Директорот на Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија Марјан Спасески денеска ги посети учесниците на Летниот училишен спортски камп „Охрид 2014“.
– Имавме прилика да се запознаеме со најдобрите ученици и да им посакаме успешна работа со стручните лица, тренери, кои практично се најпознати македонски спортски легенди, меѓу кои се Пепи Манасков, Наумче Мојсоски, Кире Лазаров, Зоран Бошковски и многу други, рече Спасески.
Агенцијата за млади и спорт и Владата на Република Македонија, според него, во текот на изминатиот период инвестираше многу во развојот на училишниот спорт, но и во развојот на спортската инфраструктура.
– Преку реализација на проектите за изградба на 50 помошни фудбалски игралишта, за изградба на 100 повеќенаменски спортски игралишта, 120 тениски терени и на 35 спортски сали, практично овозможивме максимални услови за да може нашата младина активно и рекреативно да се занимава со спорт, но подоцна и професионално. Со реализација на низа спортски активности и проекти, како што е Спортската академија, која се реализира трета година, овозможуваме и рана спортска специјализација на младите и талентирани спортисти, подвлече Спасески.
Тој најави дека ќе се заложат во наредните три-четири години да се зголеми бројот на ученици, кои се занимаваат со спорт, односно од сегашните 12 отсто, бројотда достигне 36 проценти.
Дел од овој камп е и поранешниот ракометар Пепи Манасков, според кого спортот е многу важен дел од секојдневното живеење, а летниот камп во Охрид ги обединува најголемите спортски надежи во државата.
– Ме радува што младите се повеќе и повеќе се посветуваат на спортот. Тоа е богатство на една држава. Свесни сме што значи спортот. Значи афирмација на самата држава, лична афирмација и голем предизвик за нацијата и верувам дека со вакви акции спортот ќе оди уште подалеку напред. Во моето време немаше вакви кампови, но имаше школски дружења и турнири, и овој камп ме потсети токму на деновите кога јас настапував за своето училиште, изјави Манасков. Посочи дека предметот физичко образование треба да биде дел од секојдневната наставна програма во училиштата.
На Летниот училиштен спортски камп учествуваат над 250 најталентирани ученици, кои своето учество го обезбедија со нивниот пласман меѓу најдобрите на спортските натпревари во текот на изминатата учебна година.