Дијалогот за платите треба да се води според мерливи показатели, а не според анкети – гувернерот по протестот на ССМ

Од:

Просечната плата во земјава во 2024 година пораснала номинално за 9,2 проценти, а реално за 5,1, додека очекувањата се инфлацијата во текот на годинава да не надмине 3 проценти, посочува гувернерот на Народната банка, Трајко Славески во објавен статус на социјалната мрежа Х.

Во осврт на протестот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за зголемување на минималната плата и на останатите плати, гувернерот нагласува дека е важно решенијата за растот на платите да се темелат на постојните законски рамки и на економски одржливи критериуми.

Славески потсетува дека Законот за минимална плата предвидува автоматско усогласување на минималната плата во март, врз основа на законски утврдена формула, при што е обезбеден праг од 57 проценти во однос на просечната плата. Во тој контекст, тој укажува дека меѓународните препораки, вклучително и оние на Меѓународната организација на трудот и Европската унија, упатуваат на значително пониски соодноси меѓу минималната и просечната плата.

Според гувернерот, социјалниот дијалог за платите треба да се води врз основа на објективни и мерливи показатели, а не врз основа на анкетни изјаснувања. Како клучни критериуми тој ги наведува зачувувањето на куповната моќ на работниците преку усогласување со инфлацијата, како и учеството на трудот во економскиот раст преку зголемена продуктивност.

Притоа, Славески појаснува дека корекцијата на платите треба да ја земе предвид и претходната инфлација, за да се надомести евентуалното намалување на куповната моќ, како и очекуваната инфлација, согласно прогнозите на релевантните домашни и меѓународни институции, со можност за дополнување со растот на продуктивноста на трудот.

Факт е дека платите во земјава бележат раст, а инфлацијата е под контрола. Затоа е неопходно преговорите за платите да се водат одговорно и врз основа на реалните економски услови, наведува гувернерот на Народната банка.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Славески призна дека Мицкоски одлучил за влезот на Алта банка, бараме итна истрага

Славески: Најдобрата опција е ова што го правиме – заштита на имотот и штедните влогови на граѓаните и продажба на „Алта банка“ АД Битола

А1он

Народна банка: Oд следната недела лимитoт за подигање готовина и плаќања се зголемува од 10.000 на 15.000 денари

А1он

Никола Мемов, Трајко Славески и Станка Трајкова: Пензионерите да бидат спокојни, исплатата на пензиите е приоритет

Горан Наумовски

Славески: Нема милионски одливи од „АЛТА банка“, трансакциите со Србија се редовни плаќања на клиентите

Народната банка воведува администрација во Алта банка Битола, неделниот лимит за плаќања ќе биде 10.000 денари

Горан Наумовски