Дневник на националната телевизија каде се критикуваат политиките на Владата. Политичко – дебатна емисија во која гостува министерот за финансии, а четворица опозициски настроени новинари “бараат влакно” во предлог – буџетот. Вицепремиерката за евроинтеграции се обидува да најде оправдување за евростагнацијата на отворена конференција за печатот. Звучи познато? Се разбира дека не, барем не во Македонија. Тоа што до 2006 година беше секојдневие, денес стана утопија. А можевме поинаку, и сé уште можеме…
На многумина ни беше смешно кога пред неколку години на телевизија се појави едно човече кое беше познато по мошне интересните радио преноси на фудбалски натпревари. Одеднаш, човекот стана политички аналитичар. Образование непознато, искуство сомнително, а ред се редат високи владини функционери. Со Никола си се на ТИ, со Илија како побратими. Си ставиле розови очила и си јадат ли си јадат бурек за преродбеничките политики на власта. Понекогаш перверзијата оди дотаму да гостите се поскромни и покритични од домаќинот.
Егзотика од новинарство!
Македонска класика претставува и дневникот во 19 часот на една позната телевизија со кратовско потекло. Водителот – Доктор на науки! Говори за позитивна рецесија, помалку помалку позитивни извештаи на Европската комисија и неодговорна опозиција која ќе го загрозела македонскиот евроинтеграциски процес. Небаре за последниве 7 години од непотпишан договор за стабилизација и асоцијација, датум ни донесоа. Основниот проблем на главниот и НЕодговорен уредник викан “Дракче” е што мисли дека со благородничка додавка по презимето ќе ја сокрие целата малограѓанштина собрана во него. Човекот мисли дека со титулата “Доктор на науки” ќе го сокрие ореолот на простотилук кој константно кружи над неговата глава. Ако се потпишува како “Фергусон”, не значи дека е Сер Алекс, повеќе потсетува на земјоделска механизација…
Македонските медиуми “крепат” и нус појави со долги побелени коси и уште подолги полициски досиеја. Личности кои сметаат дека имаат неприкосновено право да ги делат новинарите на патриоти и предавници. Да формираат листи за отстрел на луѓе со кариери на кои не им се ниту до колена. Да лечат сексуални фрустрации на колешки. Грубо и нецивилизирано да се служат со пцости и навреди и при тоа да се повикуваат на “јазикот на народот”. Да стигматизираат и анатемисуваат сé што не им е по ќеиф. А по ќеиф им е само Владата. Да не беше дегутантно, можеби ќе беше и смешно.
Во Македонија имаме и колумнистки кои целиот свој “опус” му го посветуваат на лидерот на македонската опозиција. Од страна погледнато, сето тоа личи како поведение на тинејџерка која е лудо заљубена во некоја недостижна филмска ѕвезда. Или пак, како некој страшен кошмар кој секојдневно ја прогонува во слатките зимски соништа. Многу е интересно да се погледне трансформацијата на нејзиниот некогаш најомилен и најперспективен политичар, во гробар на Македонија и целото македонско општество. Компулсивно – опсесивно однесување на некогаш славно новинарско име. Жално…
Македонскиот политички плурализам познава и Директор на центар за комуникации на владеачка политичка партија, кој јавно, на седница на собраниска комисија, му се заканува на колега пратеник дека “ќе го спружи на насловна”! Вистински пример за современа и развиена политичка комуникација, просто како од учебник.
Почитувани новинари, посебно вие помладите кои сте ми генерациски блиски. Во животот имате две опции. Првата опција ви е да се поистоветите со ликовите од погорните редови. Да бидете сончогледи, да дозволите да ви го газат професионалниот интегритет, или пак да ве купат за ефтини пари. Да бидете едноставна вилушка во нечија партиска кујна и да служите за една употреба. Но запомнете, тоа секогаш има краток рок на траење. Од друга страна, имате можност да бидете многу повеќе. Имате можност да бидете Катерина, Оливера, Васко, Ида, Стојан, Зоран. Борете се! Бидете седма сила, наместо седмо сметало. Вратете го сјајот и достоинството на македонските медиуми! Не дозволувајте да не обземаат тага и меланхолија за загубената слобода на медиумите во Македонија!
p.s. На сите православни христијани им го честитам Божиќ. Секогаш бидете насмеани и среќни, опкружени со своите најблиски. Имајте позитивни мисли за себе, но и за државата, бидејќи за државата се работи!
Иван Стефановски – Авторот е магистар по Уставно право