„DEPRESIA MACEDONICA“

Од:

Еднаш напишав дека во луѓето (читај во нас тука и сега) е замрен убавиот лаф, убавиот ниет а поради тоа и имаме кисмет онаков каков е! Клучот на сите нешта е во нас, решението ни е пред нос, ама катастрофата е во тоа што ние не гледаме подалеку од тој наш високо самобендисано кренатиот нос!…

Понатаму, напишав: Забораваме понекогаш на старите народни поговорки и реченици кои животна филозофија значат. Една стара народна филозофија вели дека сите ние еден ден ке завршиме како храна за црви без оглед на тоа кој сме, што сме, како се викаме, на која религија или етникум му припаѓаме и се останато.

Колку ли се останува релативно при помислата на една оваква народна филозофија. А, сите оние кои во моментот нема да се храна за црви туку живи и здрави створови кои ке држат во рацете читанка во која ја пишува историјата, ке додадат или одземат нешто во вид на приватна пишана историја која само ке ја дорелативизира материјата.

Македонија (демос) секогаш ке има свои херои кои ќе сакаат да се сместат во таа книга. Секогаш ке имаме шизици кои нешто започнале ама не довршиле. Ке се врти ли Македонија вечно во една иста историска “Агата Кристи” приказна во која некој “клет шпиун” (читај пак сопствен нож в грб) не дозволил да се тераат работите. Ќе ни биде ли вечно некој друг виновен, а ние ке се опеваме во песните кои ке звучат тажно елегично после неколку чаши вино?

Тешко тие црви нас што ке не “мезат”, напишав. Ке се испорасипаат, пролив ке ги фати. Ке почнат да се караат меѓу себе, да се двојат, тројат, да се ждерат меѓу себе, да се ништат. Од нашето ткиво ке се претворат во канибали, во мутанти. Не се тие виновни.

Храната си го чини своето. Чуден народ сме ние. Ми се проткајува една мисла од Петре М. Андреевски кој во својот “Пиреј” не нерекува со тоа име велејки дека сме како тоа растение, никнеме од ништо, не има секаде… Ех, под ова Сонце и камен да посадиш ќе никне. Арно, ама,… Зборот Македонија се проткајува по усните човекови дури и пред да се изусти името Христово.

Таа иста Македонија сеуште гради држава! Сеуште се врти во круг и се бори самата за себе си, но и со себеси. Да не се правиме наивни дека не сме сведоци на чаршиски муабети дека ако скоро Македонија не се оправи, може и да ја снема, да не постои!? Да се подели. Каков моронизам, изустен од биолошки единки кои јадат леб во државава, кои лицемерно гледаат секојдневно сеир како сопствената држава се гуши во историски чад што го “прдат” самите тие.

Каде е чувството на државност (emotio) на ниво на се што треба “pro Patria”? Каде ни е здравиот разум впрегнат во полза на државни интереси, “вишите идеи”? Каде е чувството на должност да се биде сериозен по секое прашање кога нешто е од историско, пресудно значење за иднината, за опстанокот, за пополнување на празните страници од читанката наречена историја. Имаме ли политичари кои секогаш со самото појавување се свесни дека еден ден ке бидат “бивши”, дека биле политичари затоа што требало така, а не затоа што моментот рекол дека дадено им е од Бога да се покажат и да го тргнат орото напред.

Да го сменат правецот на орото и да не се врти само во круг, туку да се разбранува кон напред. Додуша, слава им на бившите “некој и нешто”… покорисни се токму како бивши… барем служат за пример како се оди во историјата пред време!

Тешко е денес да не си барем малце депресивен доколку очите ти се ширум отворени и стварноста ја апсорбираш реално. Многумина ќе си го најдат местото под ова сонце кое дури и на бајракот го ставивме и симболизира тло полно со сонцевина за сите.. Не значи дека ако не се тепаш за власт… немаш што да и дадеш на државата. Токму затоа, ќе цитирам зборови на еден Албански интелектуалец, инаку, граѓанин на Р.Македонија, мој пријател, кој во една пригода рече дека: (цитирам)… отсуството на желба за борба за власт, не значи и аполитичнст!… дали е политичар тој што се бори за власт, или пак, тој што и мисли и работи за добро на земјата!?.. тој што носи знаење, умеење и маслиново гранче под пазуви? Најди го… дај му шанса… Не го прашувај за име… прашај го за ука!… а… будали имало… и ќе има!…

П.С. Приметувам многу несреќни луѓе во секојдневието. Луѓе кои се свесни кој е датумот, часот и векот, до каде е отидена технологијата и науката додека истовремено тие истите шетаат по улица Македонија а немаат пари да седнат на кафе. Сите глумат нешто а всашност во нив има чемер, јад, незадоволство. Чувството на лузер е многу болно. Како никогаш досега има курвалак, наркоманија, алкохолизам, комар… Не велам дека во другите и во развиените западноевропски земји го нема тоа, секаде има богати и сиромаси, туку мене ми е за друго зборот. Кај нас постои една колективна депресија во која биафричкото чувство во амбиентот на секојдневието создава гушење на духот, на креативноста, на надежта… некаква специфична депресија… „depresia macedonica”…

Агим Јонуз

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска