Собранието вечерва не ја прифати иницијативата на опозицијата за отповикување од функцијата на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров. По 12-часовна расправа, „за“ интерпелацијата гласаа 53 пратеници, 55 против и ниту еден воздржан.
Дебатата помина со многу обвинувања меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата, која побара Димитров веднаш да поднесе оставка. За дискусија беа пријавени дури 62 пратеници, но не стигнаа сите да се вклучат во расправата, поради бројните реплики, но пред се поради деловничкото ограничување кое предвидува расправата по интерпелација да заврши за еден ден и да се гласа до полноќ.
Ова е трета интерпелација за Димитров во изминатите три и пол години – првите две беа поднесени додека тој беше шеф на дипломатијата.
– Ако на првите две интерпелации им пристапив со должна сериозност, на оваа третава не можам, а да не ѝ пријдам со индигнација. Токму затоа и не одговорив написмено. За што сум обвинет? Што не испорачав преговори по секоја цена? По цена на македонскиот јазик? Дали дами и господа можеби тоа го сакавте? За да можете да ја пласирате тезата за предавство на националните интереси? Оти вака таа теза не поминува. Тоа ако го барате од мене, тогаш веднаш да ви кажам – тоа никогаш нема да го испорачам, истакна Димитров во обраќањето пред пратениците.
Според опозицијата, причина за интерпелацијата е манипулацијата на јавноста за добивање на датумот, низата неуспеси на надворешната политика, брзоплетоста на потпишувањето на договорот со Бугарија кој прави големи проблеми на државата и за недобивањето датум за пристапни преговори со Европската унија. Му забележуваат и за нетранспарентност во неговиот однос кон Собранието, како и дека власта преговара за идентитетот и јазикот.
Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ истакна дека бришачот на придавката „македонски“ е токму Никола Димитров. – Бришачот, тој кој што ја избриша придавката „македонски“ од институциите, кон институциите, и од институциите кон други држави е Никола Димитров, нагласи Милошоски.
За владејачката СДСМ интерпелацијата е неаргументирана и со неа ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги амортизира владините успеси на надворешен план. Мартин Костовски од СДСМ вечерва нагласи дека оваа интерпелација ќе биде уште еден пораз за ВМРО-ДПМНЕ. – Димитров ужива целосна доверба од пратениците од мнозинството затоа што се бори за државните интереси, рече Костовски.
Моника Зајкова од ЛДП попладнево истакна дека интерпелацијата за работата на Димитров е уште еден доказ за, како што рече, поривот на опозицијата да лови политички поени и таму каде што ги нема или „лов во празно“. Се задржа на работењето на Димитров, кое според неа, е за доброто на државата, за граѓаните и за иднината на младите.
Арбер Адеми од ДУИ рече дека не гледа оправданост во поднесената интерпелација. – Ќе продолжиме напред заедно во изнаоѓање на цврста рамнотежа меѓу загриженоста на нашиот и на почитување на идентитетот на нашите граѓани, истовремено обезбедувајќи иднина да остане отворено за напредок и благосостојба, подвлече Адеми.
Вицепремиерот Димитров рече дека излагањата, темите и личните напади денес му ја потврдиле тезата дека интерпелацијата нема многу тесна врска со неговата реална работа.
-Одговорив за учеството во Комисијата. Не бев уредно поканет, не морав да присуствувам. Сакав, не одбив учество и покрај несериозниот однос на претседателот на Комисијата. Објаснив за разликите во мојот пристап кон јавноста, во моите меѓународни активности што е чесен и успешен за разлика од често вашиот, не баш чесен и дефинитивно неуспешен, рече Димитров, додавајќи дека ќе продолжи со неговата мисија .
-Ќе продолжам со мојата мисија да не биде и ќе не биде и покрај сите пречки, вклучувајќи ги тука и вашите напори, како овој денешниов, рече Димитров.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека има се уште време и побара да се обратат уште двајца пратеници, Дафина Стојаноска и Владо Мисајловски. На ова барање претседателот на Собранието Талат Џафери не се согласи, апелираше да се почитува веќе договореното за редоследот на пратениците, беше дадена пауза од 30 минути, по што следеше гласањето. мд/дма/
2021-02-04 00:07:16, од Магдалена Ристоманов