Димитров: Крајно време е ЕУ да го исполни ветувањето кон С. Македонија

Од:

Крајно време е Европската Унија да испорача кон Северна Македонија, исполнувајќи го сопственото ветување за почеток на преговори откако земјата ги исполни сите услови. Крајно време е за добри вести и прогрес по европскиот пат за целиот регион​, рече вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров кој на покана на австриската министерка Каролине Едштадлер денеска во Виена учествуваше на Самитот за Западен Балкан, на ниво на министри за европски прашања како надополнување на пленарната сесија на шефовите на влади организирана од австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Според Димитров, новата методологија за пристапни преговори може да внесе нова динамика и поголема веродостојност на пристапниот процес само ако е правилно применета, за што е потребна заемна посветеност – и на земјите кандидати и на ЕУ,

-Ако се вратиме на основите како што предвидува и самата методологија, не смееме да го заборавиме базичното правило дека процесот на пристапување е двостран и подразбира испорачување на обете страни, истакна вицепремиерот.

Тематскиот панел, како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, бил фокусиран на размена на мислења за процесот на проширување на Европската Унија, при што се дискутирало за предизвиците во пристапниот процес на регионот во светлото на новата методологија за преговори, користењето на фондовите од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан и стратешката комуникација на ЕУ со регионот.

Димитров рече и дека Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан е признание од страна на ЕУ дека треба да стори повеќе за регионот за да го одржи процесот на европеизација, како подадена рака за фундаментални реформи, брза имплементација и регионална економска интеграција.

Партнерството за соочување со глобалните предизвици, според него, е важно и за подобрување на стратешката комуникација, но сѐ се заснова на тоа колку граѓаните може да веруваат на зборовите на Брисел и главните градови на ЕУ.

-Учеството на граѓаните од регионот во Конференцијата за иднината на Европа ќе претставува повеќе од политички сигнал, а особено важно е вклучувањето на младите генерации кои и во буквална смисла на зборот се иднината на Европа, нагласил вицепремиерот Димитров, додавајќи дека ЕУ нема што да изгуби, но има многу што да добие со вклучување на сите граѓани од европскиот континент во оваа пан-европска платформа за демократијата и иднината.

Би можело да ве интересира

Украина и Молдавија ќе почнат преговори пред Македонија: „Проширувањето на ЕУ е секогаш политичка одлука“

Орце Костов

(ВИДЕО) Денков: Бугарија нема да го смени ставот кон Македонија, сега преговорите се помеѓу ЕУ и Скопје

Орце Костов

Хакер: Влезот на Северна Македонија во ЕУ е во интерес на Германија и на Унијата

Ана Ололовска

Сослушување во американскиот Сенат за влезот на С. Македонија во ЕУ, и за Западен Балкан

Ана Ололовска

Вархеји оптимист во однос на можноста за членство во ЕУ до 2030

Ана Ололовска

Вицепремиерот Маричиќ во Брисел на првиот билатерален скрининг состанок

Ана Ололовска