Православните верници денеска го празнуваат Духовден, еден од најзначајните празници во христијанската вероисповест.
Духовден се празнува три дена, а првиот ден од празникот секогаш е во недела. Овој ден се вика и Педесетница затоа што се празнува педесет дена по Велигден. Се смета и за роденден на Христовата црква, а се нарекува уште и Света Тројца зашто на едно место се јавуваат Таткото, Синот и Светиот Дух. Со одобрение на Богот-Таткото се исполнило ветувањето на Богот-Син дадено пред апостолите дека ќе им го испрати Светиот Дух. Слегувањето на Светиот Дух врз апостолите се смета за основање на Христијанската црква.
Во народното верување овој празник се поврзува со душите на умрените. Се верува дека од Велигден до Духовден душите на умрените се слободни. Се вели уште и дека на Духовден мртвите разговарале па кој сакал да ги чуе, да го ставел увото на некој гроб ќе слушнел како шепотат како пчели кога брмчат.
Бидејќи душите на починатите се слободни овој период, според народните верувања, нивните блиски им прават гозби на местата каде се погребани. Овие ритуали се практикуваат особено вечерта на преминот од Задушница во Духовден, односно ноќта помеѓу сабота и недела.
На Духовден се раздава „за душа“. Тоа се прави и за да се задоволат мртвите зашто пред да бидат затворени треба да бидат убаво нахранети. Поради тоа човек не смее ништо да јаде додека не раздаде нешто за „за душа“.