ДИК со апликација за пријавување на гласачите од дијаспората

Од:

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на својата веб-страна треба да објави посебна апликација за пријавување за гласање на државјаните на Република Македонија кои живеат во странство за декемвриските предвремени парламентарни избори.

Комисијата вчера доцна попладне го усвои Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на предвремените парламентарни избори на 11 декември, во којшто е предвидено пријавувањето за гласање на македонските државјани да започне од распишувањето на изборите и да трае до 11 ноември, кога завршува јавниот увид во Избирачкиот список за сите лица со право на глас.

На седницата членовите на ДИК ја најавија оваа посебна апликација преку која македонските државјани што живеат надвор од државата ќе треба да пополнат пријава за гласање. Оние околу 80.000 што ги има во базата на МВР и се обележани во Избирачкиот список како иселени, ќе треба само да ја пополнат пријавата, додека другите кои не живеат во земјата повеќе од три месеци ќе треба да приложат соодветни документи како доказ дека живеат надвор од Македонија.

Јавниот увид во Избирачкиот список во подрачните одделенија на ДИК и месните канцеларии ќе започне на 28 октомври и ќе трае петнаесет дена односно до 11 ноември.

За време на јавниот увид, право да се пријават за гласање ќе имаат и 30.447 гласачи кои беа со спорни записи за време на последното прочистување на Избирачкиот список.

ДИК очекува од Министерството за внатрешни работи денеска до нив да бидат доставени податоци за лица кои наполниле или ќе наполнат 18 години до денот на изборите, како и нивни форографии кои ќе бидат приложени во Избирачкиот список.

Според актуелните законски прописи, Избирачкиот список за овие избори освен податоци за гласачите ќе содржи и фотографии, што би требало да ги намали шансите за изборни злоупотреби и нерегуларности.

Роковникот предвидува листите на кандидати за пратеници полититичките партии и независните кандидати да ги достават до ДИК најдоцна до 11 ноември на полноќ. Изборната кампања започнува на 21 ноември, а завршува на 9 декември.

Од распишувањето на изборите стапија на сила и роковите кои се однесуваат на радиодифузерите и медиумите.

Би можело да ве интересира

ДИК со првичните официјални резултати: Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ прв со 2945 гласови, втор Јахиј од НАИ со 2152 гласа, течат роковите за приговори

Катерина Ѓуровски

ДИК: По пребројани 100 отсто од гласовите Радически од ВМРО-ДПМНЕ освои најмногу гласови, втор е Јахиј од НАИ

Предраг Петровиќ

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ прогласи убедлива победа во Брвеница, 4 спрема 1, СДС декласиран

Предраг Петровиќ

СДСМ за Брвеница: Пад на гласовите на ВМРО и раст на гласовите на СДСМ за 46%

Партијата „Вреди“ не обезбеди пласман во втор круг од предвремените избори за Брвеница

Предраг Петровиќ

Локални избори во Брвеница: Радически води со 1.145 гласови, пред Хусеини со 618