Македонија има квалитетно, здравствено безбедно и исправно млеко, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски по денешната посета на млекарниците Идеал Шипка, Битолска ИМБ и ЦЕРМАТ во Битола.
Како што рече на средба со новинарите, Димовски сакал лично да се увери во квалитетот на млекото и процесот на производство, но и да слушне за плановите на компаниите чија основна дејност е откуп и преработка на млеко. Тој во Битола беше придружуван од директорот на Агенцијата за храна и ветерина Дејан Рунтевски.
– Со компаниите го споделивиме заедничкиот став дека ако сакаме млеко со повисок квалитет, тогаш субвенционирањето треба скалесто да се одвива. Моментно, за литар млеко поддршката е 3,5 денари, но во наредниот период ќе ја зголемиме па цената за литар прва класа ќе биде 6,5 денари, а за втора 3,5 денари, истакна Димовски.
За да добијат поголема цена на продаденото млеко, фармерите, нагласи, ќе мора да применуваат добра хигиенска пракса.
Според министерот, во државата треба што поскоро да се формира посебен репро-центар преку кој ќе се создаваат услови за зголемување на бројот квалитетни грла за што очекува соработка со сите млекарници.