Комисијата за настаните во Собранието на Република Македонија од 24 декември треба да продолжи да работи без разлика на новонастанатата ситуација по оставката на нејзиниот претседател Борче Давитковски со оглед на тоа што таа има кворум и политички легитимитет да ја заврши својата работа, се договориле вчера во телефонски разговор претседателите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ Никола Груевски и Зоран Заев.
– Ние остануваме посветени на работата и секоја иницијатива која што ќе дојде ќе ја прифатиме. Во текот на вчерашниот ден во разговорот телефонски помеѓу Груевски и Заев инициравме Комисијата веднаш практично да продолжи со работа. Се надеваме дека овој апел и оваа иницијатива од наша страна ќе биде прифатена и од страна на СДСМ. Од страна на СДСМ во овој момент барем до понеделник ни беше кажано да почекаме. Се надеваме во понеделник или во тие неколку денови потоа ќе може Комисијата да работи, изјави членот на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.
Според него, во текот на досегашната работа Комисијата остварила одличен напредок и оти повеќе од 90 проценти од материјата која што била работена е усогласена.
– Има многу добар извештај што го има подготвено Комисијата во кој има два сегменти. Во првиот сегмент е поглед на фактичките случувања во Собранието. Во вториот сегмент, пак, се 11 препораки, односно 11 наслови на препораки, а повеќе препораки кои што генерално се однесуваат на реформа во законодавната постапка, ефикасност во раководењето со работните тела, реформа на постапката за носење на Буџет, собраниското обезбедување, кривичната одговорност на избрани и именувани лица во случај кога ги прекршуваат законите односно дополнителна квалификација на нивната кривична одговорност…, рече Димовски.
Појасни оти неразјаснети останале неколку прашања.
– Прво е околу кривичната одговорност на избрани и именувани лица или на поранешни функционери за настаните внатре во Собранието и надвор од Собранието заради тоа што за некои од дејствијата очигледно имаше прекршувања на Кривичниот законик. Исто така проблематично беше спречувањето на нормалната работа на Собранието со реални и видливи дејствија со намера да се оневозможи Собранието да работи и на некој начин завзамање на самото Собрание и на пултот на Претседателот… рече Димовски.