици по Партијата што го направи министер во два наврати, па потоа и амбасадор (дури во Москва), и особено неговите тртљања за демократијата и човековите права.
Па така, овој (некогашен или и сегашен, којзнае) марксист, некогаш ууубаво залегнат во професорската фотелја (машка варијанта на тетка Доста!), одеднаш (во минатите седумдесетти години) станува либерал – „дисидент“! Ама тоа не му пречи и понатаму да остане во професорската фотелја. За да веднаш по распаѓањето на Југославија го уновчи „дисидентството“ како кадар на ВМРО-ДПМНЕ како, прво, министер за образование и наука, а потоа и министер за култура. Преку истата Партија за којашто сега вели: „Наместо партии што резултираат од македонската демократија, ние имаме партии наследнички на Сојузот на комунистите, на ВМРО или партии од етничка провениенција, која од која поавторитарни, а ниеден лидер со биографија на борец за демократија“. И понатаму: „ Така, Македонија се претвора во предмет за освојување и парцијално користење. Во таков деформиран однос меѓу деловите и целината, парламентарната демократија трае еден ден – денот на изборите, со оглед на правото на гласање. Следното утро Македонија го добива својот Луј Четиринаесетти, пред кого се релативизираат сите институции на државата, почнувајќи од претседателот на РМ, претседателот на Собранието и Собранието, …“.
Па каков на овој наш (самопрогласен и единствен) „дисидент“, „демократ“ и „борец“ за човекови права, во два министерски мандати и еден амбасадорски, не му пречеше да седи во тие институции, да предлага и брани закони во тоа Собрание, да го претставува тој (кој и да е’) Луј Четиринаесетти во странство …? Или тоа го правеше само за дебели пари и привилегии, онака дисидентски, марксистичко – филозофски? Каков лицемер!
3.
И понатаму, овој политикант не се срами сега точно да ги именува своите некогашни политички мецени, како на пример оној полуписмен Драган Богдановски, за кого сега вели дека е „човек контролиран од полицијата“, и да им се потсмева (баш онака, најсељачки) за „ штитот и мечот на Александар Македонски“ и “камата и мечот на Гоце Делчев“! Па што не им се смееше тогаш бре, шутрак, туку стоеше под истото знаме?
Впрочем, ист став и однос „многупочитуваниов“ искажува и кон неговото старо писателско јато (вгнезден таму уште од 1970 година со 2-3 книжулиња за деца!), коешто сега го денунцира како пистели – комунисти, како Актив и слично. Бесрамно!
4.
Се разбира, човечево ништо не кажува (а богами не е ни прашан, зашто веројатно никој така и не го памети) за неговото (не)културно министерување. А всушност, нема ни што да каже, освен неколку неповторливи идиотштини од неговата „филозофска“ кујна, како на пример: воведувањето на данок на кич и шунд (при што ТОЈ, главом и брадом, ќе беше главниот оценувач); по кадровското разнебитување и на Министерството и на државните институции во културата (кога дури и Ѓото, како компањон-бегалче, стана директор!); по аспурдното намалување на буџетот за култура; по уште поаспурдните негови самоволија околу изложбата на македонските икони во Париз – демек да не се оштетеле – иако тој, онака „најгрижељубиво“, веќе вториот ден си ја украси канцеларијата со оригинали од Личеноски симнати од ѕидовите на тогашната Уметничка галерија; по уште посамоволното откажување на македонското учество на Биеналето во Венеција 1999 и најбезобразното помагање на внука му да се провре таму на мала врата, итн., итн. И впрочем, токму од времето на овој (не)културен шарлатан започна партиската Валпургиската ноќ во македонската култура – нејзината тотална партизација! Во тоа време се даваа стотици илјади (тогашни) германски марки за снимање бугарски филмови што никој не ги виде, во тоа време започна подемот на партиски „експерти“, „кадри“, „творци“ – сите некогаш репресирани – кои се редеа пред благајната на Министерството да ја наплатат својата партиска верност!
За ова човече како македонски министер за култура навистина нема што да се каже. Освен спомнатите будалаштини од грандиозен формат. И, секако, онаа најграндиозната: човечево успеа – онака филозофски, и писателски – да му го одземе на Претседателот на државата (во тоа време Глигоров) покровителството над „Охридско лето“ и свечено да му го предаде на – Климент. Да, оној некогашниот, Охридски!
5.
И наместо вакви типови да молчат, да останат во темните сенки под големите камења како нивно единствено преостанато скривалиште, еве повторно на цел глас сомнабулат и за демократија, човекови права и слично. И тоа токму овој умислен дисидент, кој буквално на улица избрка два-тринаесет јавни службеници од Министерството за култура само заради фактот што не беа блиски до неговата Партија по која сега плука. И го направи тоа онака, најноншалантно, во духот на неговата перверзна „демократија“, ускратувајќи им го правото на прашање, на објаснување, на соочување. Човечето немаше смелост ни да излезе пред нив и во очи да им погледне, а ваму тртља за некаква демократија и човекови права. Каков излитен лицемер!