Дежа ву!

Од:

Мора да признаам дека мојот престој во Молдова беше покорисен отколку што се надевав. Искуството од Македонија, за жал, ме научи со недоверба да гледам (и така да се однесувам) на сите иницијативи кои доаѓаат од централните власти во рамките на нешто што се нарекува „советодавна мисија“. Па, така, полна со сомнежи, заминав за Молдова.

На самиот почеток ме пречекаа невладините организации кои членуваат во една мрежа која се обидува да преговара со Владата при донесувањето на пристоен закон против дискриминацијата во Молдова. Впрочем, слично како и кај нас. Патем, да споменам дека Законот за заштита од дискриминација е дел од Акцискиот план што Молдова мора да го исполни за да добие визна либерализација од ЕУ. Значи, морковот е ем голем, ем сочен!

За жал, и овде како и кај нас, коалициската влада смета дека општеството се уште не е зрело за спроведување вистинска стратегија против дискриминацијата (како да ја слушав Лилјана Поповска), па коалиционите партнери се договараат, преговораат и смислуваат илјада и еден начин како да донесат закон по сечија мерка. Се изнаслушав глупости од типот „црквата не давала да биде спомената сексуалната ориентација“, дека наводно „законот за вработување содржел одредба според која оваа популација била заштитена при вработување и дека тоа е единственото нешто што Молдова морала да го гарантира“, дека збор „друго“ ја опфаќал и засегнатата популација, дека Ромите во Молдова биле сосема итегрирани во општеството и не морале да бидат споменати како посебна ранлива група итн.

За момент се запрашав дали јас воопшто отпатував од Скопје. Или тоа, или во Министерството за надворешни работи во Молдова мора да има некој ревносен ВМРО-овец од Македонија вработен како советник на министерот или на премиерот. И да бидам искрена, воопшто не ми се одеше на состоноци со Заменичката министер за надворешни работи, особено откако го дознав Соломонското решение на Владата – Законот да се викал Закон за еднакви шанси наместо Закон за заштита од дискриминација. Патем, Молдова има веќе Закон за еднакви можности меѓу мажите и жените.

И така следниот ден, со тешко срце, тргнав кон Министерството за надворешни работи на Молдова, потиштена и лута на себеси што се доведов во ситуација да морам по вторпат да го доживувам непријатното искуство на донесување на Закон за заштита од дискриминација кое многу наликува на македонското сценарио.

За среќа, се случи нешто сосема неочекувано. Средбата со Заменичката министерка за надворешни работи и нејзиниот тим беше вистинско освежување за мене. Не се сеќавам кога последен пат сум разговарала на темата европски интеграции со компетентни државни службеници и политички именувани лица. Овие луѓе се разликуваат од оние што досега ги среќавав по меѓународните конференции. Овие знаат што сакаат (да бидат дел од европската приказна) и се сосема свесни дека се впуштаат во една невозможна мисија (да бараат статус на потенцијална држава-кандидат за членство во ЕУ).

Според нив, Молдова е „слободна држава“ од неодамна, од 2009 година, откако се ослободиле од владеењето на комунистите. Секој добронамерен совет е добредојден… и Богами, умеат да слушаат! Подготвени се да работат колку што треба – а и повеќе отколку што треба – ако тоа ќе им ја приближи европската перспектива. Министерството е преполно со млади луѓе кои заинтересирано слушаат и компетентно разговараат за се што е можно и невозможно.

Заменичката, со извесна разочараност, информира дека Европската комисија советувала да не аплицираат за членство сега. И повторно сличности со Македонија! Се потсетив на 2002 и на 2003 година кога сите… ама баш СИТЕ… ја советуваа македонската влада да не аплицира за членство, бидејќи било прерано и наводно безбедносната ситуација во државата била чувствителна. Тогаш започна јавната дебата во државата за тоа дали треба да се аплицира за членство во ЕУ. Дебата траеше околу една година. Покрај меѓународната заедница, против се изјасни и тогашната опозиција (денешната Влада), а и голем број интелектуалци и универзитетски професори. Но, тогашната Влада реши сепак да аплицира, понесувајќи го товарот од евентуалната погрешна политичката одлука на свој грб со образложението дека „Македонија најдобро работи под притисок“!

Се покажа дека тогашната Влада имала право… Македонија одлично работи под притисок кога знае каде оди и кога има визија. Како да беше вчера се сеќавам на изготвувањето на првата Стратегија за европски интеграции кога над 300 луѓе бевме собрани во Метропол да ја го чешламе и подобриме нацрт-документот. Огромен број од луѓето таму беа припадници на ВМРО-ДПМНЕ… Едноставно, не беше важно од каде си, важно беше колку знаеш и дали можеш да придонесеш. Како никогаш досега се мобилизира целото општество и застана зад нешто во што искрено се веруваше – во подобра иднина на нашите деца!

Во тој период важеше правилото – колку повеќе работиш, толку повеќе расте твојата самодоверба. Отсекогаш сум верувала дека во рамките на поранешна Југославија, Македонија беше злоупотребена и на нејзина сметка другите републики цветаа. Добивањето статус на држава-кандидат во 2005 година го потврди моето чувство. Убедена бев дека дојдоа нашите 5 минути. Се променија силите, се сврте судбината. Ако во Југославија распоредот на силите беше: Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Македонија и последна Босна, сега веднаш по Словенија бевме ние… Македонците… три светлосни години пред Хрватска, а Црна Гора не постоеше како самостојна држава.

Денес, за жал, го доживувам болното будење! Се вративме таму од каде што макотрпно се трудевме да избегаме – на дното! Никогаш нема да му простам на Груевски што од нас направи непоправливи губитници кои никако да се одлепат од нула.

Нашиот премиер не може да разбере дека државата ја сочинуваме сите ние и дека реформскиот дух мора да се негува. Искрено му посакувам да оди и да ја посети Молдова… Верувам дека ќе научи нешто!

Лидија Димова

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска