17 декември 2012
Погубена од својот татко затоа што била христијанка.
Еден од поголемите празници што нашиот народ ги празнува со домашни служби е и празникот на светата великомаченица Варвара. Повеќе села и топоними низ цела Македонија го носат нејзиното име што зборува за раширеноста на нејзиниот култ кај нас. Затоа што била христијанка ја погубил нејзиниот татко кој бил паганин на денешен ден 306 година.
Житието сведочи дека светата великомаченица Варвара потекнувала од феникискиот град Илиополе. Живеела во време на римскиот цар Максимилијан кога е вршен жесток прогон на христијаните. Мајка и рано починала, а татко и по име Диоскор, бил богат и угледен граѓанин, но бил паганин, кој строго ја воспитувал својата единствена ќерка. Изградил висока кула во која ја затворил, и и ги обезбедил сите задоволства. Ја служеле слугинки, и поставил идоли за поклонување и молење и изградил бања со два прозора. Додека станала полнолетна била целосно одделена од светот. Од високата кула ги гледала само далечните планини и огромните сини небесни пространства. Немала учители што би ја воспитале во благочестив христијански дух, но гледајќи низ прозорот по Божја промисла ги осознала Божјите благодети. Кога пораснала бидејќи била многу убава, а татко и многу богат, многу момчиња од угледни семејства ја побарале за невеста. Татко и и кажал дека и е време да се омажи, но таа му рекла да не и зборува за тоа. Тој очекувал дека со време и тоа ќе се случи.
Еднаш кога татко и требало да отпатува од градот за подолго време им наредил на слугинките да и дозволат да излегува и да се среќава со нејзини врснички. Мислел дека и таа откако ќе види дека тие се омажени ќе посака и таа да се омажи. Но таа се сретнала со некои христијанки кои подетално ја упатиле во тајните на христијанската вера. И зборувале за вистинскиот Бог Исус Христос кој слегол на земјата, зел човечка форма и претрпел многу страдања за спасение на човечкиот род. Сега срцето на девојката се исполнило со љубов кон вистинскиот Бог и таа посакала да стане христијанка. Тоа набргу се случило, откако во градот дошол од Александрија еден свештеник кој кога разбрал за нејзината желба веднаш ја крстил. Варвара побарала на бањата да направат три прозора како симбол на светото тројство: Таткото, Синот и Светиот Дух. За да ја освети бањата, со прстот направила крст на ѕидот, а крстот се врежал во мермерот како со железо издлабен. Потоа и од стапалката каде што згазнала потекла лековита вода од која многу болни нашле исцелување. Кога татко и се вратил од пат бил изненаден од тие измени, а таа му признала дека е христијанка и дека верува во единствениот Бог кој ги создал небото и земјата. Татко и бил изненаден, жестоко ја претепал и ја затворил во кулата. Во тоа време паганите верувале дека христијаните се малоумни и нечесни луѓе, зашто веруваат во оној што умрел на најсрамен начин, како најголемите разбојници распнат на крст.
Кога и по неколку дена не успеал ниту со ветувања, ниту со сила да ја убеди да се откаже од својата вера ја одвлекол кај управникот на областа Мартијан, за да ја казни. Му кажал дека се откажува од неа затоа што таа почнала да верува во Распнатиот. Мартијан најпрвин се обидел да ја убеди да се откаже од својата вера, да не се спротивставува на својот татко и да не се откажува од богатството што тој и го подготвил, но таа останала тврда во своето убедување. Кога го видел тоа управителот наредил да ја тепаат со воловски жили. Одвај жива ја однесле во затворот. Таму пак долго ја мачеле и тепале додека телото не и било покриено со рани и крв. Но преку ноќта и се јавил Исус со ангелите и ја излекувал. Кога следниот ден ја донесле кај управителот, таа целата светела од радост и убавина. Тој пак и понудил да им принесе жртви и да им се поклони на паганските богови, затоа што тие ја излекувале. Но Варвара му рекла дека не паганските богови туку ја излекувал Господ Исус Христос кој лечи секакви болести и на мртвите им дава живот. „Нему со благодарност му се поклонувам и му се принесувам за жртва”, му рекла таа. Потоа пак ја подложил на невидени маки, но таа со цврста вера сето тоа го истрпела.
Гледајќи го тоа една жена по име Јулијана посакала да биде исто така мачена. Кога видел дека не може да ги поколеба Мартијан ги осудил на смрт. Војниците им ги отсекле градите, а потоа ги потерале надвор од градот каде што требало да бидат погубени. Најпрвин таткото на Св. Варвара и ја пресекол главата, а потоа и Јулијана ја убиле војниците. Истиот ден Божјата казна ги стигнала и таткото на Варвара Диоскор и управителот Мартијан. И двајцата ги убил гром, а од нивните тела ништо не останало. Двете маченички ги погребал некој христијанин кој изградил и храм над нивните гробови.
Светата великомаченица Варвара настрадала во 306 година, а светата црква споменот на нејзиното име го празнува на 17/4 декември. Нејзините мошти се наоѓаат во Киев, а светото предание сведочи дека таа повеќе пати се јавувала некогаш сама некогаш со Пресвета Богородица.
Празникот на Светата великомаченица Варвара народот најчесто го поврзува со заварување (затекнување), варење и сл . Поради тоа и обичаите и верувањата што се изведуваат на тој ден се во таа насока.
Култот на Светата маченица Варвара особено популарен бил во Разлошко каде што се верува дека таа била од овој крај и дека тука настрадала. Овде се изведуваат интересни обичаи, се празнува со собири и панаѓури. Тогаш девојките и момчињата се облекувале во специјална облека, со специјални капчиња на главите оделе кај црквата Света Петка над селото, тамо играле и пееле, а потоа се враќале и во групи, ужинале во некоја куќа каде што специјално за нив се готвела храна. Потоа пак играле и пееле повеќе обредни песни меѓу кои и „С’вета Варвара букосава Свети Никола”.
Споменот на Светата маченица Варвара во Разлошко се празнувал и во средата по Велигден кога мноштво народ се собирал кај месноста Света Варвара два километри подалеку од селото Елешница на реката Места каде што има топла вода. Тамо се собирал народ од соседните села и се правел панаѓур.
Останало запишано дека на 4 декември луѓето се собирале кај изворот со топла и лековита вода да се измијат за здравје и исцелување од секакви болести. Од 1850 година ова празнување било пренесено на средата по Велигден зашто во зима било студено, со снег.
Инаку, преданието вели дека Светата маченица Варвара потекнувала од овој крај и тука страдала. На местото каде што е убиена излегла вода со црвеникава боја за која се смета дека е од нејзината крв.
Во Радовиш на овој ден подготвувале пченка за варење за да се заварат (затечат) бучуци жито. Во овој крај со Варвара бил поврзан обичајот „полазувајне” што се среќава и во други краишта на Македонија, иако во некои места овој обичај е поврзан и со некои други празници. Имено тој прв што ќе влезе во куќата наутро се вика „полезник”. Се смета дека е добро тој да е човек со „лесен полез” поради што поканувале луѓе што ги сметале за среќни први да дојдат наутро и да бидат полезници. Полезникот носел неколку сламки и велел: „Дујде Света Варвара сус гуденца, сус пиленца, сус детенца, и бериќет – здравје и ксмет да имате во куќата”. Полезникот го честеле со кафе, слатко и др. а му давале и пари.
Обичаи поврани со полезник се изведувале и во Гевгелиско каде што овој обичај се изведувал на Мартинци. Освен тоа домаќинката мешала повеќе житни култури (пченка, јачмен, овес, просо и др.) ги варела и им ги давала на кокошките да им се разварат цревата и да несат повеќе јајца во текот на годината.
Варење жито на овој ден среќаваме и во Кумановско. Овде најчесто во ѓезве вареле пченка и пченица (мешан бериќет) и сите од куќата каснувале утрото пред да одат на работа. Тоа се правело за да не се запече полето да биде влажно како водата во ѓезвето и да тера бериќетот. Истиот ден се јадел варен грав за да не го тепа град полето. Во Велешко верувале дека од Варвара до Игнат денот се кревал колку врв од игла, а од Игнат до Васил пак како врв од игла.
Очигледно е дека култот на светата маченичка Варвара е доста раширен во Македонија. За тоа зборува и фактот што многу семејства овој ден го имаат за домашен празник и го празнуваат со домашни служби.
Тропар за Света Варвара
Света Варвара да ја почитуваме, зашто ѓаволските мрежи, сечесната, ги искина и како птица од нив се ослободи со помошта и оружјето на Крстот.
(Подготви Марко Китевски)